Ивановска за непотизмот: Јавни претпријатија во долгови, а имаат прилив на нови вработени

by fokus

Резултатите од истрагите за непотизам ќе бидат поразителни, вели во интервју за Civil Media претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Таа појаснува дека најголемиот проблем е во системот кој овозможува нови вработувања во државните институции, и тогаш кога нема потреба.

-Не е дека тие вработувања се извршиле спротивно на закон. Убедена сум дека сите нашле некаква законска рамка. Меѓутоа, она што во пошироки рамки го предизвикува проблемот е што се градел еден таков систем со години наназад, којшто отвора и ќе отвора, без разлика дали има потреба или не, нови работни места. Од некои истражувања што досега ги прочитав и направив во јавни претпријатија, коишто, иако работат со загуба, имаат прилив на нови вработени. Јавните претпријатија со здрава економска логика треба да носат профит во претпријатието и воопшто во државата. Не треба јавно претпријатие, кога работи со загуба, да го зголемува човечкиот капацитет – вели Ивановска.

Таа посочува пример со јавно претпријатие што е должник на УЈП, и кое има неподмирени обврски кон државата, но каде има нови вработувања. Според Ивановска системот е таков што сам по себе генерира непотизам.

-Ако направиме една функционална анализа и видиме какви се реалните потреби на едно јавно претпријатие да ја остварува својата основна цел и да го задоволи јавниот интерес, тогаш ќе видиме колкава е реалната потреба од вработени лица. Една таква анализа ќе покаже дека голем број вработени не треба да припаѓаат во одредено јавно претпријатие. Нашите резултати ќе покажат и дали имало или немало одредено влијание при вработување. Но, од друга страна, мислам дека целото општество, целата држава треба малку подлабоко да се занимава со проблемот затоа што има длабоки корени – порачува првата антикорупционерка.

Таа додава дека треба да се има силна политичка волја, висока општествена свест, за да се направи една целосна функционална анализа воопшто на јавниот сектор, за да се видат кои се потребите од човечки ресурси.

-Само така можеме да обезбедиме ефикасен систем – вели Ивановска.

Поврзани новости