И исламофобијата е тероризам

by Фокус 19:37
19:37

пишува х.Сулејман еф. Реџепи

Веднаш по нападите во Париз, еден висок функционер на владеачката македонска партија побрзал да напише на фејсбук :“ Да се разбереме. Ако не ги удриш прв, ќе те удрат први…“ И, по втор пат за десетина дена, удрија на месџидот во Крива Паланка. Само за да удрат додека не ги удриле, не за друго. Во меѓувреме, еден контроверзен албански новинар јавно повика да се бомбардира Мека, веројатно за да покаже колку многу е “европски“ настроен. Потоа некој рече дека “Исламот е полош од фашизмот“, па тргнаа муабетите за жиците и оградите, па се егзалтираа наши луѓе од бомбите на Путин, па се така, се како што не треба.

- Advertisements -

Мислам дека би било депласирано повторно опширно да кажувам што мислам за тероризмот воопшто и посебно за тој што себе се обидува да се представи како да е инспириран од Исламот. Само ќе повторам дека тероризмот е предодреден на неуспех, ама за жал предизвикува противодговори кои не се разликуваат многу од поводот, а жртви се недолжните, во овој случај муслимани.

Нема сомнеж дека бомбите на ИСИС придонесуваат за развојот на резервираноста кон Исламот и муслиманите. Но, што мислите, бомбите ли се по стари или исламофобијата која што во себе содржи и страв и омраза кон исламската вера, но пред се страшни предрасуди.

Многумина велат дека исламофобијата се роди од нападите во Њујорк и заживеа со радикалниот концепт на Хантигтон во врска со судирот на цивилизациите. И, факт е, дека од тогаш се изнаслушавме квалификации што немаат никаква допирна точка со Исламот. Ама тие продолжуваат да се шират.

Велат(некои), Исламот бил “примитивен и немал ништо заедничко со другите култури, бил барбарски, агресивен и го подржувал тероризмот затоа што е идеологија преку која се вршат воени и политички продори, па затоа исклучувањето на муслиманите од западните друштва било нормално како што е нормално и непријателството кон нив. Се става знак на равенка меѓу Исламот и некои радикални идеологии и поединци.

Јајцето или кокошката?

На што Ве потсетува сето тоа? Мене, искрено, ми асоцира на една идеологија на која што препознатлив знак и беше свастиката и што предизвика војна и смрт на толку луѓе колку што не загинале во сите претходни војни. Но, нејсе, помодерно е да се соберат во купче омразата и предрасудите кон Исламот во софистицираниот израз- Исламофобија. А таа, исламофобијата, ако се анализира посериозно, не произведува многу убавини. Развиена и пласирана од екстремно десничарските движења па прифатена и од некои други, исламофобијата  всушност го храни тероризмот, било да е тој “исламски“ или некој друг.

Знам, загрижените јуначишта од типот на оние несреќници што ги спомнав во почетокот на текстот, веднаш ќе ја постават дилемата за јајцето или кокошката. Бомбите ли беа први или исламофобијата ?

Па, јуначишта, исламофобијата, историски гледано, била негувана уште од крстоносните војни и од ставовите дека од Европа треба да се истребат сите муслимани, што за жал успеа во Шпанија и Италија, ама тоа треба да се расчисти во интелектуални и научни дебати. И не за да им се даде право на едните или на другите да го практицираат тероризмот. Напротив, за да сватат конечно дека тероризмот е општо зло, осудено и од Исламот но и од Христијанството чиј  што постулат е Исусовата верба во љубовта. Инаку, не верувам дека исламофобијата може да биде допуштена според црквените канони.

Ако исламофобијата ја гледаме потесно, од балканска призма или пак само од нашата призма тука во Македонија, таа добива уште една димензија која само ја усложнува и и дава по драматичен призвук. Имено, кај нас како по правило се врши идентификацијата на нацијата и на верата па така меѓунационалните недоразбирања и тензии се рефлектираат и на верата. А тоа, нели, значи уште проблеми за Македонија, уште Охридски и договори од Пржино.

Изгубени души што љубат да се занимаваат со глобални проблеми

Обидувајќи се да размислувам рационално, ме обзема една нелагода. Мислам дека Европа која што реално е нападната од ИСИС, ќе изнајде начин да го изменаџира овој конфликт и ќе ја надмине моменталната криза, ако не за друго, поради 45 милиони муслимани кои што живеат во неа и не сакаат да имаат врска со тероризмот. И, тоа ќе го стори, меѓу другото, дисциплинирајќи ја исламофобијата.

Но, се плашам дека таа ќе продолжи да вирее кај нас, кај изгубените души што не умеат да извлечат мачка од каша ама љубат да се занимаваат со глобални проблеми.

Негативниот политички и медиумски дискурс што Исламот и муслиманите ги смета како мета за одстрел е вознемирувачки за сите нас. Да се поврзуваат екстремисти и терористи генерално со Исламот и муслиманите само значи нивно понатамошно демонизирање и провоцирање.

Исламската цивилизација и муслиманите на светот му ја подарија математиката, астрономијата, компасот, медицината, значи основите на науката. Па зошто тогаш една милијарда луѓе треба да се вреднуваат преку еден грст терористи?

Дефинитивно, ИСИС е злосторничка и терористичка организација. Но, и исламофобијата е злостор и тероризам.

Поврзани новости