АРХИВА: Газдите на „Бауер“ преку друга фирма добија милионски тендер за базени!

by Фокус

Текстот е објавен на 27 февруари 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1273.

Градежната компанија „Бауер БГ“ деновиве повторно стана актуелна во јавноста, откако доби драконска казна од 88.000 евра за истурање на градежен шут во депонијата Вардариште.

Се работи за фирма која стана позната за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога доби многу големи тендери, пред се од Градот Скопје на чело со Коце Трајановски, но соработката продолжи и откако „градски татко“ стана Петре Шилегов, се до моментот кога фирмата по вторпат доби едногодишна забрана за учество на тендерски постапки.

Како што своевремено пишуваше неделникот Фокус, сопствениците на друштвото поседуваат уште една компанија – „Енергоинвест Трејд Глигор“, со која во меѓувреме успеале да добијат тендери во вкупна вредност од 5,5 милиони евра, при што најголем е оној од Агенцијата за млади и спорт за изградба на затворени училишни базени тежок над 3 милиони евра.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од главните причините за ниското ниво на развој на спортот во генерална смисла е слабата спортска инфраструктура. Со други зборови, македонските спортисти најчесто не можат да постигнат максимални резултати поради тоа што имаат лимитирани услови за работа.

Односно, во земјава постои дефицит на современи и модерни спортски игралишта, сали, терени, од причина што се поретко се градат нови, додека постоечките се запуштаат, па дури и целосно пропаѓаат.

Од таа гледна точна, ништо подобра не е ниту ситуацијата во пливачкиот спорт. Севкупно земено, моментално во цела држава постојат околу 20 отворени базени, од кои поголем дел не се опремени со филтерстаници и воедно не располагаат со потребната опрема за спорт и рекреација.

Со оглед дека овие базени ефективно работат 2-3 месеци годишно, од особена важност се затворените базени, какви што сега има десетина во цела земја. Патем, само два од нив важат за современи базени, додека само еден е со олимписки димензии.

Имајќи ја во предвид ваквата состојба, СДСМ уште пред да дојде на власт после парламентарните избори во 2016 година се обврза дека во неколку урбани центри ќе изгради затворени пливачки базени, со, како што се наведува во изборната програма „План за живот“, стандарди и содржини за пливање и ватерполо.

Во таа насока, во Програмата на Владата што до неодамна ја предводеше Зоран Заев, меѓу другото, се наведува дека приоритет на ова поле ќе биде развојот на спортот во училиштата и универзитетите, со цел пораст на граѓаните што спортуваат од 2 на 20 проценти.

За да ја спроведе оваа заложба, Владата неодамна влезе во процес на реализација на најголемиот капитален проект во пливањето, откако на седница оддржана во април минатата година беше донесена одлука за изградба на 14 пливачки базени.

Притоа, во периодот до 2022 година треба да се изградат затворени базени во општините Штип, Чаир, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Тетово и Кичево, кои, пак, имаат обврска да изберат локација и да обезбедат одобрение за градба.

Врз основа на тоа, владината Агенција за млади и спорт спроведе тендерска постапка за спроведување на првата фаза од зацртаниот проект, која предвидува изградба на 6 пливачки базени во 5 градови во Македонија.

Во рамки на постапката, на почетокот на месецов беа склучени договори со две градежни компании во вкупна вредност од 244 милиони денари, или скоро 4 милиони евра. Една од нив, како што открива Фокус, е во сопственост на газдите на добро познатата „Бауер БГ“, која речиси цела година има забрана за учество во тендерски постапки.

ЛАБАВИ УСЛОВИ ЗА ИЗВЕДУВАЧ

Агенцијата за млади на спорт, предводена од претседателот на младинската организација на социјалдемократите Дарко Каевски, ја отпочна постапката за изградба на шесте базени во ноември минатата 2019 година, што значи дека огласот за оваа набавка бил објавен половина година по владината одлука за реализација на проектот.

