Секој вработен во приватниот сектор на грб носи по еден пензионер и половина административец

by Фокус 09:56
09:56

Текстот е објавен на четврти мај 2012-та во неделникот „Фокус“ број 879

Пишувал
Гоце МИХАЈЛОСКИ

- Advertisements -

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е една од ретките институции што излезе ќар од новата прераспределба на народните пари, популарно наречена ребаланс на буџетот. Но, види чудо, тоа помина без специјална прес-конференција на владиниот кабинет.

Не дека тандемот Груевски – Ставрески нешто променил во својата пи-ар стратегија, туку затоа што во случајот работава повеќе е за плачење отколку за фалење. Фондот, наместо првично планираните 749 милиони евра, годинава за пензии ќе потроши три милиони евра повеќе, односно фантастични 752 милиони евра!

Според пресметките на ПИОМ, тоа е 10 отсто од бруто домашниот производ. Сумата е огромна и проблематична за слаба економија како македонската, но уште попроблематична е нејзината структура. Од придонесите за пензиско, што ги плаќаат вработените, ќе се соберат помалку од 60 отсто од потребните пари. Наместо првично планираните 463 милиони евра, Владата по овој основ очекува 16 милиони евра помалку, или само 447 милиони евра.

Намалувањето на приходите очигледно се должи на нереалните и надуени очекувања дека годинава ќе има забележителен раст на економијата, кој би продуцирал нови вработувања. Со новата проекција, Владата не само што потврдува дека тоа нема да се случи, туку најавува и дека дел од сега вработените ќе останат без работа!

БУНАР БЕЗ ДНО

Поради растот на расходите и намалувањето на основните приходи, дупката во буџетот на ПИОМ со ребалансот се зголеми за дополнителни 19 милиони евра и сега изнесува 305 милиони евра. Мал дел од нив ќе бидат покриени со продажба на акциите што ПИОМ ги поседува во македонските компании или со дивиденди, но, најголемиот дел, рекордни 287 милиони евра, ќе се покријат со префрлање на пари од централниот државен буџет.

Тоа е приближно исто колку што годинава ќе се потрошат за сите капитални инвестиции, или речиси колку што чинат и платите на административците. Овие бројки алармираат, особено затоа што на економијата ѝ оди сѐ полошо.

Праксата, со огромни буџетски пари да се финансираат пензиите не е нова, но последниве неколку години зема драматични размери. ПИОМ од година в година станува сѐ поголем и погладен аждер, кој, како што тргнало, за неколку години може да нѐ проголта сите. Така, само во однос на лани, сумата што се трансферира од буџетот за спасување на пензискиот систем од колапс, е зголемена за 54 милиони евра, а во однос на 2008, за цели 100 милиони евра!

Владата, пак, или воопшто не е вознемирена од ваквиот тренд, или глуми спокојство, во ситуација кога пензионерите ги гледа како гласачка машина. Се најавува ново зголемување на пензиите, што ќе биде дополнителен товар за Фондот. Министерот за труд Спиро Ристовски не открива колкаво ќе биде зголемувањето и кога ќе се случи, но не е тешко да се предвиди дека тоа ќе биде темпирано непосредно пред локалните избори и најверојатно ќе се зголеми за сумата за која се зголемува и буџетот на ПИОМ во ребалансот!

БИЗНИСОТ ГО ГУБИ ЗДИВОТ

Главната фалинка на македонскиот пензиски систем, како и на повеќето од земјите на источниот блок, е што тој е проектиран во социјализмот, кога имало многу повеќе работници, а многу помалку пензионери. На пример, во 1990 година, пред распадот на Југославија, во земјава имало 602.000 вработени и само 166.000 пензионери, што значи соодносот  вработени/пензионери бил 3,6 : 1.

Масовните отпуштања од работа во транзицијата и стареењето на населението во меѓувреме, овој сооднос денес го сведоа на 1,7 : 1. Има само 465.000 осигуреници, а дури 280.000 пензионери!Освен што бројот на осигуреници е значително намален, проблем е и неговата структура. Вкупно вработени во земјава има околу 435.000, а останатите осигуреници се невработени, за кои придонеси до пензија им исплаќа државата. Од вработените, пак, според податоците на Заводот за статистика, 130.000 се административци и вработени во комунални претпријатија, а во приватниот сектор работат само 305.000 луѓе.

Тоа значи дека секој вработен во приватниот сектор на грб носи еден пензионер и половина административец. И после се чудиме, зошто економијата бавно или никако не се развива!

Но, очигледно, бизнисот полека го губи здивот и веќе не може да го издржи ваквиот товар. Тоа го покажува и извештајот на Фондот за ПИОМ, каде тие потврдуваат дека придонесите за вработените не се плаќаат во целост и дека. всушност, реалниот сооднос на вработени/пензионери е уште полош.

Бројот на осигурениците, според податоците на Фондот, за кој е платен придонес, изнесува 413.797 или 88,7 отсто од вкупниот број, а соодносот меѓу осигурениците кои плаќаат придонес и корисниците на пензија изнесува 1,51 вработен на еден корисник на пензија, пишува во извештајот на ПИОМ за 2011 година. Бидејќи е исклучено да не се платени придонесите за административците, јасно е дека тие не се платени за вработените во приватниот сектор.

