Хелсиншки комитет: МВР не третира како персона нон грата!

by fokus

Оваа забелешка е дел од анализата на судските случаи која ја извршил Хелсиншкиот комитет за човекови права во приод од септември минатат година, до јуни годинава.

-Штом МВР ќе  наслови некоја акција, тој наслов се презема од страна на медиумите, но се користи дури и во официјалните соопштенија на судот. Покрај тоа, на денот на апсењето на осомничените за петкратното убиство, министерката за внатрешни работи изјави, „МВР ги откри сторителите на грозоморното убиство на Смиљковското езеро, што е своевидно прекршување на пресумпцијата на невиност, се наведува во анализата насловена „Основните граѓански и политички права и слободи“.

Претседателот на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев, истакна дека за разлика од соработката што ја имаат со судот, воопшто не добиле можност да разговараат со врвот на МВР.

-Со министерката за внатрешни работи на два пати на писмено побаравме соработка, но тоа не се случи. Актуелниот врв на МВР не третира како персона нон грата. Сме барале и податоци по слободен пристап, но одговор не сме добиле. Тоа е една трагична ситуација, рече Калајџиев.

Во анализата се содржани и забелешките на комитетот за злоупотребата на мерката притвор, како и за нетранспарентноста на судот кога станува збор за сослушувањето на заштитен сведок.

-Праксата не беше секогаш таква. Во 2007 година имав шанса да присуствувам на сослушување на заштитен сведок, но сега тоа е недозволено. Затоа и поголемиот дел од јавноста изразува сомнеж кога во некоја постапка е вклучен заштитен сведок, рече Воислав Стојановски.

Од Хелсиншкиот комитет истакнаа дека со став за судскиот случај што се водеше за петкратното убиство, ќе излезат откако пресудата ќе ја добијат на писмено. Засега само посочија дека немале сериозни забелешки за водењето на постапката, но сепак напоменаа дека работите ќе се разјаснат откако пресудата ќе се стави на хартија, но и откако за неа ќе се произнесат и повисоките судови.

Поврзани новости