А, целокупната постапка била финализирана на почетокот на месецов, кога всушност биле склучени договорите со избраните изведувачи. Впрочем, тоа се случува во период кога функционира техничка влада за спроведување на избори, кои треба да се оддржат во април.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа постапка за изградба на затворени базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Тетово, Кичево и Битола била поделена на 5 дела, односно лота, со оглед дека секој базен се тендерирал како посебен дел, со исклучок на базените во двете скопски општини, кои биле групирани во еден лот.

Практично, за секој дел се спровела посебна постапка, односно за секој лот се оддржала посебна електронска аукција, по која за најповолен понудувач бил избран економскиот оператор што доставил најниска цена.

Од тендерската документација произлегува дека право на учество имала секоја компанија регистрирана за дејноста поврзана со предметот на набавката. За да се квалификува, економскиот оператор мора да има најмалку 50 милиони денари приходи во последните три финасиски години заедно (2016, 2017 и 2018 година), што претставува една четвртина од вредноста на набавката.

Доколку компанијата работи помалку од 3 години, пак, овој релативно низок праг за минимален обрт на средства не важи, туку во таква ситуација се упатува на одредбата која се однесува компанијата да има соодветна дејност.

Во рамки на оваа набавка, договорниот орган поставил и услов кој предвидува заинтересираните компании во последните 5 години да имаат изведено најмалку 3 објекти од втора категорија со вредност поголема од 6 милиони денари, како и да располагаат со најмалку 10 лица во редовен работен однос.

Покрај останатото, она што е експлицитно истакнато во критериумите за избор на најповолен понудувач, е дека право на учество нема „економскиот оператор кој има една или повеќе негативни референци, групата економски оператори во која членува економски оператор кој има негативна референца“.

На крајот, АМС склучила договор со две компании, меѓу кои друштвото со седиште во Желино „Еуровиа“, кое ќе го гради базенот во Тетово за скоро 705 илјади евра. Но, најголем дел од колачот добила скопската фирма „Енергоинвест Трејд Глигор“, која ќе ги гради базените во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево за сума од 3,2 милиони евра.

Според податоците што ги обезбедивме, оваа компанија е во сопственост на газдите на „Бауер БГ“, која веќе една година има негативна референца, откако не реализирала навремено договор за јавна набавка склучен со друга институција.

ПОДЕМ ЗА ВРЕМЕ НА „ПРЕРОДБАТА“

Податоците од Централниот регистар говорат дека „Енергоинвест Трејд Глигор“ е формирана во далечната 1996 година како компанија за трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки. Историјатот на промени покажува дека фирмата неколку пати го менува основниот предмет на работа.

Tака, низ годините нејзина претежна дејност била одгледување на житни растенија и други посеви, како и претовар на товар. Дури во 2014 година, приротетна дејност на компанијата станува изградба на станбени и нестанбени згради, каква што е потребна за тендерот за изградба на базени, ама и други тендери од сличен карактер.

Веднаш откако компанијата формално се преориентира кон градежништвото во текот на 2014 година, нејзини единствени сопственици стануваат Горан Димитров и Благој Димитров. Инаку, се работи за лица кои истовремено се сопственици и на далеку попозната градежна компанија – „Бауер БГ“.

Патем речено, тековните состојби на двете компании покажуваат дека тие моментално имаат седиште на иста адреса, поточно на Илинденска во центарот на Скопје.

Како што многупати пишувавме досега, работата на „Бауер БГ“ несомнено се доведува во корелација со ВМРО-ДПМНЕ, и, пред се, со Коце Трајановски. Имено, компанијата првите тендери ги доби од скопската општина Гази Баба во време кога градоначалник беше токму Трајановски.

Кога тој беше избран за градоначалник на Скопје во 2009 година, пак, „Бауер БГ“ со засилен интензитет почна да добива тендери и од најголемата единица на локалната самоуправа.

Во таа насока, базата на податоци за јавни набавки на општините, изработена од Центарот за граѓански комуникации, Градот Скопје и општините на национално ниво само во 2016 година потрошиле вкупно 142 милиони евра.

