Новиот Закон за игри на среќа, кој веќе мина на владина седница и се очекува наскоро да биде доставен до Собранието, ќе изврши сериозен удар врз таканаречената казино-индустрија, или, пак, тој ќе биде недоволен за значајно намалување на објектите за приредување на игри на среќа, кои постојано никнуваат не само во ненаселени и вонградски средини, туку и на секој агол во урбаните населби и маала?
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Првиот вицепремиер Изет Меџити, кој воедно е еден од лидерите на ВЛЕН, од каде уште предизборно најавуваа дека ќе влезат во жестока битка со оваа индустрија, новото законско решение го оцени како „многу значаен чекор во борбата против мафијата на коцкањето“. Според него, само во првиот бран ќе се намали присуството на, како што рече, оваа колективна катастрофа за најмалку 70 отсто.
–Ова е само почеток. Од над 7.000 ВЛТ-апарати со првиот удар ќе се отстранат 4.000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците, кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отварање обложувалници – појасни Меџити.
Како што истакна, борбата против индустријата на коцкањето е тешка и опасна, бидејќи станува збор за, според него, добро организирана структура со криминогена природа, која ги надминува државните граници и не признава бариери, ниту политички, ниту етнички, национални или верски. Досега, посочи тој, со една лиценца компаниите отворале неограничен број на објекти, но најави дека со законските измени повеќе нема да може да се прави.
–Казино-индустријата која подолго време беше претворена во главно бизнис претпријатие во нашата земја сега доживува сериозен удар. Наследивме општество во кое коцкањето беше во подем. Казината и обложувалниците беа отворени на секој агол. Денес на територијата на целата држава функционираат најмалку 1.500 центри за коцкање, обложувалници и апарати за коцкање – истакна вицепремиерот Меџити, нарекувајќи ги казината рак-рана на општеството.
Веднаш стигна реакција од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), од каде апелираа Владата да не го предлага новиот драфт на закон за игри на среќа во собраниска постапка. Од таму сметаат дека предизборната реторика многу штетно ќе влијае на процесот и повторно ќе започне партиска лицитација со предлози кои ќе имаат цел „промовирање на радикални решенија и конечно затворање на легалните објекти за игри на среќа“.
„Неопходна е широка општествена дебата и инклузивен процес наместо нов закон по секоја цена. Веруваме дека нашите предупредување ќе бидат примени со добра волја, без предрасуди и надвор од дневно политичките збиднувања. Искрено жалиме што и во новиот предлог-закон се актуелизира противуставната и дискриминаторска одредба за воведување дистанца за легалните објекти за игри на среќа.
Не е точно дека младите ќе бидат повеќе заштитени со дистанца од 500 метри. Ваквиот концепт е целосно промашен, неизводлив на терен и зависен од субјективна проценка на надлежните. Одговорно тврдиме дека дислокацијата е параван за клуч на врата на легалните објекти за игри на среќа. Критиките дека називите и излозите на спортските објектите ги привлекуваат младите и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, нема врска со реалноста.
Ако ја прифатиме оваа логика, со истите аргументи ќе треба да се дистанцираат и кафулињата, кафеаните и тобаката за младината да не биде под ризик да стекнува зависност од алкохол и никотин. Особено што во новиот закон се предвидува големината на досегашните светлечки реклами за називите на објектите за игри на среќа да биде драстично намалена на најмногу 100 сантиметри должина и 30 сантиметри ширина.
Истовремено сметаме дека е целосно нелогично во исто време да се воведува дистанца на објектите и да и се овозможува на државата да организира игри на среќа преку интернет. Онлајн-игрите на среќа се достапни преку мобилни уреди, компјутери на секое место во државата и така младината е под постојан ризик да има непосреден контакт со игрите“, соопштија од АСИМ.
Исто така, реагираа и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ). Од таму посочија дека донесувањето на ваков закон по скратена постапка, без вклучување на засегнатите страни и без јавна расправа, „претставува повторување на катастрофалниот пристап кој го имаше и претходната влада“. Во таа насока, истакнуваат дека владејачката коалиција предизборно калкулира и за евтини политички поени во своите математики ја вклучи и индустријата за игри на среќа, која, според нив, е најрегулираната гранка во државата.
„Со овој предлог-закон се загрозуваат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Ова ќе значи уништување на целата легална индустрија заради краткорочни политички поени пред избори. Овој закон не само што нема да ги заштити граѓаните од евентуални штетни последици од игрите на среќа, туку целосно ќе ги стави во ризик.
Со затворање на легалната индустрија, преку ноќ ќе се отворат стотици нелегални казина и обложувалници, како што тоа беше во деведесеттите. Овој закон целосно ја дерегулира една од најрегулираните индустрии во државата, ги става играчите во ризик и ја враќа државата години наназад. Овој предлог-закон предвидува оддалечување од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, исто како и претходниот закон. Ова во пракса значи затворање на објектите и ништо друго“, велат од АСОМ.
