Инсталациите на Милошевиќ сакаат Македонците да бидат во постојан конфликт со Албанците!

by Фокус

Текстот е објавен на 22 октомври 2010 во неделникот „Фокус“ број 799

Пишувал
Стојан АНДОВ

Во нашата земја се отвори расправа околу тоа, дали е добро, или, пак, е лош знак, тоа што Хилари Клинтон, министерот за надворешни работи на САД, не дојде во Скопје? Некои велеа дека тоа е добар знак, кој кажува дека во Македонија нема некој акутен проблем, како што има во Босна и Херцеговина, во Србија и во Косово. Во БиХ беа изборите, а во кампањата што им претходеше оживеаја националистичките теми, кои ги пробудија старите стравувања. Србија и Косово, после најновата Резолуција донесена во ОН, се во исчекување и во неизвесност. Ако дојдеше и кај нас г-ѓа Клинтон, тоа ќе значело, велеа тие експерти, дека и во Македонија има акутни проблеми и гостинката ќе го притиснела нашето раководство, по прашање на името – до ѕид. Затоа, според нив, недоаѓањето на Клинтон во Скопје е добар знак за македонската надворешна политика.

Други, пак, кои ги има повеќе, велат дека недоаѓањето на г-ѓа Клинтон се вклопува во мозаикот на потези што ги прават американските државни раководители, а и оние од земјите членки на ЕУ, со кои праќаат порака дека во Скопје и надвор од Скопје не вреди да се среќаваат со македонските раководители, поради тоа што веќе се покажа дека разговорот со нив е всушност разговор со глуви. На оваа дилема одговор ќе даде непосредната иднина, прво извештајот на Европската комисија, а потоа и Самитот на НАТО во ноември. Иако и тогаш ќе има разногласие меѓу нашите експерти, сепак на пошироката јавност ќе и стане јасно кој бил во право!

МИЛОШЕВИЌ СМЕТАШЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ!

Меѓутоа, главната нова вест што дојде од Белград е изјавата на Хилари Клинтон дека Србија ќе биде лидер во регионот. Таа новост, која фрла нова светлина на состојбите и на идните политички текови во регионот, кај нас не го привлече заслуженото внимание и во врска со неа се чувствува некое тихо исчекување.

Во врска со тоа треба да се обрне внимание на тајмингот на доаѓањето на г-ѓа Клинтон на Балканот. Се разбира, повод за нејзиното доаѓање е спроведувањето на најновата Резолуција на ОН. Но, не треба да се заборави фактот дека во деновите пред нејзиното доаѓање и веднаш по тоа, во Србија се водеше обемна расправа околу тоа, што на земјата и донесоа изминатите десет години од паѓањето на Милошевиќ. Збирната оценка од таа расправа, вели дека Србија доживеа значајни промени, но сепак недоволни за во политичкиот живот да се почувствува дека „после петти, навистина дошол шести октомври“!

Всушност, во расправата доминираше впечатокот дека резултатите во изминатите десет години, не на едно или на неколку, туку на сите полиња не ги оправдаа очекувањата од пресвртот извршен на петти октомври 2000 година, кога Милошовиќ беше соборен.

Учесниците во расправата речиси доминантно истакнуваа дека главна причина за таков исход беа првите денови и месеци после петти октомври, па и годините потоа, години на гнило компромисерство на новата власт во Србија, на разединетост и неспособност на политичката класа брзо да ги раскине врските со инсталациите, кои внимателно ги градел претходниот режим, или, пак, самоникло настанале како негова потреба.

Многу прецизно се истакнуваа конкретните грешки, како оние на Коштуница кој ги задржа дотогашниот шеф на ресорот на државната безбедност, Раде Марковиќ и началникот на Генералштабот, генерал Небојша Павковиќ. Со тоа, велат тие, е овозможено да се зачува персоналната целовитост, политичката ориентација и основната насока на делување на полициските и воените тајни служби!

И затоа, сосема неочекувано за целиот демократски свет и за српската јавност, само месец и пол после смената на Милошевиќ, во регионот на Прешево, Бујановац и Медвеѓа, дојде до нов бунт и нов УЧК почна со вооружени операции против српските, сега демократски власти. Потсетувањето на тој настан, кој ги закочи демократските промени во нивниот почеток во Србија, покажува на потребата да се погледне целиот период на режимот на Милошевиќ и начинот на кој појавата на новата УЧК  е поврзана со тој период.

Имено, Милошевиќ дојде на позицијата неспорен српски лидер со својата политика кон Косово и кон Албанците во тогашна Југославија во целина. Откако презеде неколкугодишна жестока националистичка кампања, свртена пред сѐ против Албанците, после победоносниот милионски митинг на Видовден 1989 година на Газиместан, во Косово, Милошевиќ во следната година донесе нов Устав на Србија и ја укина автономијата на покраината Косово и Метохија, инаку гарантирана со Уставот на СФРЈ од 1974 година.

