Јанко Бачев: Минчо Јорданов го стекна богатството како награда за соработката со УДБА!

by Фокус 12:46
12:46

Текстот е објавен на 24 септември 2010 во неделникот „Фокус“ број 795  

Пишувал
Јанко БАЧЕВ

- Advertisements -

Чиј беше Минчо Јорданов? Од меѓусебните препукувања во последните два броја во Фокус, помеѓу споменатиот Јорданов и првиот човек на СДСМ за град Скопје, Стевче Јакимовски, може да се стекне впечаток за Јорданов дека претставува истакнат вмровски кадар, кој своето богатство го стекнал исклучиво со успешно менаџирање на неговите компании, на знаење и умеење, на голем труд, и дека нема никаква врска со транзициско-политичките-приватизациски махинации својствени за времето на некогашното владеење на партијата на социјалдемократот Јакимовски. Дури, во еден момент Јакимовски потенцира дека сите нив, вклучувајќи го и Минчо Јорданов, успеал да ги победи во 2009-та, јасно алудирајќи на неговата градоначалничка победа во општина Карпош, во однос на кандидатот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, со што јасно го смести Јорданов во вмровскиот табор!

Меѓутоа, имајќи предвид дека споменатата приватна расправија помеѓу двајцата некогашни колеги – министри во владата на поранешниот премиер Владо Бучковски, задира и во прашања од особен интерес за македонските граѓани, сметам за потребно да дадам едно странично согледување на некои од прашањата опфатени во нивната расправија, со цел, да се избегне извртувањето на вистината во однос на ликот и делото на Минчо Јорданов. Впрочем, македонските граѓани имаат право на што е можно пообјективизирана слика за агонијата во која беа втурнати во процесот на македонската транзиција, а, од која, за жал, и по дваесетина години живеење во самостојна и суверена Македонија сѐ уште нема излез во посакуваната насока!

ВРВНИ ТРАНЗИЦИСКИ МАХЕРИ

Значи, веднаш да кажам дека претставувањето на Минчо Јорданов за вмровски кадар и бизнисмен кој го стекнал своето богатство со знаење и умеење во приватизацискиот процес, претставува неуспешен обид за највулгарно извртување на вистината за политичките состојби и матните транзициски времиња во Република Македонија. Во оваа насока, очајнички е обидот на новиот вмровец Минчо Јорданов, во расправијата со новопечениот социјалдемократ Јакимовски, да се претстави себеси и своите, како што ги нарекува пријатели македонски бизнисмени, како личности со знаење и умеење, на кои, внимавајте, сервилноста кон било која партија и личност за нив претставувала непозната категорија!?

Затоа, најпрвин да му ја освежам меморијата на Минчо Јорданов, односно, да го потсетам дека неговиот успех, како и успехот на неговите пријатели бизнисмени, е резултат токму на транзициско-политички-приватизациски махинации. Со оглед на просторот, најсумарно ќе прикажам неколку од таканаречените успешни бизнисмени за кои зборува Јорданов, односно, нивните репрезентативни бисери од македонската криминална приватизација.

Така, „успешниот бизнисмен“ Свето Јаневски, своевремено во  процесот на криминалната приватизација си ја присвои Скопската пиварница за четири милиони долари, и тоа не со сопствени пари, туку со пари добивани од профитот на оваа компанија, кој го остварува во своето тековно работење. Подоцна, во т.н. постприватизациски период во 1998-та, од позиција на газда, споменатиот Јаневски продаде 51 отсто од акциите на Пиварницата за сума од 34 милиони долари на Balkanbrew Holding LTD –  фирма ќерка на компанијата Кока Кола, и на тој начин преку ноќ стана богат и успешен бизнисмен!

Понатаму, „успешниот бизнисмен“ Ристо Гушков, во криминалниот приватизациски процес ја присвои фабриката за цемент Усје за четири милиони марки, исто така, не со сопствени пари, туку со пари од профитот на Цементарата остваруван во нејзиното тековно работење, што значи – бесплатно. Подоцна, споменатиот Гушков од позиција на газда ја продава Цементарата на грчката компанија Титан за сума од 27 милиони долари, кои завршуваат во приватни џебови, со што добивме уште еден богат и успешен бизнисмен според гледиштето на Минчо Јорданов!

Или, „успешниот бизнисмен“ покојниот Трајче Давитковски, со приватизирањето на Скопски Пазар дополнително за смешна сума го доби во сопственост и атрактивното земјиште на кое се лоцирани скопските пазари. Некои од пазарите веќе се дислоцирани, а на нивно место започнаа да никнуваат трговски центри, согласно ориентацијата на оваа компанија, во иднина да го развива и бизнисот со градежништвото. Сосема исправна ориентација, ако се знае дека во цената на градбата голем дел има вредноста на земјиштето на кое се гради, а тука Скопски Пазар е супериорен, бидејќи речиси за бадијала доби атрактивни парцели.  Колку за илустрација, познатото Зелено пазарче во центарот на Скопје, со површина од 3.300 м2, е откупено од Скопски Пазар за само 33.000 евра, иако реалната вредност изнесува неколку милиони евра!

Како што споменав, со оглед на просторот нема да се впуштам во прикажувањето на сите врвни транзициски махери. Тука да го споменам уште и запоседнувањето на Скопската железарница од страна на нашиот јунак Минчо Јорданов. Имено, во тоа време железарницата најпрвин беше прогласена за старо неупотребувано железо, со цел, нејзино целосно обезвреднување, за дополнително „успешниот бизнисмен“ Јорданов да ја приватизира по багателна цена која не е вредна дури за споменување!

УДБАШИТЕ СТАНАА КАПИТАЛИСТИ

Значи, ете така, врз грбот на македонските граѓани се богатеа транзициските олигарси преку одредбите на тогашниот закон за трансформација на претпријатијата со општествен цапитал, донесен во Собранието во јуни 1993 година.  Патем, веќе пишував во мојата колумна од 19 март 2010, дека овој закон го гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, заради што е потребен објективен приод кон одговорноста за македонската криминална приватизација, која гледаме деновиве повторно станува високо актуелна во медиумската војна помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. А, при неспорната криминална приватизација, Минчо Јорданов може и понатаму да ги шири своите шарени лаги, дека тој и неговите пријатели бизнисмени, своето богатство во капиталистичка Македонија го стекнале со знаење и умеење без поврзаност и сервилност спрема било која партија и личност!

Наспроти тоа, општ е впечатокот кај македонските граѓани, дека Минчо Јорданов и неговите пријатели, таканаречени успешни бизнисмени, и понатаму остануваат тоа што беа – транзициски бандити, кои во процесот на неправедната, неморалната и криминална приватизација извршија невидена економска диверзија врз сопствениот народ, приграбувајќи го најголемиот дел од општественото богатство, кое 50 години наназад го создавале сите работни луѓе во социјализмот!

За волја на вистината, Јорданов и неговите транзициски бизнис пријатели, дури добија шанса да ги убедат македонските граѓани дека, сепак, кај нив има знаење и умеење, кое, доколку и навистина го покажеа, извесно е дека граѓаните ќе ја сместеа приватизацијата во историјата.

Имено, споменатиот Јаневски беше дел од советничкиот тим во владата на поранешниот премиер Владо Бучковски, а, истовремено, во таа влада, Минчо Јорданов беше избран за владин министер. Меѓутоа, за време на нивното директно учество во Владата, која согласно својата уставна и законска позиција се грижи за состојбите во сите области на општественото живеење и директно е одговорна за квалитетот на нашето севкупно живеење, ниту едниот, ниту пак другиот покажа некаков капацитет и знаење во смисла да понудат издржани решенија, со кои успешно би се решиле напластените економски и социјални проблеми на граѓаните.

Дури, македонските граѓани и ќе заборавеа на трагичните приватизациски последици, доколку овие транзициски олигарси пријатно не изненадеа, со тоа што, како владини функционери задолжени за економските прашања, ги решаваа во тоа време проблемите, на пример, на Газела, Годел, Алумина, Фас 11 Октомври и слични фирми, каде навистина треба знаење за нивно повторно рестартирање!