Долго време, секторот за игри на среќа ја сензибилизира јавноста, бидејќи граѓанските движења се залагаат за затворање на објектите за игри на среќа, а оваа позиција беше прифатена и од политичките актери, ама во не толку радикална варијанта. За потсетување, пред последните избори тогашната власт на СДСМ и ДУИ предложи и изгласа закон со кој се забранија објекти близу училишта и верски објекти. Но, експретседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот, а законот во втор обид не ги доби потребните гласови.
По изборите, пак, ДУИ од опозиција повторно предложи законско решение, но овојпат многу поригорозно, со оглед дека тоа предвидуваше целосно затворање на казината и нивно дислоцирање во хотели. Сепак, овој закон не го доби потребното мнозинство, односно новото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН одлучи да го истурка автентичното толкување на постоечкиот закон. Истовремено, од таму најавуваа нов закон на игри на среќа за „строго регулирање на оваа индустрија“, кој, една година по изборот на оваа Влада го мина филтерот на Илинденска и се очекува да биде доставен до пратениците.
„Коалицијата ВЛЕН ветуваше целосно затворање на казината, но денес, благодарение на нив, казината се поблиску од кога било-во населби, покрај училишта, спроти џамии и насекаде. Кога беше предложен сериозен закон кој ќе ги затвореше и преместеше обложувалниците, тие беа против. Кога ВМРО фрлаше коски во форма на позиции и привилегии, ВЛЕН со воодушевување се приклучи. Денес сакаат да се пофалат со закон кој повеќе личи на маска, закон кој не допира ни казина во населби, ни обложувалници на секој агол, ни онлајн коцкањето кое порасна повеќе од кога било. Закон што е далеку послаб од оној што самите го срушија претходно“, реагираа од партијата на Али Ахмети.
Во врска со оваа тема, до Владата упативме неколку прашања: Како, односно врз основа на кои аргументи и проценки беше дојдено до забрана за отворање на објекти за игри на среќа во близина од 500 метри на училиштата? Дали тоа е доволно, со оглед дека во минатиот период се најавуваше дека ова ограничување ќе изнесува 800, 900 или 1.000 метри? Зошто предлог-законското решение, според најавите, не содржи ограничување и во однос на верските објекти? На што се темели очекувањето дека ова законско решение ќе ги намали објектите за игри на среќа за 70 проценти и дали и како овој закон ќе спречи казина во градовите и селата?
„Во врска со Вашите прашања кои што се предмет на Ваш интерес, Ве информираме дека ова законско решение e се уште во владина процедура. По финализирање на сите формално-правни процедури, истиот ќе биде испратен до Собранието, со што јавноста во детали ќе биде информирана за новото законско решение и неговите одредби“, гласи официјалниот одговор што го добивме од Владата. Висок владин функционер, пак, неофицијално ни изјави:
„Првото барање на невладините и родителите беше 200-300 метри да се оддалечат објектите. Но, работната група утврди дека не е доволно, и дојдовме до бројка од 500 метри. Точната бројка колку места ќе опфати оваа мерка од 500 метри ќе се знае многу скоро, но првичната анализа е дека таа бројка ке биде значителна. Дистанцата од 500 метри не е единствената мерка. Законот предвидува и низа други мерки преку такси, давачки и регулации за лимитирање на бројот на машини што може да оперираат. Казино како такво нема да може да оперира веке низ населби. Со сегашниот закон тоа не е добро регулирано и се злоупотрува лиценцата“.
Инаку, игрите на среќа беа една од темите на разговор со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој во интервју за „Фокус“ рече дека феноменот на ширењето објекти за игри на среќа претставува комплексно прашање, кое значително ја засега не само економијата, јавното здравје и социјалната сигурност, туку особено младите и нивната благосостојба. Според него, јасно е дека кога во едно општество се отвораат повеќе објекти за игри на среќа отколку библиотеки или културни центри, тоа претставува алармантен сигнал што не смее да се игнорира.
–Постои сериозен процент на млади луѓе зависни од игрите на среќа, што бара максимално сериозен и одговорен пристап кон оваа појава. Охрабрувачки е фактот што во значителна мера се затворени онлајн игрите на среќа, што беа феномен можеби уште поопасен и понепредвидлив. Се преземаат и напори за намалување на активностите поврзани со игрите на среќа во земјава. Потребна е нова законска рамка, која, не само што ќе ја ограничи нивната распространетост во чувствителни зони, како што се училиштата и верските објекти, туку и ќе постави цврсти механизми за заштита.
Верувам дека се работи во таа насока, иако во оваа пригода не би сакал детално да коментирам за „идеалната“ верзија на справување со оваа штетна појава. Лично, многу голем противник сум на секаков вид организација од страна на државата на игрите на среќа и сметам дека нашиот приоритет како општество треба да биде промовирањето на културата, образованието и здравиот развој на младите. Време е јавната дебата да ја пренасочиме од темата „дозволи за објекти за игри на среќа“ кон темата „можности за подобар живот“ за младите и за сите граѓани – рече Гаши.