Според вредноста на склучените договори, „Бауер БГ“ избива на високото второ место на оваа листа, имајќи предвид дека добила 33 тендери во вкупна вредност од 7,3 милиони евра. Дури 17 од овие 33 тендери, компанијата ги добила од Градот Скопје на чело со Трајановски, чија вредност изнесува 2,4 милиони евра.

Во тој контект, треба да се посочи дека карактеристично обележје за оваа соработка беа анексите за дополнителни и непредвидени работи, со кои компанијата честопати од најповолна понуда на крајот ќе испаднеше најскапа солуција.

На пример, „Бауер БГ“ своевремено го доби тендерот за реконструкција на булеварот „Теодосиј Гологанов“ со понуда од 1.357.000 евра, или за 16.000 евра помалку од конкурентската понуда. Арно ама, 8 месеци подоцна Градот преку анекс на компанијата и исплаќа уште 187.000 евра за замена на канализациските цевки и нова траса на водоводната мрежа.

СОРАБОТКА И ПОСЛЕ ПРОМЕНИТЕ

И покрај оваа очигледна спрега, „Бауер БГ“, продолжи да добива јавни зделки и после политичките промени на централно ниво, но и по промената на локалната власт речиси во цела земја.Колку за потсетување, веднаш по промената на власта на локално ниво на изборите во 2017 година, оваа компанија заработи негативна референца од страна на Државното претпријатие за државни патишта.

Според претпријатието, компанијата не го потпишала договорот за јавна набавка откако веќе била избрана за најповолен понудувач за изградбата на мост на реката Коселска во Охрид.

Според информациите до кои дојдовме, „Бауер БГ“ одлучила да ја оспори ваквата одлука пред Управен суд, кој пресудил во корист на компанијата-жалител, аргументирајќи дека непотпишувањето на договорот не е вина на компанијата.

Потоа, јавното претпријатие ја повторило тендерската постапка, но овојпат за најповолен понудувач не бил избран „Бауер БГ“, туку второпласираната компанија од првата постапка – „Синтек“, која склучила договор во вредност од 156 илјади евра. Сепак, судската одлука ја анулираше негативната референца за „Бауер БГ“, по што можеше да учествува и да се натпреварува на други тендерски постапки.

Во меѓувреме, „Бауер БГ“ најмногу соработуваше со Градот Скопје, како и со скопските општини Гази Баба и Чаир. Еден од најголемите договори за јавна набавка компанијата го склучила во март минатата 2019 година со Градот на чело со Петре Шилегов, за изградба на првата фаза од булеварот АСНОМ.

Вредноста на овој тендер изнесува 915 илјади евра, што е за над 270 илјади евра помалку од проценетата вредност на тендерот. Првично, оваа компанија била второрангира, меѓутоа на електронската аукција во конкуренција на уште 3 компании, понудила најниска цена.

Безмалку во ист период кога е склучен овој договор, „Бауер БГ“ добива уште една негативна референца, која ѝ забранува да учествува во тендерските постапки од март минатата до март оваа година. Од Бирото за јавни набавки не информираа дека референцата е изречена од страна на Министерството за образование и наука, поради неквалитетно извршување на работите.

Воедно, од Бирото појаснуваат дека референцата е изречена во последен миг додека важел стариот Закон за јавни набавки,а новиот закон кој стапи на сила од април предвидува шесмесечна (двојно пократка) забрана при активирање на банкарската гаранција и прекршување на изјавата за сериозност.

Во врска со тоа, од МОН нѝ одговорија дека негативната референца за „Бауер БГ“ ја издале поради тендерот за изградба на Основното училиште „Димитар Македонски“ во Општина Аеродром, за што склучиле договор со компанијата во мај 2017 година во износ од околу 915 илјади евра.

Иако рокот за реализација на овој проект е 13 месеци, односно до јуни 2018 година, како што истакнуваат од министерството раководено од Арбер Адеми, компанијата досега реализирала само 20 отсто од договорот. Од таму додаваат дека компанијата не ги почитувала роковите од договорот и не доставила навремено барање за склучување на анекс за продолжување на рокот.

ЕДНОГОДИШНА ЗАБРАНА

Откако „Бауер БГ“ добил забрана за учество на тендерски постапки поради потфрлување при изградбата на ОУ „Димитар Македонски“, компанијата склучила уште еден помал договор со Град Скопје за реконструкција на дел од „Димитрија Чуповски“ во вредност од 73 илјади евра.

Оттогаш, оваа компанијата е надвор од јавните набавки, но затоа другата компанија на Благој и Горан Димитрови – „Енергоинвест Трејд Глигор“, добила над 20 тендери од 2018 година досега , чија вкупна вредност изнесува околу 5 и пол милиони евра.

Конкретно, компанијата соработувала со општините Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Боговиње, Брвеница и други главно за изведба на патна инфраструктура. Сепак, убедливо највисокиот договор „Енергоинвест Трејд Глигор“ го склучил со Агенцијата за млади и спорт за изградба на петте пливачки базени.

Од АМС не известија дека на јавното отворање биле доставени вкупно 14 понуди, при што 4 понуди не се квалификувале за понатамошно учество во постапката поради формални недостатоци, односно неисполнување на условите за квалитативен избор.

На тој начин, додаваат од таму, 10 понудувачи биле поканети да учествуваат на електронската аукција, на која „Енергоинвест Трејд Глигор“ поднела најниска цена, со исклучок на еден од деловите, каде победила „Еуровиа“.

Извештајот од спроведената постапка што нѝ го доставија од Агенцијата, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, открива дека една од дисквалификуваните компанија била етаблираната австриска компанија „Страбаг АГ“, со образложение дека документацијата ја потпишале со невалиден дигитален сертификат.

Исто така, во текот на постапката елиминирани биле и „Бонор-Инженеринг“ од Скопје, „Панел-М“ од Тетово и „МН-АС Констукцион“ од Струга, поради тоа што не ги исполнувале условите во делот на неопходниот број на вработени и стручен кадар.

Меѓу оние компании го минале евалуацискиот филтер и стасале со аукција, пак, се: „Фабрика Карпош“, „Алдинг Инжинеринг“, „Жикол“, „СВ Инвест“ (заедно со „Стентон“ како подизведувач) итн.

Интересно е тоа што струшката компанија која била елиминирана од постапката за шесте базени, моментално ја врши реконструкцијата на затворениот базен во Струга, врз основа на договор склучен со Агенцијата во октомври минатата 2019 година во износ од 487 илјади евра.

Паралелно со тоа, се гради затворен базен во Охрид, кој започна многу одамна, меѓутоа изведбата неколкукратно се пролонгира поради лошо проектирање, што резултираше со избивање на вода. Изведувач на овој проект е токму „Бауер БГ“, која, според неофицијални сознанија, се уште се соочува со потешкотии да ги фати роковите и за овој објект.

Експертите што ги консултиравме велат дека во случајов нема класично законско прекршување, но постои очигледно заобиколување на легислативата, која пропишала правила со цел исклучување на компании од тендерските постапки на определено време, за да ги санкционира и дисциплинира доколку не го почитувале договорот што го потпишале.

Иако исти луѓе направиле пропуст со еден субјект („Бауер БГ“), тие во суштина не ја чувствуваат забраната и казната, бидејќи остануваат активни на сцената со друг субјект („Енергоинвест Трејд Глигор“), со кој настапуваат и продолжуваат добиваат тендери.

 

Енергоинвест Трејд“
НАШАТА ПОНУДА НА АУКЦИЈАТА СЕ НАМАЛИ ЗА СКОРО 2 МИЛИОНИ ЕВРА

Од „Енергоинвест Трејд Глигор“ на Горан и Благој Димитрови велат дека на тендерската постапка за изградба на базени се натпреварувале за сите 6 дела, со тоа што, според писмениот одговор што нѝ го испратија, на електронската аукција постигнале цена која била за 111 милиони денари или 1.8 милиони евра пониска од првата понуда за сите 6 базени.

