Субвенциите завршуваат во џебовите на владини службеници и партиски активисти!

by Фокус

Текстот е објавен на осми јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 884

Пишувале
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Роднини, пријатели, но најмногу партиски врски се потребни за да станете субвенциониран земјоделец или сточар, па преку државните пари да си го финансирате бизнисот, но и партијата. На оние останатите, апликациите за добивање субвенција од државата завршуваат во фиока. Стотици разочарани земјоделци со кои разговаравме во повеќе градови низ земјава, го делат ставот дека без партиска книшка тешко се стигнува до помош од државата. Помошта е резервирана за оние лојалните кон партијата.

Па така, стотици милиони евра директни земјоделски субвенции се делат од година во година. Од 2008 година па наваму сумата постојано расте, а приказната се продава како пример за исклучителна грижа на власта кон земјоделците.

Се разбира, грижата е оправдана ако се има предвид дека земјоделците и сточарите важат за најважна категорија гласачи, со чија помош се добиваат или се губат изборите. Најдобар доказ за ова е фактот што земјоделците кои добиле помош во субвенции се јавуваат и како донатори на кампањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, барем според достапните извештаи на Државната изборна комисија.

Згора на тоа, голем број вработени во подрачните единици на Министерството за земјоделство, лично располагаат со стотици хектари земјиште и насади, па за тоа бараат и добиваат државни субвенции. И додека милионите што се фрлаат во земјоделството фрапантно растат, ефектите од мерките никој не се дрзнува да ги истражи.

АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ НА ЅИНГО – СУБВЕНЦИОНИРАНИ ЗЕМЈОДЕЛЦИ

Во Берово се сретнавме со педесетина беровски и пехчевски земјоделци и сточари. Од куќа до куќа, внимавајќи некој да не не види и, секако, предупредени да се претставуваме како нечии внуки и роднини, но никако како новинари, чувме многу маки од луѓе кои последните години ги минале трчајќи по документи и дремејќи и молејќи пред шалтерите на подрачните единици на Агенцијата за поддршка на земјоделството.

– Ќе отидеш еднаш, па ќе те вратат, се нешто ќе ти најдат што не чини. Па пак ќе одиш, и пак, се додека не се истоштиш. Еднаш три пати ми враќаа за ист печат. Го имаа печатот на документот и пак ми велеа, е оди де, нека ти стават уште еднаш. На крајот или нема да добиеш субвенции или самиот ќе се откажеш и нема повеќе да поднесуваш документи – раскажува еден беровски земјоделец, кој сакаше да остане анонимен, плашејќи се дека неговата сопруга може да ја загуби работата ако зборува јавно.

Во малото гратче на истокот сите се познаваат и секој секого знае, па никого не му е тешко да претпостави кој и зошто добива субвенции, раскажуваат нашите соговорници. Тврдења во кои и самите се уверивме.

Благица Рускоска е административец. Но не било каков, туку  раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Берово и претседател на општинскиот комитет на Социјалистичката партија, членка на владината коалиција и партија која ја води еден од најмоќните бизнисмени во земјава, Љубисав Иванов – Ѕинго. Нејзиниот сопруг е советник во општината, се разбира, ја претставува власта.

Нашите соговорници со години не можат да дојдат до субвенции, иако со децении се занимаваат со земјоделство, но за Рускоска, тоа не бил никаков проблем, барем според податоците достапни на веб страната на Агенцијата за поддршка на земјоделството.

Според тоа, Рускоска, освен што е административец и партиски функционер, истовремено е и субвенциониран земјоделец, кому државата со народни пари му помага да излезе на крај со земјоделските маки и премрежиња!

Се разбира, Благица Рускоска не е единствениот пример. Нејзиниот сограѓанин Димитар Радински е вработен во Агенцијата за поддршка на земјоделството и сточарството. Неговата мајка, Мара Радинска, е земјоделец со редовни приходи од субвенциите, а тука е и неговото пошироко семејство кое, исто така, добива субвенции, според податоците достапни на веб страната на агенцијата. Па така, синот Димитар директно одлучувал за апликацијата на неговата мајка Мара, но и за еден куп роднини, членови на семејството Радински.

– Овој список нема крај. Партијата се грижи за своите, тие пак се грижат за нивните роднини, а нас никој не не есапи – вели огорчено нашиот соговорник.

Се разбира, беровската приказна е само една илустрација за начинот на кој се делат субвенциите. Градоначалници, високи функционери во Министерството за внатрешни работи низ источна Македонија, криејќи се зад имињата на свои блиски роднини и пријатели, земаат под концесии неброени хектари плантажи, а потоа аплицираат за државни субвенции и ги добиваат.

Се разбира, работата тешко може да се докаже, бидејќи на хартија фигурираат сосема други луѓе, кои најчесто се само параван.

