Левица реагираше на одлуката на Уставниот суд за укинување на Колективниот договор за култура, оценувајќи дека со неа се загрозуваат работничките права на повеќе од 2.000 вработени во 123 културни институции во Македонија.
Од партијата посочуваат дека договорот гарантирал утврден начин на пресметување на платите, коефициенти според сложеноста на работните места, додатоци на плата, платено отсуство за стручно усовршување и други права од работниот однос.
„Денес Уставниот суд постави опасен преседан и ги погази работничките права на над 2.000 културни работници во Македонија“, велат од Левица.
Партијата потсетува дека спорот меѓу културните работници и Министерството за култура трае повеќе од една година и резултирал со околу 800 тужби поради начинот на пресметување на платите.
Од Левица го критикуваат и именувањето на поранешниот министер Зоран Љутков за национален координатор за култура, со месечна нето-плата од околу 106.000 денари, додека вработените во културата продолжуваат да се борат за своите примања.
Забелешки упатуваат и до Уставниот суд поради тоа што, според нив, не им овозможил на претставниците на Синдикатот на културата да ги изложат своите аргументи, и покрај двете доставени писмени барања.
Од партијата бараат одговор од Владата и од Министерството за култура за тоа што ќе се случи со платите и работничките права по укинувањето на договорот и кој ќе гарантира дека нема да има нови произволни пресметки.
Осврнувајќи се на денешниот протест на културните работници, од Левица порачаа дека укинувањето на Колективниот договор нема да ја запре организираната синдикална борба за заштита на работничките права.