„Бауер“ соработува со владини институции, а го реновира и обвинителството на Ислам Абази!

Како поранешниот градоначалник на Чаир и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, реагира на прозивките од поранешната партија за средствата одлеани кон градежната фирма „Бауер БГ“ и уште една компанија со ист газда - „Енергоинвест Трејд“, за кои своевремено пишуваше „Фокус“?

by Фокус

Откако ДУИ побара надлежните институции да испитаат како поранешните партиски функционери Изет Меџити и Висар Ганиу преку општина Чаир исплатиле 16 милиони кон „Бауер БГ“ и уште една фирма со ист сопственик – „Енергоинвест Трејд“, прво реагираше Ганиу дека сите тендерски постапки се спровеле законски и транспарентно, а за истите напади се огласи и Меџити во интервјуто за најновиот број на неделникот „Фокус“.

Тендери за поврзани компании „влегоа“ во битката на ДУИ со одметнатите Меџити и Ганиу!

Се работи за проект пред повеќе од 10 години, за плоштад Скендер-бег. Парите ги пушта владата на наменска сметка во Чаир како наменски средства кои не можат да се искористат за нешто друго и на тендерот тогаш добива „Бауер“. Ако е проблем, прашувам зошто и оваа година има 6 тендери добиено од МОН каде е кадар на ДУИ? Плус, 6 милиони евра имаат добиено од владината служба за општи и заеднички работи. Дополнително, го реновираат и објектот на Ислам Абази рече Меџити во интервјуто.

Изет Меџити: ДУИ забега и се претвори во мафијашки клан, кој владее со казино-бизнисот, лихварството и со дрогата!

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Бауер“ во септември годинава склучил договор со Обвинителството за организиран криминал на Абази за градежни објекти вреден 3,6 милиони денари. Покрај тоа, фирмата годинава добила тендер од владината служба за општи и заеднички работи за реконструкција на поранешниот објект на Комерцијална банка во вредност од над 400 милиони денари. Лани, пак, склучила договор тежок над 500 милиони денари за нова зграда на Агенцијата за храна и ветеринарство итн.

Инаку, прво албански медиуми, условно кажано, го подготвија теренот, пишувајќи за тендери што ги добивала познатата градежна компанија „Бауер БГ“‘ од Општина Чаир, чиј градоначалник Ганиу исто така беше дел од „огнената фракција“ во ДУИ и на крај му се приклучи на Меџити во новата партија – Демократско движење. Веднаш потоа, се огласи ДУИ со барање институциите да ги испитаат овие договори за јавна набавка.

Во однос на тоа, реагираше чаирскиот градоначалник Ганиу, кој истакна дека ДУИ ги става на тапет сите оние кои мислат поинаку, но, како што порача, тоа нема да му помогне да ги сокрие сите коруптивни скандали и гревовите направени кон албанскиот народ. Патем, тврди дека сите тендерски постапки се спровеле законски и транспарентно.

Што се однесува до градежната „Бауер БГ“, „Фокус“ во неколку наврати досега пишуваше за тендерите што ги добива оваа компанија, која стана позната за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога, пред се, имаше плодна соработка со Град Скопје додека градоначалник беше Коце Трајановски.

Притоа, карактеристично беше тоа што компанијата склучуваше многу вредни договори откако на тендерот испаѓаше најповолен понудувач со најниска цена, но често конечната цена на крајот растеше, како резултат на дополнителните анекс-договори. Како и да е, и по политичките промени компанијата продолжи да добива тендери и така е до ден денес.

По промената на власта, „Бауер“ соработуваше со Град Скопје, како и со скопските општини Гази Баба и Чаир. Така беше сѐ до моментот кога фирмата по вторпат доби едногодишна забрана за учество на тендерски постапки поради издадена негативна референца.

Како што веќе пишувавме, компанијата прво доби негативна референца од Јавното претпријатие за државни патишта, бидејќи не го потпишала договорот за јавна набавка откако веќе била избрана за најповолен понудувач за изградбата на мост во Охрид.

Сепак, успеала во судска управна постапка да ја поништи референцата. Набргу потоа, заработи уште една негативна референца од Министерството за образование, поради непочитување на договорот за изградба на училиште. Оваа референца и забрани на компанијата пристап до јавни набавки во рок од една година.

Меѓутоа, нејзините сопственици Благој Димитров и Горан Димитров почнаа да учествуваат на тендери преку друга компанија – „Енергоинвест Трејд“, основана во далечната 1996 година како компанија за трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки, за во 2014 година да ја смени приротетната дејност во изградба на станбени и нестанбени згради.

Неделникот „Фокус“ пишуваше дека Димитрови преку оваа компанија добиле неколку тендери, од кои се издвојуваше оној од Агенцијата за млади и спорт за изградба на затворени училишни базени вредни над 3 милиони евра. Иако двајца членови на Комисијата за јавни набавки нотирале дека понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена, сепак мнозинството одлучило поинаку.

АРХИВА: Газдите на „Бауер“ преку друга фирма добија милионски тендер за базени!

Веднаш по истекот на забраната за учество на тендерски постапки, објавивме сторија како „Бауер БГ“ склучи и договор од 146 илјади евра со истата институција за изградбата на кошаркарски игралишта, и тоа по вторпат, откако првиот пат постапката била поништена поради наводна аритметичка грешка.

АРХИВА: Како „Бауер БГ“ најмногу профитираше од изградба на баскет-игралишта?

Во меѓувреме, на „Бауер БГ“ и истече негативната референца, но повторно „падна во проблеми“, откако нејзиниот управител беше осомничен поради зделката за изведба на владината фасада. И покрај истрагата, пишувавме дека компанијата пак продолжи да работи на јавни проекти.

Додека управителот е под истрага, „Бауер“ доби уште еден вреден тендер од Град Скопје!

Пред повеќе од една година, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за реконструкцијата на фасадата на објектот на Владата, како дел од проектот „Скопје 2014“. Поточно, со истрагата беа опфатени четири лица, меѓу кои поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, но и управителот на фирмата „Бауер БГ“, која беше ангажирана за изведбата на фасадата во вредност од 17,7 милиони евра.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости