Зошто министерот Попоски го крие оригиналниот документ од Вашингтон за шверцот на нафта?

by Фокус 16:00
16:00

Текстот е објавен на втори ноември 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 905

Пишува
Мери ЈОРДАНОВСКА

- Advertising -

Измина законскиот рок од 30 дена во кои „Фокус” чекаше одговор од Министерството за надворешни работи, според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Конкретно, баравме фотокопија од документот на првиот дипломатски претставник на САД во Македонија Виктор Комрас доставен до тогашната влада, а поврзан со шверцот на нафта за време на ембаргото во 1995 година.

Користејќи го законот, кој по правило е создаден за да штити и санкционира во име на вистината, се обидовме да ја решиме дилемата што се јави во јавноста. Така, „Дневник” пред еден месец објави факсимили за фирмите кои со цистерни и вагони со шверцувана нафта, декларирана како масло за подмачкување, во 1995 година деноноќно ја преминувале македонско-српската граница, и покрај предупредувањата од Брисел дека со тоа се крши ембаргото.

На факсимилите што ги објави „Дневник” доминира фирмата Макошпед, но, случајно или намерно, изоставена е фирмата „Силекс” на коалицискиот партнер на Никола Груевски, Љубисав Иванов-Ѕинго. Во документите пак, што „Фокус” ги објави уште во 2007 година, јасно се гледа на списоците фигурира и оваа фирма.

Од „Дневник” веќе изјавија дека во целост му веруваат на својот извор. „Фокус”, пак, и пред 5 години кога првпат ги објави документите, а и сега, уште повеќе е уверен во веродостојноста на изворот, па единствено што можеше да ја реши дилемата е Министерството за надворешни работи во чии архиви се наоѓа оригиналниот документ од Комрас.

За жал, практиката покажува дека законите во оваа држава се стокмени за да се кршат, па МНР до објавувањето на овој број не нѐ удостои со одговор, по што ќе следува жалба до Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ова патешествие за добивање информација нема да го поминуваме ни прв, ни последен пат. Ова е само уште еден пат кој ни докажува дека институциите што треба да го спроведуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер имаат дури и измислено недостатоци, сѐ со цел да се сокрие бараната информација. Дотолку повеќе, што образложенијата што ги даваат се повеќе од смешни!

ТИ ПИШУВАМ ПИСМО, АМА НЕМАМ ШТО ДА ТИ КАЖАМ

Дали сте знаеле дека Секретаријатот за европски прашања не знае колку раководители на сектори се смениле во 2009, 2010 и во 2011 година? Дали сте знаеле дека и Генералниот секретаријат на владата нема одговор на тоа прашање? Ниту СЕП, ниту пак Генералниот секретаријат немаат податоци колку нови вработувања имало во 2009, 2010 и во 2011 година? Тие немаат, но затоа има општината Гази Баба, која со име, презиме, па дури и биографија, ни ги достави овие податоци!

Дали сте слушнале дека медиумите во кои се емитува одредена владина реклама се сметаат за класифицирани информации кои можат да ја загрозат безбедноста во државата? Дали можеби сте помислиле дека Управата за извршување санкции, за да ви испечати документ што сте го побарале во согласност со законот, ви бара 140 денари и притоа ви дава фотокопирана уплатница (да разјасниме, за уплатницата не ни беа побарани пари)?!

Ние не знаевме, сѐ додека не се обидовме да го истестираме во практика законот, па до 15-тина институции ги поставивме прашањата што нѐ интересираат. Освен градот Скопје, на чело со Коце Трајановски, рака на срце, сите останати институции ни одговорија. Но, што содржеа одговорите е друга приказна.

Како онаа старата, „Драга, ти пишувам писмо, но немам ништо да ти кажам!”. Тоа е најдобрата дефиниција за тоа како кај нас се (зло)употребува Законот за пристап до информации. А кутрите ние, се надевавме дека во сета нетранспарентност на институциите, тоа ќе биде единствениот начин да се стигне до одговор од сите високи функционери кои не креваат слушалка ако знаат дека на пат им стои провокативно прашање, па макар чекале и одговор по еден месец. Дебело се излажавме!

