Весна и Мартин, тука сме, вели Ѓоко Ѓорчев кој со група на музичари снима песна во чест на Драган Вучиќ и жртвите на вирусот

by Fokus

Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, заедно со повеќе негови колеги деновиве ќе влезе во студио. Но, според препораките поради пандемијата, секој од музичарите кој ќе учествува во овој проект, посветен на легендарниот музичар и ТВ водител Драган Вучиќ, ќе го сними својот дел во песната во посебно студио.

Како што појаснува Ѓорчев, ќе се снима во Скопје, Велес, Штип и други градови, а финалниот микс и видеото ќе ги направи музичарот Филип Стевановски во студио во Штип.

-Настанот со нашиот драг колега Драган Вучиќ сите длабоко не потресе. Затоа со моите колеги Кате Танева, Кристина Палија, Кате од Соната, Трио Џентлмен и Ирена и Филип Стевановски, решивме да му се оддолжиме со песна која ја насловивме ,,Тука сме”. Станува збор за верзија на големиот хит на Битлси, ,,Let it be”, а текстот во кој се пее за борбата со корона вирусот го направи Огнен Неделковски. Тука сме за сопругата на Драган, Весна, за неговиот син Мартин, за сите оние кои минуваат низ тежок период поради своите загуби. Во овие тешки моменти целта ни е со песна да помогнеме, да го олесниме животот на луѓето, да порачаме дека ова зло сите заедно ќе го победиме. Целата екипа која е вклучена во овој проект изразува сочувство до фамилијата на Драган, кој беше голем музичар и наш пријател. Песната му ја посветуваме нему, но и на сите кои го изгубија животот поради вирусот, како и на оние кои се борат со него – раскажува Ѓорчев.

Додава дека поради пандемијата многу негови колеги, чија единствена егзистенција била музиката, се наоѓаат во тешка состојба. Без настапи, многу од нив останале без финансии, но сепак желбата со музика да го олеснат секојдневието на граѓаните и да им ги тргнат мислите од состојбата со пандемијата, биле големи.

-На своите профили на социјалните мрежи јас и многу мои колеги секој ден објавуваме видео снимки, и со музика се обидуваме да делуваме на населението, за полесно да се пребродат овие моменти. Проектот, односно новата песна, е спонзориран од винаријата Бовин и за нас многу значи, ова е наш начин да дадеме придонес во борбата со болеста. Започнавме со снимање на аудио материјалот, за кратко време песната ќе биде пуштена во етер. Драган и сите кои оние чии животи ги ефектираше вирусот, ја заслужија оваа песна, како наш знак за поддршка,солидарност и порака дека сите сме заедно во ова – ни изјави музичарот.

-Тука сме, чекаме, Чекаме овој свет да открие Зошто ни се случи се. Тука сме скриени И во стравот поблиски, Песните нека лечат како лек – се дел од стиховите на песната посветена на Вучиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости