Фамилијата што владее со Македонија од државата направи земја која се дави во огромни проблеми. Предизвиците со кои се соочува Македонија, и со кои допрва ќе се соочува, се огромни.
Страшни се ломовите кои како држава ќе треба да ги направиме во следните две години. Пеколот допрва почнува, а граѓаните се веќе преморени од животот. Прашање на време е кога сè ќе тресне така силно од земја, па ќе мораме да градиме сè од почеток.
Кампањата за изборите почна. На митинзите ќе лажат како се успешни, ќе кажуваат лажни бројки, а успехот ќе бил поголем да не беа Грција, ЕУ и ДУИ. Проблемот со името во 2008 година беше нашиот единствен проблем; тогаш поради овој проблем не влеговме во НАТО. Оттогаш се сменети многу нешта и овој проблем, всушност, е последен од сега веќе долгата листа големи проблеми.
ДПМНЕ Е НАЈГОЛЕМОТО ЗЛО ШТО Ѝ СЕ СЛУЧИЛО НА МАКЕДОНИЈА
Најголем проблем е огромното иселување од државата на младите и способни луѓе. Тоа е резултат на владеењето на фамилијата на власт. Во последните десет години, а од нив осум години премиер е Груевски, земјава ја напуштија околу 450.000 граѓани.
Трендот на иселување е во нагорна линија, па можеме да очекуваме дека до 2020 година во Македонија ќе живеат едвај еден милион жители. Структурата на тие жители ќе биде многу неповолна. Во Македонија остануваат пензионери, вработени во администрација, неработоспособно население, сиромашни луѓе кои не можат да си дозволат да заминат.
Во 2020 година ќе биде јасно како ден дека ова ДПМНЕ, предводено од пастирот, е најголемото зло што ѝ се случило на Македонија од 1945 година, па сè до денес! Затоа сите оние, кои денес се соработници на режимот, ќе се срамат од себе, а нивните деца од нив.
Сиромаштијата е вториот најголем проблем. Таа во последните 4-5 години се шири сè повеќе и повеќе. Огромната сиромаштија ќе доведе до пораст на криминалот, убиствата и самоубиствата.
Фамилијата на власт во овие осум години со потрошените пари можеше да ја преполови сиромаштија. Сепак, криминалот и опстанокот на власт беа нејзиниот приоритет. Ја удвои администрацијата, што сега државата не може да ја плаќа, па мора да се задолжува.
Превработените некој ќе мора во следните 3-4 години да ги префрли во реалниот сектор, а за тоа Македонија нема да има пари, а нема да може ниту плата да им исплаќа. Фрлија половина милијарда евра на „Скопје 2014“, пари со кои можеа да се отворат нови 50.000 работни места во реалниот сектор.
МИЛИЈАРДИ ЕВРА ФРЛЕНИ ВО ВЕТЕР
Фрлија стотици милиони евра на субвенции во земјоделието, од што резултатите се речиси исти. Тоа е доказ дека тие пари не завршиле таму каде што се потребни.
Сите овие милијарди евра, фрлени во ветер во овие осум години, од Македонија можеа да направат пристојна земја. Вака останува степенот на пеколот во кој живееме да се зголемува од година во година.
Јавното здравство, кое е веќе во катастрофална ситуација, ќе биде сè полошо и полошо. Малкуте богати ќе можат да се лекуваат во приватните установи, а многуте сиромашни сè повеќе и повеќе ќе страдаат во мизерните услови што ги нудат државните здравствени установи.
Наспроти тоа, поради слабиот квалитет на живот, сиромашните луѓе сè повеќе ќе имаат потреба од здравствени услуги и лекови.
Инфраструктурата на државата е катастрофална. Од крстосница на Балканот, низ која беше предвидено да поминуваат најважните инфраструктурни проекти, Македонија денес, поради неспособноста на владата, е оставена да биде како слепо црево. Тоа во пари значи неизбројани милијарди евра изгубени во следните десетици години.
Инвестиции нема да доаѓаат поради нестабилноста на државата која е производ на ДПМНЕ како власт. Невработеноста нема да може да се решава со вака мизерни инвестиции на годишно ниво.
Денес Грција и да нè признае под уставното име, ние нема да можеме да почнеме преговори со ЕУ поради тоа што од 2008 година до денес ја влошивме ситуацијата. Ќе мора да ги поправиме судството, владеењето на правото, состојбата со медиумите, политичките затвореници…
Сите овие проблеми имаат еден единствен виновник. Тоа не е Грција, ниту е ЕУ. Тоа е ДПМНЕ, предводено од пастирот!