НА ТЕУТА АРИФИ И ТРЕБА ОБУКА ОД СЛУЖБЕНИКОТ ВО ГАЗИ БАБА

Исто прашање, за бројката на вработени во 2009, 2010 и во 2011 година беше поставено до три институции – Секретаријатот за европски прашања, Генералниот секретаријат на владата и општина Гази Баба, која патем ја одбравме на тепка, чисто за да можеме да ја измериме транспарентноста.

Веднаш откако ги испративме барањата до институциите (кои ги праќавме по пошта, препорачани и со повратница, бидејќи така налага законот, а сето тоа чини околу 100 денари по барање), ни се јави службеникот од Гази Баба:

– Госпоѓо, да Ве прашам, дали ви се потребни и биографиите на вработените? Не смеам да ви го пишам брачниот статус и матичниот број, тоа е приватна работа, но сѐ друго ќе ви обезбедам. Отворени се три предмети. Ве молиме доколку малку доцнам со одговорите да не ми забележувате, бидејќи се работи за обемни предмети – ни рече службеникот.

Советникот во општината Гази Баба, Ајет Реџепи, не само што не задоцни со одговорите, туку на 20-тина страници ни ги испрати биографиите на сите нововработени во општината, сите нивни претходни работни места, а во меѓувреме уште 3 пати ни се јави за да не праша дали сме задоволни од одговорите!

Од испратените одговори дознавме дека лани новогодишниот коктел во општината чинел 55 илјади денари, дека набавката на таканаречена дамска галантерија чинела 106 илјади денари, дека посетата на збратимени општини  чинела 50 илјади денари и така натаму.

Со други зборови, на прашањата што ги поставивме, добивме одговор, но бидејќи не сме навикнати на ваква практика, навистина сметаме дека службеникот заслужува пофалба. Особено затоа што веднаш по одговорите што ги добивме од општината Гази Баба, на истите прашања следуваше одговорот од Секретаријатот за европски прашања кој гласеше:

„Секретаријатот не создал и не располага со бараната информација, нема готов документ, а изработка на нов документ согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не е предвидено, со други зборови се бара информација од јавен карактер која не постои, постапката што ја баравте се запира”.

Под ова, стоеше потпис од заменикот на претседателот на владата, Теута Арифи. Буквално истиот одговор, речиси и препишан, го добивме и од генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски.

Па, оттаму, неизбежно е да се прашаме, како службеникот во Гази Баба располага со бараните информации, а Арифи и Божиновски се повикуваат на изработка на нови документи и информации кои не постојат? Прашањето е, кој е тој што треба да утврди дали податоците постојат или станува збор за реченица која може да се употреби за секое барање за пристап до информации од јавен карактер. Теута Арифи и Кирил Божиновски можат многу да научат од службеникот Реџепи во Гази Баба!

СЕ ОСМЕЛИВМЕ – НЕ УСПЕАВМЕ

Многу пари, време и нерви се потребни за воопшто да се испрати барање за пристап до информации, а да не зборуваме за процедурата која следи понатаму ако не сте задоволни од одговорот.

Најголема брука за владините инстанци беше одговорот на нашите барања за медија-плановите на одредени владини кампањи – со други зборови, сакавме да знаеме во кои медиуми се емитувала одредена кампања и врз кој критериум.

Тогаш сметавме дека нема ништо спорно доколку Владата ни одговори на сосема нормални прашања, особено кога станува збор за трошење буџетски пари – во кои се медиуми се емитувала рекламата „Осмели се” и медија-планот за кампањата за позитивни искуства во областа на туризмот и позитивните навики на граѓаните за задржување туристи.