Веќе од почетокот на својата кампања, Милошевиќ сметаше за важно да добие целосна поддршка и од Македонците, што во тоа време и успеа. Непосредната цел во Македонија му беше што повеќе да се заостри конфликтот меѓу Македонците и Албанците. Македонците да се исплашат, и без многу размислување, единствен спас да гледаат во сојузништвото со Милошевиќ. Тоа не му одеше така мазно, што се покажа со отпорите на поедини политичари во Македонија веќе во 1988-1989 година!

СТРАВ ОД ГОЛЕМА АЛБАНИЈА

Но, политиката на Милошевиќ не се потпираше само на пропагандата и на делувањето на партиските активисти. На таа политика се повеќе ѝ подлегнуваа тајните служби во Србија, во Македонија, а со распадот на СФРЈ и сојузните тајни служби. За да биде комплетно сигурен во тајните служби, Милошевиќ издејствува во почетокот на деведесетите години од минатиот век, српската полиција да ги запоседне просториите на Сојузното министерство за внатрешни работи и да ја стави под своја контрола целата документација и делувањето на тоа министерство. Во меѓувреме, и сојузната армија всушност стана армија на Србија, со што и воените тајни служби паднаа под негова контрола!

Југословенските тајни служби веќе од порано имаа остварено длабок продор меѓу Албанците и Македонците. Тој продор беше извршен и на Косово и во Македонија, но, и во дијаспората. Основна насока на делувањето на тајните служби, што е особено важно и за нас Македонците, беше да се создаде страв кај Македонците од голема Албанија. Тоа го олеснуваше и фактот  што многу тајни организации на Албанците во тогашна Југославија  и во странство, почнаа да го истакнуваат обединувањето на сите Албанци во една држава како нивна главна цел. Основните албански маси не подлегнаа на таа пропаганда, иако понекогаш кон некои екстремни потези на тие тајни организации покажуваа разбирање!

Тајните служби што делуваа во Македонија, без оглед дали биле југословенските или нашите, македонски, после воспоставувањето на повеќепартиската власт, си ја покажаа силата во нашата земја веќе на шести ноември 1992 година, со масовните демонстрации на Албанците на левиот брег на Вардар, во Скопје. Тие демонстрации, останати во сеќавањето како Битпазарски, се одржаа со цел да укажат на нестабилноста на нашата држава, токму на денот кога во Македонија допатува бројна делегација на КЕБС, што имаше за цел да ја оцени стабилноста на нашата земја и да предложи начин како таа да биде поддржана и помогната. Организаторите на одржаните демонстрации, очигледно имале спротивна цел. Тие, пак, сакале да докажат дека Македонија е нестабилна држава и не може да ја сочува својата независност!

Веќе првичните испитувања покажаа дека за тие демонстрации, во кои четворица граѓани ги изгубија животите, претходно немаа поим нашите албански политичари кои беа избрани на легалните избори. Откако Собранието реши да формира посебна работна група, со задача да утврди кој ги организирал демонстрациите и со која цел, а со групата раководеше пратеникот Исмет Рамадани, се покажа дека некоја моќна рака надвор од Собранието не и дозволува на групата да направи ниту еден чекор. По извесно време, пратеникот Рамадани ме извести дека групата не може да се состане, бидејќи нема кворум. Побара од мене, како претседател на Собранието, во согласност со Деловникот да закажам состанок на групата. Го сторив тоа, но и тогаш немаше кворум на состанокот!

„ПАРАВОЈСКАТА“ ЈА НАЈАВИ ВОЖДОТ ОД ПОДГОРИЦА

И, пред да се сети некој да го изнесе проблемот на седница на Собранието, во почетокот на 1993 година дојде нова афера, местенката со тнр. албанска паравојска, чие избивање во јавноста, четири дена порано, во Подгорица го најави Милошевиќ. Политиката на Милошевиќ, која долго беше присутна во Македонија, а нејзини тајни инсталации очигледно има и денес, беше ориентирана да го спречи меѓусебното разбирање на Македонците и Албанците. Со тоа се настојуваше да се докаже дека со Албанците никој не може да се разбере и дека единствен метод на однесување што тие го разбираат, е – силата!

Релативниот застој во развојот на демократијата во Србија и после петти октомври 2000 година, беше резултат на задржување на односот што политиката на Милошевиќ го изгради кон Албанците и посебно кон Косово. Но, во последниот период од тие десет години на стагнација, демократските сили во Србија изградија вистинска проевропска ориентација на земјата, од која допрва се очекуваат вистинските резултати.

