Истрага во САД за можното протекување на доверливи документи за војната во Украина

by fokus

Американското министерство за правда покрена истрага за можното „протекување“ на доверливи документи на Пентагон за помошта на САД и НАТО за Украина, кои беа објавени на неколку страници на социјалните мрежи, но можеби се изменети или користени како дел од кампања за дезинформации.

Документите, кои беа објавени на социјалните медиуми, како што е Твитер, се класифицирани како доверливи и датирани од 23 февруари до 1 март и даваат детали за испораките на оружје и опрема за Украина со попрецизни временски рокови и количини отколку што генерално објавуваат САД, јавува АП.

Агенцијата наведува дека тоа не се воени планови и дека не даваат детали за планираната офанзива во Украина.

Портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, во петокот изјави дека Министерството за одбрана формално го испратило случајот до Министерството за правда на истрага.

„Многу е важно да се запамети дека во последните децении најуспешните операции на руските специјални служби се одвиваа во фотошоп“, изјави портпаролот на украинското воено разузнавање Андриј Јусов за украинската телевизија.

Јусов истакна дека, врз основа на прелиминарна анализа, објавените материјали покажуваат лажни бројки за загуби на руската и на украинската страна, а дел од информациите се собрани од отворени извори.

Сепак, канцеларијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот објави дека Зеленски се состанал со воениот персонал за да разговараат за мерките за, како што се вели, спречување на протекувања поврзани со плановите на украинските одбранбени сили.

Доколку објавените документи се воопшто автентични, истекувањето на доверливи информации е вознемирувачко и покренува прашања за тоа кои други информации за војната во Украина би можеле да бидат дистрибуирани, истакнува АП.

Американските власти во петокот не го разјаснија потеклото на документите, нивната автентичност и кој всушност прв ги објавил на интернет.

„Њујорк тајмс“ беше првиот што објави за документите. Тајмс потоа објави дека повеќе документи поврзани со Украина, како и други чувствителни теми за националната безбедност, како што се Кина и Блискиот Исток, почнале да се појавуваат на социјалните мрежи.

Неименуван американски функционер рече дека првичните документи личат на податоци што секојдневно ги произведува Здружениот штаб на американската војска, иако некои бројки се погрешни.

Официјалниот претставник истакна дека, дури и ако се легитимни, САД веруваат дека документите имаат мала вистинска разузнавачка вредност бидејќи содржат голем дел од информациите што Русија можеби веќе ги знае или би можела да ги собере од бојното поле.

Во делот насловен „Вкупни проценети загуби“, еден објавен документ наведува 16.000-17.500 руски жртви и до 71.000 украински жртви. Според официјалните податоци на САД од ноември минатата година, Русија изгубила повеќе од 100.000 војници, а Украина исто така изгубила толку.

Поврзани новости