Предлог-законот за игри на среќа, кој е во владина процедура и се очекува наскоро да биде предложен до Собрание, предвидува забрана за отворање на објекти за приредување на игри на среќа во близина на 500 метри од училиштата, но ваква забрана нема во однос на верските објекти. Сепак, приредувачите на игри на среќа веќе реагираа дека на тој начин ќе се уништи најстрого регулираната индустрија, иако всушност станува збор за поумерено законско решение во споредба со неодамнешниот предлог на опозицијата за целосно затворање на овие објекти во урбани и населени средини.
Од Министерството за финансии, кое се јавува како предлагач на овој закон, за „Фокус“ велат дека, со цел заштита на младата популација, како најсоодветно решение одлучиле деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во автомат-клуб, во казино, во обложувалниците во кои има поставено ВЛТ-терминали и деловните простории во кои се приредуваат електронски игри на среќа да ги оддалечат на 500 метри од основни и средни училишта.
„Се остава доволно простор до примената на ова решение (јануари 2027 година) приредувачите на игри на среќа соодветно да се реорганизираат. Во однос на верските објекти, не постои ограничување во однос на оддалеченоста на деловните простории на приредувачите на игри на среќа, имајќи ја во предвид секуларноста на државата. Целта на Законот е заштита на младата популација во образовниот систем, односно оддалеченоста важи само за основни и средни училишта“, ни одговорија од Министерството.
Воедно, од таму додаваат дека целта на новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри е „појасно регулирање на состојбите и односите во областа на игрите на среќа и забавните игри, како и поголема заштита на граѓаните“. Со законско решение, истакнуваат од МФ, освен што се воведува дистанца на објектите за игри на среќа од училиштата, се зајакнуваат и механизмите за контрола на приредување и ширењето на игри на среќа, се зголемуваат сите давачки и надоместоци за игрите на среќа и се воведуваат дополнителни процедури во насока на добро корпоративно управување.
Откако беше соопштено дека овој предлог-закон минал на владина седница, истите прашања ги упативме и до Владата: Како, односно врз основа на кои аргументи и проценки беше дојдено до забрана за отворање на објекти за игри на среќа во близина од 500 метри на училиштата? Дали тоа е доволно, со оглед дека во минатиот период се најавуваше дека ова ограничување ќе изнесува 800, 900 или 1.000 метри? Зошто предлог-законското решение, според најавите, не содржи ограничување и во однос на верските објекти? На што се темели очекувањето дека ова законско решение ќе ги намали објектите за игри на среќа за 70 проценти…?
„Во врска со Вашите прашања кои што се предмет на Ваш интерес, Ве информираме дека ова законско решение e се уште во владина процедура. По финализирање на сите формално-правни процедури, истиот ќе биде испратен до Собранието, со што јавноста во детали ќе биде информирана за новото законско решение и неговите одредби“, гласи официјалниот одговор што го добивме од Владата. Висок владин функционер, пак, неофицијално ни изјави:
„Првото барање на невладините и родителите беше 200-300 метри да се оддалечат објектите. Но, работната група утврди дека не е доволно, и дојдовме до бројка од 500 метри. Точната бројка колку места ќе опфати оваа мерка од 500 метри ќе се знае многу скоро, но првичната анализа е дека таа бројка ке биде значителна. Дистанцата од 500 метри не е единствената мерка. Законот предвидува и низа други мерки преку такси, давачки и регулации за лимитирање на бројот на машини што може да оперираат…“.
Инаку, првиот вицепремиер Изет Меџити, кој воедно е еден од лидерите на ВЛЕН, од каде уште предизборно најавуваа дека ќе влезат во жестока битка со т.н. казино-индустрија, новото законско решение го оцени како „многу значаен чекор во борбата против мафијата на коцкањето“. Според него, само во првиот бран ќе се намали присуството на, како што рече, оваа колективна катастрофа за најмалку 70 отсто.
–Ова е само почеток. Од над 7.000 ВЛТ-апарати со првиот удар ќе се отстранат 4.000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците, кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отварање обложувалници – појасни Меџити.
Меѓутоа, веднаш стигна реакција од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) од каде апелираа Владата да не го предлага новиот драфт на закон за игри на среќа во собраниска постапка. Од таму сметаат дека предизборната реторика многу штетно ќе влијае на процесот и повторно ќе започне партиска лицитација со предлози кои ќе имаат цел „промовирање на радикални решенија и конечно затворање на легалните објекти за игри на среќа“.
„Не е точно дека младите ќе бидат повеќе заштитени со дистанца од 500 метри. Ваквиот концепт е целосно промашен, неизводлив на терен и зависен од субјективна проценка на надлежните. Одговорно тврдиме дека дислокацијата е параван за клуч на врата на легалните објекти за игри на среќа. Критиките дека називите и излозите на спортските објектите ги привлекуваат младите и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, нема врска со реалноста“, велат, меѓу другото, од АПИС.
Исто така, реагираа и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ). Од таму посочија дека донесувањето на ваков закон по скратена постапка, без вклучување на засегнатите страни и без јавна расправа, „претставува повторување на катастрофалниот пристап кој го имаше и претходната влада“. Во таа насока, истакнуваат дека владејачката коалиција предизборно калкулира и за евтини политички поени во своите математики ја вклучи и индустријата за игри на среќа, која, според нив, е најрегулираната гранка во државата.
„Со затворање на легалната индустрија, преку ноќ ќе се отворат стотици нелегални казина и обложувалници, како што тоа беше во деведесеттите. Овој закон целосно ја дерегулира една од најрегулираните индустрии во државата, ги става играчите во ризик и ја враќа државата години наназад. Овој предлог-закон предвидува оддалечување од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, исто како и претходниот закон. Ова во пракса значи затворање на објектите и ништо друго“, велат од АСОМ.
Долго време, секторот за игри на среќа ја сензибилизира јавноста, бидејќи граѓанските движења се залагаат за затворање на објектите за игри на среќа, а оваа позиција беше прифатена и од политичките актери, ама во не толку радикална варијанта. За потсетување, пред последните избори тогашната власт на СДСМ и ДУИ предложи и изгласа закон со кој се забранија објекти близу училишта и верски објекти. Но, експретседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот, а законот во втор обид не ги доби потребните гласови.
По изборите, пак, ДУИ од опозиција повторно предложи законско решение, но овојпат многу поригорозно, со оглед дека тоа предвидуваше целосно затворање на казината и нивно дислоцирање во хотели. Сепак, овој закон не го доби потребното мнозинство, односно новото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН одлучи да го истурка автентичното толкување на постоечкиот закон. Истовремено, од таму најавуваа нов закон на игри на среќа за „строго регулирање на оваа индустрија“, кој, една година по изборот на оваа Влада го мина филтерот на Илинденска и се очекува да биде доставен до пратениците.
„Коалицијата ВЛЕН ветуваше целосно затворање на казината, но денес, благодарение на нив, казината се поблиску од кога било-во населби, покрај училишта, спроти џамии и насекаде. Кога беше предложен сериозен закон кој ќе ги затвореше и преместеше обложувалниците, тие беа против. Кога ВМРО фрлаше коски во форма на позиции и привилегии, ВЛЕН со воодушевување се приклучи. Денес сакаат да се пофалат со закон кој повеќе личи на маска, закон кој не допира ни казина во населби, ни обложувалници на секој агол, ни онлајн коцкањето кое порасна повеќе од кога било. Закон што е далеку послаб од оној што самите го срушија претходно“, реагираа од партијата на Али Ахмети.
Игрите на среќа беа и една од темите на разговор со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој во интервју за „Фокус“ рече дека феноменот на ширењето објекти за игри на среќа претставува комплексно прашање, кое значително ја засега не само економијата, јавното здравје и социјалната сигурност, туку особено младите и нивната благосостојба. Според него, јасно е дека кога во едно општество се отвораат повеќе објекти за игри на среќа отколку библиотеки или културни центри, тоа претставува алармантен сигнал што не смее да се игнорира.
–Постои сериозен процент на млади луѓе зависни од игрите на среќа, што бара максимално сериозен и одговорен пристап кон оваа појава. Охрабрувачки е фактот што во значителна мера се затворени онлајн игрите на среќа, што беа феномен можеби уште поопасен и понепредвидлив. Се преземаат и напори за намалување на активностите поврзани со игрите на среќа во земјава. Потребна е нова законска рамка, која, не само што ќе ја ограничи нивната распространетост во чувствителни зони, како што се училиштата и верските објекти, туку и ќе постави цврсти механизми за заштита.
Влатко СТОЈАНОВСКИ