Претставниците на земјоделските здруженија, оние похрабрите, отворено зборуваат за проблемите кои ги мачат земјоделците и сточарите во битката да се добијат субвенции. Ристо Велков е лидер на регионалниот синдикат на земјоделците во струмичкиот реон. Беровските искуства, вели тој, се пракса во секој македонски град.

– Ако се земе Струмица, еве јас ќе ви кажам дека вработените во Министерството за земјоделство овде, во подрачните единици се првите кои земаат субвенции.

Незадоволството, верувајте, е огромно, а ние тие субвенции ги третираме како социјална помош и како ништо друго. Нема никаков соодветен кадар во надлежното министерство за да одговори на проблемите на земјоделците. Велиме дека се потребни ефекти, а тоа значи да се зголеми производството, да се зголемат вработувањата во оваа дејност, а само од Струмица 20 до 30 отсто од младите веќе заминаа на работа во Европа. И тоа во време кога се фрлаат толку пари за субвенции. Каде е тука логиката? Само пред избори се ветува повеќе, се дели повеќе и толку е тоа – вели Велков.

Меџит Амити е од западна Македонија и добива субвенции за своите грла овци. Иако сега добива субвенции, добро се сеќава на почетоците кога тие пари почнале да се делат. Иако е корисник на субвенции, тој се жали на начинот на кој тие се делат и свесен е за непотизмот и за политичкото влијание во оваа сфера.

–  Првиот пат кога конкурирав сѐ направив на време, додека траеше повикот за аплицирање, и чекам одговор – нема! Прашав во агенцијата, ми велат кој прв аплицирал тој прв ќе добие. Е како така, им викам. И кога… доби некој човек од Кичево, никој не го знаевме меѓу нас сточарите, ама дури после разбрав што била работата. Човекот бил од ВМРО, нивни човек. И после се побунивме, па и нас ни дадоа на 4 – 5 души по нешто, ама најголемиот дел го зеде тој нивниот. И затоа веќе не аплицирам. А и онака субвенции постојано доцнат, се се тоа живи маки – ни раскажува Амити.

ПРВО СУБВЕНЦИЈА ОД ВЛАДАТА, ПА ДОНАЦИЈА ЗА ПАРТИЈАТА!

Земјоделци кои добивале субвенции од Владата се јавуваат и како донатори на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Сите добивале различни средства, од 50 евра па се до 1.000 евра, но затоа сите до еден донирале иста сума за парламентарните избори во 2011 година, по 60.000 денари. Земјоделците од Кратово донирале во ист ден, оние во Берово исто така, сите земјоделци од различни градови како да се собирале наеднаш и оделе да донираат за партијата во јуни 2011.

Податоците се многу лесно проверливи. Случајно или не, лице со исто име и презиме се јавуваат и како донатори за партијата и како приматели на субвенции. Така, Дејан Златевски зел 9.000 денари од програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2010 година за растително производство, а за партијата донирал 60.000 денари.

Земјоделецот Павле Давчевски од Кавадарци добил 12.585 ден за финансиска поддршка во земјоделството за 2010 година, а потоа донирал пари за владејачката партија. Земјоделецот Коце Ризов исто така добил финансиска поддршка во земјоделството од страна на Владата, а притоа се јавува и како донатор на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојко Јанкулов од Кавадарци добил поголема сума како владина субвенција, повеќе од 114 илјади денари во 2010 година, а веќе наредната година, половината ги дал како донација за партијата. Кавадарчанецот Галапчо Шалев исто така добил субвенции за растително производство, но донирал и за партијата. Блаже Илов, добил пари од државата за финансиска поддршка во земјоделството, а лани донирал 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ.

И така, списокот трае до недоглед. Стотици земјоделци се јавуваат и како корисници на субвенции и како донатори на владејачката партија.

Дали партиската распределба на субвенциите е мотив за дел од нив да ја потпомогнат владејачката партија преку донации за изборите или пак станува збор за случајно совпаѓање на имињата и презимињата на стотиците донатори?

– Оние што земаат пари преку ИПАРД програмата и не се толку големи пари колку што е директната помош. Само оние што се блиски до партијата можат да стигнат до субвенција и само тие имаат ефект. Лично јас имам аплицирано три пати но никогаш не сум добила – вели Моника Велеска, претседател на независниот синдикат во земјоделството.

Со оглед на тоа што сѐ се сведува на партиски мотиви во оваа сфера, синдикатите и здруженијата имаат идеја да формираат партија, па на тој начин да дејствуваат во иднина.

АПСУРД – ПОГОЛЕМИ СУБВЕНЦИИ, ПОГОЛЕМ УВОЗ НА ХРАНА!?

Така се доаѓа и до најголемиот апсурд во сферата на субвенциите во земјоделството. Колку се зголемуваат субвенциите, толку расте увозот на храна, а речиси сите земјоделски гранки бележат пад во производството или намалување на површините. Од 2006 година наваму, според податоците од Владата, исплатени се 370 милиони евра во субвенции, а увозот на храна од 365 милиони евра во 2006 година достигнал до 620 милиони евра, лани. Пред три месеци увозот на храна порасна до фантастични 750 милиони евра.

