Јанева инсистира јавно да се пуштат снимките на Кичеец: Баш тие снимки кога нудат поткуп не сакате да ги изведете!

by fokus

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева по завршувањето на денешното рочиште за “Рекет”  побара јавно да се презентираат две снимки од Зоран Милевски Кичеец, а за кои обвинителството најави дека ќе бара јавноста да биде исклучена.

Според обвинителката Вилма Русковска јавноста треба да биде исклучена поради тоа што има приватни разговори меѓу Кичеец и Боки 13, а според Јанева пак од нив ќе се чуе како  Орце Камчев нуди поткуп за да се спаси од истрагата за „Империја“.

-Од снимките се виде дека никој не разговарал за рекет кога бил во притвор Орце Камчев, а во делот кога нуделе поткуп баш тие разговори не сакате да ги изведете. Од таму почнува приказната за мојата одбрана и мислам дека ми е нарушено правото што не се дозволува да се изведат, рече Јанева.

Утре ќе биде познато дали судот ќе дозволи јавноста да остане во судница и да ги чуе овие разговори, или ќе се слушаат зад затворени врати.

Две од снимките кои тајно ги снимал Кичеец беа презентирани јавно, но за разлика од оние кои ги снимал Камчев, беа со послаб кавлитет, односно неразбирливи во целост за јавноста.

Се слушаа гласовите на Боки 13, на Кичеец и Ана Камчева, која во еден момент вели дека ќе му дадат на Јовановски 250.000, а Кичеец и вели дека за него не е проблем и дека ќе успее да му ги земе назад.

В.В.

 

Поврзани новости