Ако овој тренд на неплаќање на придонесите продолжи, а, како што стојат работите во економијата, тоа е повеќе од можно, тогаш оваа ситуација ќе се влошува. Ако на тоа се додаде и неопходноста од реформи во администрацијата, на што предупредуваат меѓународните финансиски институции, со кои ќе се намали нејзината превработеност, реалниот сооднос вработени/пензионери, според експертите, уште сега овие 1,5 : 1 ќе ги сведе на 1,4:1!

ЛОШОТО ДОПРВА ДОАЃА

Но, најлошото сѐ уште не дошло. ПИОМ, како и државата во целина, особено ќе се најдат на удар во следните децении, кога, според проекциите на експертите во Фондот, бројот на старите лица ќе достигне третина од полнолетното населението и ќе биде речиси еднаков на бројот на вработените. Сега тие се 17,46 отсто, а во 2060 година нивниот број ќе достигне 43,09 отсто!

Според стручњаците на Фондот, подолгото траење на животот ја менува структурата на населението, зголемувајќи го бројот на постарите лица во вкупното население, а со тоа и бројот на пензионерите во системот и времето на користење на пензијата. Од друга страна, неповолните промени во стопанството директно влијаат на намалување на стапката на активност на населението и на структурата на работната сила, а со тоа и на осигурениците на долг рок.

Тие наведуваат дека систем со тековно финансирање (PAYG т.е. Pay Аs You Go), каков што е и нашиот, е многу чувствителен на соодносот меѓу осигурениците и пензионерите, бидејќи има опасност од недостаток за исплата на ветените пензии заради недоволните средства од тековните осигуреници.

Во песимистичкото сценарио, соодносот вработени/пензионери ќе се намали до 1,11 : 1, а дури и во оптимистичкото сценарио, тој сооднос е неповолен и се намалува до 1,46 : 1. Ваков сооднос укажува дека систем кој се заснова само на тековно финансирање, ќе има проблеми во своето работење, бидејќи самиот сооднос осигуреници/пензионери е индикатор за неодржливоста на системот, оценува ПИОМ.

И покрај крајно загрижувачките показатели, Владата сепак не планира значајни реформи што би ја вратиле виталноста на пензискиот систем. Наместо тоа, и понатаму годишно ќе истура по 300 милиони евра од буџетот, но, за жал, со тоа нема да го реши проблемот. Единствените потези што ВМРО-ДПМНЕ ги презеде, нанесоа повеќе штета отколку корист.

Во 2010 година ги намалија придонесите за пензиско од 20 на 18 отсто од платата, со надеж дека тоа ќе ги поттикне бизнисмените да вработуваат повеќе луѓе, па на тој начин да се компензира новата дупка што се појави. Но, до тоа не дојде – нови вработувања нема, а придонесите останаа намалени!

Уште еден удар на Фондот, ВМРО-ДПМНЕ му нанесе пред неколку години, со Законот за предвремено пензионирање на 1.000 полицајци. Тие земаат релативно високи пензии и ќе ги земаат многу подолго време во однос на останатите пензионери.

Уставниот суд го укина законот, но не го поништи, па така поранешните полицајци денес живеат мирен пензионерски живот, а на нивно место се вработени нови луѓе. Резултатот од пензиските политики и донесените мерки го гледаме!

 ПОПУЛИЗМОТ ГИ КОЧИ РЕФОРМИТЕ

Спасот за пензискиот систем власта долгорочно го гледа во новите два приватни пензиски столба, што функционираат неколку години, но реално е тешко да се очекува дека тоа ќе биде доволно без силен прв столб, кој е основа на нашиот систем.

Првиот столб е задолжителниот  јавен, кој работи на принцип на тековно финансирање (уплатените придонеси од тековните осигуреници веднаш се трошат за плаќање на пензиите на тековните пензионери), вториот столб го сочинуваат капитално финансираните пензии, а третиот столб е доброволното пензиско осигурување, врз основа на индивидуално штедење (уплатените придонеси се уплаќаат на индивидуална сметка, се инвестираат и акумулираат, а потоа се користат за исплаќање на лична пензија).

Можеби единствениот начин ПИОМ да застане на здрави нозе е зголемување на старосната граница за пензионирање по примерот на многу европски земји. На тој начин би му се дале 2-3 години на ПИОМ да здивне од прилив на нови пензионери, години во кои поради природна смрт бројот на пензионери ќе се намали за 30.000 до 40.000, со оглед што месечно од овој свет си заминуваат по околу 1.500 пензионери.

Во Македонија, во овие дваесет години, во неколку наврати имаше рестриктивни политики што помогнаа колку-толку да се одржи системот, но проблемот е што нема никакви во последниве шест години. Претходно, уште во 90-тите, границата за пензионирања за мажи беше зголемена од 60 на 63 години, а за жени од 55 на 60. Подоцна се коригираше нагоре уште еднаш, за да дојде до сегашните 64 за мажи и 62 години за жени, со минимум 15 години работен стаж. Во меѓувреме, се укина и можноста за пензионирање само врз основа на стажот.

Постојаната трка по гласови, што како лајтмотив на своето работење ја продуцираше популистичката Влада, тешко дека сега ќе дозволи да се направи таков чекор. Пензионерите, како и луѓето пред пензија, се особено отпорни на промени, па јасно е дека ваквите  реформски чекори би го чинеле Груевски десетици илјади гласови на претстојните локални избори. Што да се очекува? Многу веројатно, продлабочување на дупката во Фондот, па сѐ додека има пари за зајмување, Владата ќе го покрива кусокот пари, ставајќи ја целата економија во заложништво на пензискиот систем!

Поврзани новости