(ИНТЕРВЈУ) Пивоваров: Полиграф при вработување цариници и во десетина институции за одредени работни места!

Десет институции веќе се изјаснија дека поддржуваат полиграф на одредени работни места. И Царинската управа даде поддршка, но само при вработување нови цариници. И сега во моментов сме во период на јавни дебати, кои се обврска пред понатамошните фази, вели Владимир Пивоваров.

by Фокус

Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, националниот координатор за гранично управување и безбедносен експерт Владимир Пивоваров вели дека ниедна мерка до сега не дала вистински ефекти во справувањето со корупцијата на граничните премини, дека состојбата денеска е полоша од кога било претходно и дека е време за радикални чекори, како воведување детектор за лаги барем еднаш годишно, идеја за која вели дека е докажано светско искуство, кое може многу да промени.

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Јавно обзнанивте тешки констатации за работата на цариниците и понудивте некои порадикални решенија, како детекторот на лаги, кои предизвикаа реакции во јавноста. Како дојде до сево ова?
ПИВОВАРОВ: Ова воопшто не е ново и не го зборувам само јас, туку сите го повторуваат 33 години, но речиси ништо не е преземено. Гледаме дека нема резултати и дека постојано имаме критики и однатре и однадвор.

Како човек кој ги поставувал првите граници во 1991 година, можам да потврдам дека на почетокот имаше позасилена борба со корупцијата, но повторно без епилог. Јас лично имам уапсено 115 граничари и 96 цариници на Табановце, но од сите тие, само тројца завршија во Идризово.

Како што поминуваше времето, се мултиплицираше криминалот на границите, веројатно логично, бидејќи многу малку се презема. Па, така денес, според професорите по економија, кај нас сивата економија е преку 30 отсто од БДП и најголем дел од неа почнува токму од граничната линија. Затоа проектот за кој јас зборувам е важен, не само за границите, туку за целата држава.

Нашите анкети уште од 2019 потврдија дека корупцијата е огромна на самата гранична линија. Ние имаме и обврска кон меѓународната заедница да ги држиме границите безбедни. Да не зборувам колку е тоа значајно и за нашата безбедност, бидејќи еден корумпиран цариник теоретски може да пропушти цел шлепер со оружје.

Европол веќе потврди дека 80 проценти од мигрантите во Европа доаѓаат преку меките гранични премини каде што има корупција. Некои проценки повторно на Европол се дека околу 27 милиони евра годишно инкасираат шверцерите на мигранти само низ Македонија.

ФОКУС: Како конкретно дојдовте до идејата за користење полиграф?
ПИВОВАРОВ: Ние, во 2023 година, со одлука на владата формиравме Национален совет за имплементација на националната стратегија за гранично интегрирано управување, кој преку работни групи изврши контроли на граничните премини. Плод од работата на овој совет беше и идејата за утврдување на интегритетот на граничните службеници како последна мерка која би дала конечно некои конкретни резултати.

Досега речиси и да немаме строги казни за прекршоци од ваков тип, односно прекршителите по некое време се враќаат на работното место. Затоа со овој проект, целта е да се заобиколи целиот систем и лицата што нема да го поминат полиграфот, да бидат санкционирани.

Веднаш нормално се најде начин за дискредитација на идејата, иако експертите полиграфи јасно ја објаснија постапката и врз база на целото искуство потврдија дека нема простор за грешки ако се работи за лица што не земале мито во текот на својата работа.

Десет институции веќе се изјаснија дека поддржуваат полиграф на одредени работни места. И Царинската управа даде поддршка, но само при вработување нови цариници. И сега во моментов сме во период на јавни дебати, кои се обврска пред понатамошните фази.

ФОКУС: Кои би биле ефектите од сево ова?
ПИВОВАРОВ: Целта на овој проект е лицата што работат на високоризичните работни места на граничните премини и граничната линија, еднаш годишно да седнуваат на полиграф. Ние, како држава треба да сфатиме дека ова го применува најголемиот дел од земјите во Европа, а во САД е задолжително уште од 2010 година.

Во Србија, полиграф користат дури и приватните компании со претходен договор со вработените. Во Бугарија дури се шпекулира дека и мафијата има посебен оддел со полиграфисти. Црна Гора има предуслов, за да бидеш висок полициски функционер, да седнеш претходно на полиграф. И јасно се знае дека при последниот избор за директор на полицијата, од седум кандидати, само двајца поминаа.

Полиграфот е многу добра алатка за да се утврди нечија лојалност кон државата. Вие не може да работите за државата, а да ве плаќа мафијата. Тоа е суштината, да спречиме можна корупција, значи подобро е да се спречи отколку да се лечи.

Во многу сериозни држави, полиграфот се предлага и веќе се користи и за многу повисоки функции. Јас предлагам да почнеме од цариниците затоа што за тоа сум надлежен.

Инаку дерогацијата на право треба да биде многу пошироко применета. Дебатата се одвива во насока дали е доволно да се прави полиграф само при приемот на работа кога сите знаеме дека проблемите и корупцијата се јавуваат најмногу во текот на работењето.

Нашата идеја е да се формира независна институција за полиграфирање под директна надлежност на Собранието за врз тие лица никој да не може да изврши никакво влијание. Предвидено е дури и на шест месеци и самите полиграфисти во странство да бидат тестирани за да се докаже и нивниот кредибилитет.

ФОКУС: Како би течела постапката?
ПИВОВАРОВ: Што се однесува до самата постапка, таа е многу напредната и се прават повеќе од едно тестирање, што не остава простор за сомнеж. Што значи дека потенцијално кај јавниот обвинител за потребните случаи ќе се доставуваат случаи со многу голема сигурност.

Главниот моментум на целиот проект е тоа лице што не го поминало полиграфот, да не може да се врати на истото работно место. Или просто кажано, злосторникот да не се враќа на местото на злосторот или на волкот да не му се дозволува да го чува јагнето.

Во целиот проект сакаме да ги избегнеме сите надворешни влијанија. Ако партиите навистина се залагаат за борба против корупцијата, еве им можност тоа да го докажат. Плус што на овој начин долгорочно ќе се решат многу економски проблеми и недостатоци во буџетот.

Сингапур и Израел се добри примери колку решавањето на корупцијата може да влијае врз економскиот развој. Ердоган е посвеж пример како економските реформи ги почна токму од границата. Недозволиво е по толку децении сѐ уште да имаме километарски колони по границите.

Или, пак, илјадници британски возила да се увезуваат без давачки и потоа да се користат за резервни делови. Сите го знаеме случајот со возење возила со бугарски таблички.

И ако сето ова се собере, тоа се големи загуби за буџетот на државата. Во Шведска, плаќањето данок е национална гордост, а кај нас е обратно. И затоа тоа се богати и успешни општества. И тоа е вистинскиот патриотизам.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости