Гаши во интервју за „Фокус“: Време е да запрат поделбите и да се отвори темата за обединување!

Народот е закрвен поради политичкиот неодговорен говор, кој предизвикува високи емоции кај граѓаните, па емоциите не дозволуваат рационалност. Нашето длабоко поларизирано и политизирано општество мора да ја доживее својата катарза за да можеме да се движиме напред, необременети од „старите духови од креденецот“. Крајно време е да престанеме да уриваме сѐ што сме изградиле, напротив време е за градење мостови на разбирање и соживот, порача собранискиот спикер Африм Гаши.

by vlatko 18:37
18:37

Не сум ја презел оваа позиција со намера да направам чуда, туку со длабока посветеност да воведам нова култура на работа, заснована на транспарентност, етика, ефикасност и институционално достоинство, вели во интервју за неделникот „Фокус“ Африм Гаши, претседател на Собранието кој доаѓа од коалицијата ВЛЕН.

Интервју | Африм Гаши: Народот е закрвен поради политички неодговорниот говор, време е да запрат поделбите и да се отвори темата за обединување!

–Уште од почетокот на мандатот се водеа невидени напори од разни интересни кругови да се наметне негативен наратив, и за мене како нов претседател на Собранието, и за новото раководство во државата. Без правна основа, без факти, со една единствена цел – да се наруши институционалниот и личниот интегритет.

Се влечеа етнички теми, се навлегуваше и во приватниот живот, се монтираа конструкции за медиумски ефекти. Но, сите тие сценарија останаа без резултат. Јас одамна сум во политиката и знам како да останам стабилен пред нарачани бури. Ниеден од тие напади не ме поколеба да ја следам визијата што ја имам – упорно и доследно – вели Гаши.

Тој посочува дека власта има стабилно парламентарно мнозинство. Иако не го контролираат двојното Бадентерово мнозинство, сепак, додава дека неодамна биле усвоени и неколку акти кои бараа Бадентер, што, според него, јасно демонстрира дека системот функционира и дека соработката е возможна.

–Ова е една од предностите на демократијата, таа бара дијалог и поширок консензус, како со опозицијата, така и со пратеници надвор од мнозинството, за одредени прашања. Верувам дека токму тоа ја прави одлучувачката постапка поинклузивна, поодговорна и подемократска – рече Гаши.

Собранискиот спикер истакна дека локалните избори ќе бидат распишани во рамки на законските рокови, односно кон крајот на јули или почетокот на август. Тој очекува предизборниот период да биде фер и достоинствен, без злоупотреби на јавни ресурси, без партиски притисоци и без тензии што ги навредуваат граѓаните.

–Иако се трудам да стојам на дистанца од кампањата поради мојата институционална улога, знам дека ВЛЕН е целосно фокусиран и посветен на сериозна и структурирана организација на изборната кампања. Заедничкиот изборен штаб веќе е формиран, се прават неопходни анализи за програмите и кандидатурите, а сигналите што пристигнуваат од теренот се ветувачки – вели Гаши.

Тој верува во позитивен резултат за ВЛЕН на овие избори. Но, на прашањето дали евентуален изборен неуспех на ВЛЕН ќе јави потреба од одржување на предвремени парламентарни избори, тој вели дека локалните избори и нивниот исход не треба веднаш да се користат како повод за „креирање наратив за вонредни парламентарни избори“.

–Тоа се два различни процеси со различни цели и програми. Владата е стабилна, а институциите треба да функционираат со континуитет, без да бидат диктирани од резултати на локално ниво. Резултатот од локалните избори се однесува на локалните интереси на граѓаните и зависи од квалитетот на кандидатурите и програмите – вели Гаши.

Притоа, тој ги критикува, како што вели, раздорните наративи на ДУИ, која, според него, отсекогаш била партија што поттикнувала поделби, како меѓуетнички, така и меѓу самите Албанци. Гаши смета дека ДУИ се обидува да ја покрие загубата на власта преку „неосновани обвинувања, вештачки создадени драмски сценарија, ширење страв и лажен патриотизам“.

–Сметам дека е дојдено времето да се запре со поделбите по која било основа и да се отвори големата тема за обединување на државата околу клучните политички теми. Да го иницираме конечно процесот на помирување, на реконсилијација во нашето општество – на интраетничко, на интеретничко рамниште, на политичко ниво, левица, десница, центар и друго… Народот е закрвен поради политичкиот неодговорен говор, кој предизвикува високи емоции кај граѓаните, па емоциите не дозволуваат рационалност.

Нашето длабоко поларизирано и политизирано општество мора да ја доживее својата катарза за да можеме да се движиме напред, необременети од „старите духови од креденецот“. Ова се теми што го преокупираат мојот политички хабитус и за кои гласно ќе говорам и напорно ќе работам за нивно остварување во следниот период. Крајно време е да престанеме да уриваме сѐ што сме изградиле, напротив време е за градење мостови на разбирање и соживот – порача Гаши.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Слични вести