Енергоинвест Трејд“ учествуваше на сите 6 дела/лота од тендерската постапка за изградба на 6 пливачки базени спроведена од страна на Агенција за мади и спорт. Вкупната цена на нашата понуда, вклучувајќи ги сите трошоци и попусти без ДДВ изнесуваше 281.388.971 денари. На електронската аукција како последна фаза од постапката, по пат на електронско негативно јавно наддавање, во конкуренција со 14 понудувачи, цената на нашата понуда се намали на 170.090.292 денари без ДДВ за 5 базени“, велат од компанијата, додавајќи дека во најголем дел планираат да користат сопствени ресурси при изведба.

Од таму тврдат дека „Бауер БГ“, која работи на поголеми проекти претежно од нискоградба, добила негативна референца од Министерството за образование и наука без законски основ, поради што компанијата повела постапка Управен суд за утврдување на законитоста на причините за нејзиното издавање.


Елмедин Адеми, „Еуровиа“
ДАДОВМЕ МАКСИМАЛНО НИСКИ ЦЕНИ, ЦЕЛАТА ПОСТАПКА БЕШЕ ЗАКОНСКА

Целата процедура во постапката за изградба на 6 пливачки базени се одвиваше прописно и согласно одредбите и начелата на Законот за Јавни набавки, вели Елмедин Адеми, управителот на компанијата „Еуровиа“, која ќе го гради базенот во Тетово.

Интересот за ова набавка реално се виде од самото јавно отворање во кое имаше значително многу фирми што имаа доставено понуда. Во законски одредениот рок за евалуација, бевме повикани за учество на електронска аукција. За време на аукцијата, според наши пресметки, дадовме максимално ниска цена која ја проценивме како и најсоодветна. Нашата понуда излезе да биде и најниска за делот 4, односно за затворен базен во Тетово, а воедно да биде и во рамки на буџетот предведен за овој проект – вели Адеми, кој е сопственик на АДЕЛ Холдингот, кој, пак, се јавува како сопственик на Еуровиа.

Првиот човек на компанијата-изведувач на проектот – „Еуровиа“, додава дека добиваат соодветна поддршка од Агенцијата како инвеститор, но и од означениот надзор, потенцирајќи дека не очекува моменталниот позитивен тек на работите да добијат непосакуван правец за време на изведбата.


Разногласие во Агенцијата за млади и спорт
ЗА КАЕВСКИ ПОСТАПКАТА Е ТРАНСПАРЕНТА, ДВАЈЦА ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ПОБАРАЛЕ ПОНИШТУВАЊЕ

Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, во телефонски за Фокус вели дека големиот интерес што се пројавил за изградба на шесте базени е исклучително битна, бидејќи, според него, тоа ја зголемува транспареноста на постапката и овозможува заштеди преку конкурентен натпревар.

Избраните понудувачи доставиле најниски цени, кои се значително пониски во споредба со другите – вели Каевски, додавајќи дека двете компании при поднесување на понудите доставиле известување дека нема да користат потизведувачи.

Извештајот од спроведената постапка што нѝ го доставија од Агенцијата соддржи и забелешки од двајца од петмината членови на Комисијата, што ја спровела оваа јавна набавка.

Меѓу нив и од претседателот Борче Митков, кој посочил дека понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена во државниот буџет за 44 милиони денари во споредба со проценетата вредност на набавката и средствата обезбедени со одлуката за јавната набавка во износ од 200 милиони денари.

Со дообезбедување на средства се ставаат во понеповолна положба сите учесници во постапката, а доколку понудените цени за изградба на 6 пливачки базени се реални со пазарните, тогаш се поставува прашањето зошто е згрешена проценетата вредност на набавката“, навел Митков во забелешката, кој заедно со уште еден член на Комисијата побарале поништување на постапката.

Во однос на тоа, Каевски вели дека нема ништо спорно, појаснувајќи дека дополнителните 44 милиони евра ги обезбедила Владата, со цел изградба на 6 базени за 244 милиони денари, што, забележува првиот човек на Агенцијата, е помалку од средствата што неговите претходници ги потрошиле за само еден базен во Охрид.

Поврзани новости