(ИНТЕРВЈУ) Меџити: Гледаме еден феномен – влезот на Груби и „нашите“ во бизнисот со казина

by fokus

„Огнената група“ од ДУИ веќе се издвои како фракција. Во разговор за „Фокус“, еден од предводниците, Изет Меџити, меѓудругото, зборува и за вмешувањето на првиот вицепремиер Артан Груби во секторот на игри на среќа.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Што мислите, зошто толкаво инсистирање да се зачува Груби во владиниот состав?

МЕЏИТИ: Тука не е само Груби, туку целиот состав. Имаме различни размислувања, и програмски, и организациски, како и потфрлувањето во тоа што имаат сработено. Тоа го има во нашиот извештај каде што има 2 отсто реализација во капиталните инвестиции, воопшто ништо не е направено за децентрализацијата, не се занимаваат ниту со албанскиот јазик. Во програмата со која ги добивме изборите има 180 ветувања, од кои само 2 се реализирани.

Исто така, не можеме да не го кренеме гласот кога има реални проблеми во општеството. Има извештај од Стејт департментот, во кој се зборува за сериозен криминал и владина корупција. За ова нема никаков одговор од нашите министри или елаборација.

Гледаме и еден друг феномен: влезот на Груби и „нашите“ во бизнисот со казината. Има и предлог-закон во Собранието за кој има реакции од европскиот и од австрискиот амбасадор, како и од Пендаровски, да не се злоупотребува европското знаменце. „Нашите“ се однесуваат како ништо да не се случило и си тераат.

ФОКУС: На што поточно мислите? Дали алудирате на поврзаноста на Груби со бизнисот со игри на среќа?

МЕЏИТИ: Една од работите што ми беше чудна… Во овие 30 години, Албанците никогаш не претендирале ниту да вработуваат, ниту да имаат некоја значајна позиција во Лотарија на Македонија.

Првиот ден кога Груби стана вицепремиер, неговиот асистент Бајрами, кој му беше асистент во Собрание без никакво искуство, премина и стана генерален директор на Лотарија, од каде што протежира и финансира медиуми. Една од спојките е и тоа што наведува да се размислува во оваа насока е оваа позиција.

Второ, Министерството за финансии е многу битно за издавање лиценци за казина. Тоа се двете најкомпетентни институции за оваа тематика. Има некој предлог во владата и за онлајн-казина.

Понатаму, она што го гледаме на терен. На пример, економската зона Визбегово, која беше зона за инвестиции, производствени капацитети и фабрика, во последните две-три години таму се отвораат казина и ги има едно десетина. Полека станува Лас Вегас.

Има уште информации во оваа насока, но она што е најважно е дека за првпат има реакција од европски претставници, а власта си ја тера процедурата.

Поврзани новости