Хрвати бараат спомен плоча во чест на Сашко Гешовски во Сплит: Сашко и неговото семејство не го заслужија овој срам!

by Fokus

Хрватски граѓани бараат од локалната власт во Сплит да постави спомен плоча пред општинската зграда во чест на кавадарчанецот Сашко Гешовски, кој беше првата жртва од Македонија во воениот конфликт во 1991 година во СФРЈ.

Денес во Сплит, група на граѓани ќе излезе пред општинската зграда и ќе му оддаде почит на загинатиот војник, по повод 29 години од неговата смрт. Собирот ќе се случува во 12 часот, а на социјални групи од Хрватска се споделува барањето на жителите од Сплит да се постави плочата во чест на момчето.

-Поменот по повод годишнината од смртта на Сашко Гешовски ќе се одржи на 06.05.2020 година во 12 часот пред влезот на општинската зграда во Сплит. 29 долги години поминаа од денот кога загина војникот Сашко Гешовски, на протестот одржан на 06.05.1991 година пред зградата за општината. 29 долги и болни години за семејството Гешовски. 29 долги години на срам и на образот на сите досегашни градоначалници на Сплит кои не беа достојни на примерен начин да му оддадат почит на овој млад, невин човек. Тој срам ниту Сашко, ниту неговата фамилија, ниту граѓаните на Сплит не го заслужија. Долга година минува откако на Град Сплит и на градоначалникот Андре Крстуловиќ Опара му го предадовме барањето со спомен плоча пред зградата на општината да му се оддаде почит на Сашко Гешовски. Зошто да се брза после 29 долги и срамни години? –пишува сплиќанецот Марко Гај, а неговата објава е споделена во голем број на социјални групи.

Сашко Гешовски остана запаметен во историјата како првата жртва во воениот судир што го предизвика распадот на Југославија. Роден во Кавадарци во 1972 година, по завршувањето на средното училиште во родниот град тој замина на отслужување на воениот рок во Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил. Во критичниот момент, Сашко бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит.

Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост, а граѓаните масовно излегоа на протест. На градскиот плоштад се палеа свеќи во чест на младото момче. Неговото тело беше пренесено во Кавадарци со воен хеликоптер, а на погребот присуствуваа над 20.000 лица.

Кавадарчани се сеќаваат кога на ТВ беше пренесена вонредната вест за смртта на Сашко. Во тие моменти, неговата мајка Цвета била излезена во градот, да заврши некои обврски и не претпоставувала што ја снашло. Кога ја забележале неколку жени кои само пред неколку минути ја слушнале страшната вест на телевизија, и пришле сред улица, ја прегрнале, и низ плач и раскажале што се случило. Со смртта на Сашко започна ужасот на војната во Југославија. Во конфликтите во СФРЈ загинаа околу 40 македонски војници кои беа во редовите на ЈНА.

Вики Клинчарова

Поврзани новости