Претпоставките се дека годинава Македонија ќе доживее рекорден увоз на храна од близу милијарда евра, пари кои се одлеваат за стратешки земјоделски производи, како што се месо, млеко, лебно жито, масло за јадење, кои реално можат со добра стратегија да се произведат во земјава, се разбира, ако парите се даваат на вистинското место. Но, кога ќе се избројат дадените милиони како помош во аграрот и кога ќе се споредат со податоците за увозот, тогаш навистина станува сомнително какви се ефектите од субвенционирањето и каде завршуваат тие пари.

Според нашите извори, дел од парите од граѓаните завршуваат кај одредени аги и бегови од селата, се разбира, блиски до партијата. Па така, шемата по која се прави кражбата со субвенциите станува законска. Прво им се доделува земја на овие луѓе, а потоа на име на таа земја им се исплаќаат и субвенции, а тие истата им ја даваат на тутунари или полјоделци под закуп.

Малверзациите се прават и преку некои нивни блиски агробизнисмени, кои плановите за сеидба или садење го прават врз основа на тоа за која култура има повисоки субвенции, но таа култура потоа не ја садат. Таков пример до пред две години беше садењето на тикви и лубеници, за кои луѓето од оваа бранша велат дека, ако се родеше толку род колку што се исплатија субвенции, цела Европа ќе ја најадевме со лубеници и со тикви!

И сето ова нема кој да го спречи, бидејќи Земјоделскиот инспекторат има законска обврска за 20 отсто контрола, па оттаму не е можно да се исконтролира секој дел од земјава, особено не онаму каде владеат агите и беговите.

Од она што можевме да го забележиме во текот на истражувањето, еден земјоделец или агробизнисмен не може да проневери субвенции ако нема помош од некој во министерството, инспекторатот, подрачната единица, платежната агенција…Слушнавме и примери каде што земјоделецот добива земја под концесија и пријавува насад со ореви.

Ги зема парите (во тоа време биле 140.000 денари за хектар), а следната година доаѓа и вели дека се откажува од земјата оти не му се исплати производството. Парите си завршуваат во џеб, не се знае чиј, а никој не одговара. Затоа не треба да се чудиме зошто одвојуваме милијарди за субвенции и помош, а увозот ни расте!

Агенцијата нема список на своите корисници
СЕКОЈ ДЕВЕТТИ ГРАЃАНИН Е СУБВЕНЦИОНИРАН ЗЕМЈОДЕЛЕЦ!?

Користејќи го правото за слободен пристап до информации од слободен карактер, се обративме до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Баравме информации на кои земјоделци, со име и со презиме им биле исплатени пари и во кој период, а особено бевме заинтересирани колку земјоделци биле субвенционирани непосредно пред избори од 2008 година, сѐ до последните парламентарни избори. Од Агенцијата ни го испратија следниот одговор:

„Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој не располага со податоците во форма во која вие ги барате, односно по месец, име и презиме на корисник и исплатен износ. Податоците кои можеме да ги обезбедиме се следни – во 2009 имало 101.681 корисници на финансиска поддршка, а вкупно бил исплатен износ од 4 милијарди денари. Во 2010 година имало 106.612 корисници, а исплатени биле 5,5 милијарди денари. Исплатата на субвенциите за 2011 година е во тек и не располагаме со финален број на корисници и износ на исплата”!

Ако ги следиме бројките на Агенцијата, секој деветти работоспособен граѓанин во земјава добил финансиска поддршка за земјоделство. Од друга страна, пак, не можат да се видат конкретните ефекти, со оглед на тоа што увозот е во пораст, за разлика од извозот!

Ленче НИКОЛОВСКА, парламентарна комисија за земјоделство
НАЦИОНАЛНИОТ СЕРВИС Е ЗАБРАНЕТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ

Како претседател на комисијата за земјоделство, два пати се обидов да ставам на дневен ред точка за актуелната состојба во аграрот која е лоша и да излеземе со заклучок дека на земјоделците треба итно да им се доделат субвенциите и да им се обезбеди зелена нафта, вели Ленче Николовска, претседател на парламентарната комисија за земјоделство.

– Пратениците од власта еден час се расправаа со мене дека не требало да дебатираме, со објаснувања дека не било деловнички, иако јас го имав запазено деловникот, информацијата им ја доставив пет дена пред закажување на комисијата. Но, пратениците, од кои повеќето се од земјоделските краеви, знаеја точно дека состојбата е лоша и затоа не сакаа публицитет, бидејќи собранискиот канал остана единствениот медиум кој ја пренесува оваа комисија. На сите други телевизии, вклучувајќи го и националниот сервис, кој го плаќаат земјоделците, изгледа има забрана за оваа комисија – вели Николовска.

(Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и од проектот СКУП)

 

Поврзани новости