Политиката на претседателот Тадиќ, на српската влада, а и на главната опозициона партија во Србија, е проевропска и со јасни демократски белези. Хилари Клинтон ја даде изјавата за тоа дека Србија ќе биде лидер во регионот, бидејќи се убедила дека Србија има капацитет на цивилизиран начин, и во обострана корист, да ги разреши проблемите со Косово и воопшто со Албанците, и на тој начин да го ослободи регионот од главната напнатост што до сега го оптоваруваше.

Таа политика на Тадиќ, која на Балканот ја промовираат САД, а се обидува доследно да ја спроведува ЕУ, е сосем спротивна со политиката на Милошевиќ и со колебливата политика на Коштуница. Политиката за која српското раководство се одлучи да ја води, наместо создавање на непријатели, е политика на создавање пријатели, политика на развивање односи на разбирање и пријателство во регионот, како основа за трајна стабилност и сестрана соработка и сигурен економски развој. Таа политика ќе донесе корист за сите луѓе, и во Србија и во регионот.

Но, политиката на Тадиќ во Србија наидува на отпор. Оценката на државните органи на Србија за тоа кој го поттикнува и го организира отпорот на новата српска политика е дека тоа го прават организирани криминализирани структури, кои дошле до богатство со нелегални средства во времето на Милошевиќ и во периодот кога во Србија немаше решеност за пресметка со нив. Значајни составни делови на тајните служби кои се колебаат, а некои од нив дури и се противат на сегашната политика на Тадиќ, се во таен сојуз со овие криминализирани структури во српското општество.

Затоа во Србија многу демократски ориентирани политичари, како една од причините за застој на демократскиот развој на земјата, го посочуваат и фактот, што во Србија не беше спроведена лустрацијата. Можеби токму тоа е и поводот за објавениот политички договор дека до крајот на оваа година во Србија ќе се донесе закон со кој ќе се објават имињата на соработниците на тајните служби!

ДОКУМЕНТИТЕ ВО БЕЛГРАД

Но, за Србија да биде вистински лидер во регионот, како што изрази очекување Хилари Клинтон, ќе биде потребно да ги отстрани сите спомнати пречки кои го блокираат нејзиниот демократски развој досега. Лидерската позиција, пак, во регионот, ќе ја стекне така што остатоците на силите што го кочат демократскиот развој и во другите земји во регионот, а тука спаѓа и Македонија, ќе бидат неутрализирани.

Залудно е некој во Македонија да се обидува да го попречи текот на настаните, бидејќи никој од овде такво нешто нема да успее да стори. Евентуалниот обид во Македонија да се организира пренасочување на настаните, за да се оствари нивен тек спротивен на оној што се очекува во Србија, ќе биде неуспешен и ќе доживее комплетна компромитација на силите што го заговараат!

Споредбата во нашата јавност, на пример, на полицијата на Милошевиќ и на нејзината пресметка со опонентите на неговиот режим, вклучувајќи ги и Албанците на Косово, со полицијата на Тадиќ, која се судри со осум и пол илјади насилници на белградските улици, е необјективна и тенденциозна. Таа претставува лесно препознатлива ламентација, жалење за еден режим кој најпосле, со сите свои регионални приврзоци треба да биде дефинитивно исфрлен на буништето на историјата.

Македонија нема друг пат, освен во својот двор да ги расчисти остатоците на инсталациите од режимот на Милошевиќ, кои овде останале било меѓу Македонците било меѓу Албанците!

За таа цел, секој демократски ориентиран граѓанин треба да го поддржи процесот на лустрацијата и да бара спроведување на Законот. Нашиот Закон за лустрација е донесен во Собранието на Република Македонија и во двете фази на неговото донесување беше едногласно поддржан од сите политички опции присутни во овој состав на Собранието.

Треба да и се даде целосна поддршка на комисијата, а надлежните државни органи треба да ги преземат сите мерки во своја надлежност, за да ги добијат документите што ги бара од нив комисијата, доколку тие се во Белград. На највисоко државно ниво со Србија треба да се постигнат договори за соработка во спроведувањето на лустрацијата!

Оваа насока на развој на настаните кај нас нема да му наштети на никого. Спроведувањето на лустрацијата ќе ги отстрани пречките во развојот на демократијата кај нас и ќе создаде услови за помирување во општеството. Ќе овозможи повисок степен на демократски и општочовечки слободи и можности секој граѓанин да си ги изрази своите творечки сили и можности и слободно да си ја одредува својата иднина. Затоа, возбуденоста во некои кругови што е веќе препознатлива, треба да се смири. Се работи за напредок на земјата, кој на секого ќе му донесе корист!

Поврзани новости