Значи, личното богатство на Минчо Јорданов и неговите пријатели, таканаречени успешни бизнисмени, произлегува од еден проектиран транзициски систем. Поточно, од пеколниот план на сојузната УДБА, која во 1989 година, и самата свесна дека СФРЈ се распаѓа, во рамките на Оперативната акција Опера ќе им овозможи на најистакнатите нејзини соработници од просторот на поранешна Југославија, преку ноќ да се трансформираат од комунисти во капиталисти, и, на тој начин, преку нив да се остваруваат зацртаните политички и медиумски интереси на поранешните југословенски простори, кое нешто, за жал, во Македонија остана до денешно време!

Впрочем, весникот Нова Македонија, кој започна да се печати на 29 октомври 1944 година, во куќата на тогашната ОЗНА во велешкото село Горно Врановци, и во моментов е раководен од проверен кадар на УДБА. А, што е поинтересно, не само весникот Нова Македонија, туку и газдата на овој весник, Минчо Јорданов, низ годините воопшто не крие дека најудобно и најсигурно се чуствува кога е опкружен со проверени удбашки кадри!

ПАРАЛЕЛНА РАЗУЗНАВАЧКА СЛУЖБА ВО ЧЕЛИЧАРНИЦАТА!

Своевремено, како човек на Бранко Црвенковски, во предизборната 1998 година, кога СДСМ се подготвуваше за опозициско дејствување, Минчо Јорданов во својата Челичарница направи речиси паралелна разузнавачка служба, односно, вдоми околу дваесетина активни и пензионирани припадници на македонската тајна полиција, кои, и ден-денес, со цел да ја сокријат својата вистинска улога, се камуфлирани под називот за некаква група за т.н. стопанско разузнавање или индустриска шпионажа.

Но, времињата се променија, па Јорданов во споменатата полемика со Јакимовски говори во негативна конотација за својот некогашен политички ментор Црвенковски, од причина што, сега, целосно е премачкан со вмровски бои. Впрочем, неговото напуштање на сдсмовскиот табор и приклонувањето кон победничкиот вмровски тим, не би требало да претставува некое посебно изненадување, ако се знае дека после освојувањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, токму во оваа партија најдобро се распоредија пребеганите кадри од СДСМ, во речиси сите ешалони на власта, а вистинските вмровци останата со прстот во уста, таму каде што беа – на улицата!

Се разбира, достигнувањето на посакуваната близина до премиерот Груевски е од големо значење за Минчо Јорданов, бидејќи станува се поочигледно дека токму Груевски е уплашен од евентуалната ревизија на приватизацијата и од можноста за спроведување на вистинска лустрација. А, токму една фарсичната лустрација, која треба да излезе едно големо НИШТО и голем трик за манипулација со граѓаните, и нечепкањето во приватизацискиот процес е најпосакуваното нешто за Минчо Јорданов и неговите пријатели, таканаречени успешни бизнисмени.

Познато е дека вистинската лустрација останува мислена именка, бидејќи кодошите кај најбитните категории на граѓани – претседатели на политички партии, новинари, поети, академици, универзитетски професори… и, секако, најбитното за Јорданов – олигарсите, остануваат нечепнати со постојниот закон за лустрација. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ изгласа лустрациски закон, според кој, споменатите категории граѓани можат да бидата лустрирани само доколку самите тоа го посакаат, што е илузорно да се очекува!

Од друга страна, пропадна обидот и за своевидна ревизија на приватизацијата, преку можноста за усвојување на правно решение за незастарување на кривичните дела поврзани со македонската криминална приватизација. Патем, да споменам дека своевремено, во мојата колумна од 19 март 2010 година, го иницирав прашањето за незастарување на кривичните дела поврзани со приватизацијата.

Во оваа насока, работите се придвижија во посакуваната насока, откако водачот на СДСМ, Црвенковски, дополнително ја актуелизираше споменатата моја иницијатива за незастарување на кривичните дела поврзани со приватизацијата. Но, на големо изненадување за јавноста, процедурата во оваа насока беше закочена од оние, од кои најмалку се очекуваше тоа – владеачката ВМРО-ДПМНЕ, која пројави отворен страв од можноста за своевидна институционална разврска на криминалната приватизација. Но, како и да е, затоа кога ќе дојде нова политичка структура, која ќе ужива доверба, во име на народот нека направи ревизија на приватизацијата и вистинска лустрација!

Поврзани новости