Но, очигледно имало нешто спорно, бидејќи одговорот на првото прашање што го добивме гласеше дека „Генералниот секретаријат на Владата не располага со бараната информација”. Одговорот на второто прашање уште повеќе не зачуди. Пишуваше дека бараната информација е класифицирана информација со соодветен степен на тајност, во случајов, степен „интерно”!

Сето ова, подоцна се продлабочи, за на крај, заклучокот да биде дека само лица со безбедносен сертификат можат да го видат тајниот медиа план, заклучен во некој сеф во Генералниот секретаријат на Владата!

Бидејќи сето ова звучеше, најблаго кажано, смешно, поднесовме жалба до Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, од каде по долготрајно разгледување, добивме уште посмешен одговор, со кој нормално, жалбата ни беше отфрлена.

Имено, комисијата навистина се убедила дека информацијата што ја бараме е интерна,  а во тоа се уверил и самиот Бобан Пановски, единствениот член од оваа комисија кој имал безбедносен сертификат и само тој успеал да го види медиа планот за кампањата за туризмот. Просто му позавидовме на Пановски, што тој располага со најголемите државни тајни, а ние, новинарите, не смееме ни да се осмелиме да прашаме за кампањата „Осмели се”!

Оттогаш, случајот владини кампањи се затвори, бидејќи веќе нема да се осмелиме да побараме информација со која евентуално би ја загрозиле безбедноста на државата. Останува само да стоиме пред телевизор и самите да ги броиме провладините медиуми каде што се емитуваат кампањите!

КОМОТНИ ИНСТИТУЦИИ

Од досегашната примена на законот, евидентно е дека институциите не се транспарентни, вели новинарката Тамара Чаушидис.

Како прво, сите институции го користат максимално дозволениот рок за одговор, 30 дена, иако законот подразбира информацијата да се даде веднаш, а најдоцна за 30 дена. Потоа се додаваат дополнителни барања, како што е печат од редакцијата, што не постои како обврска во законот, и на тој начин се дискриминираат граѓаните и новинарите кои формално не се вработени.

Одговорите се полни со непотребни податоци или податоците се прогласуваат за класифицирани без каква и да е законска обврска. Новинарите сѐ поретко пристапуваат кон ова законско барање, и, за жал, ова резултира со уште поголема комоција на институциите. Тие се опуштаат затоа што никој или малкумина ги доведуваат во ситуација од нив да биде побаран отчет – вели Чаушидис.

За сето ова, редакцијата на „Фокус” се увери лично, поминувајќи го целиот пат за да стигнеме до информација. Трите прашања до градот Скопје, останаа неодговорени. Владините реклами останаа да бидат тајна со степен „интерно”!

Од Министерството за култура ги добивме основните договори со фирмите за дел од објектите на „Скопје 2014″. Од Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда ни побараа 140 денари за да го исфотокопираат Годишниот извештај. Систематизацијата на работните места во Министерството за внатрешни работи е „строго доверлива”, а и по 30 дена, го чекаме документот од МНР за шверцот со нафта!

Навистина, барањата за пристап до информации се слободни, ама патот до нив, не само што е трнлив, туку и невозможен. Слично како и владините функционери кои секогаш се на состанок кога новинарот сака да постави прашање кое не е усогласено со преродбеничките чекори!

ИНСТИТУЦИИТЕ ГИ ИСМЕВААТ ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРАВИЛА

Затвореноста на институциите ја отежнува работата на новинарите. Тие се оневозможени да ја остварат својата функција на чувари на демократијата доколку немаат точни и навремени информации, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

– Сѐ помалку колеги го користат законското право за пристап до информации од јавен карактер заради долгите рокови и недовербата во институциите што нив ги става  во удобна позиција да не бидат предизвикани да дадат отчет.

Затоа стануваат арогантни и нахални, па повеќе се ангажираат како да заобиколат или да сокријат информација на оние малкумина што, сепак, ќе им се обратат, отколку навистина да им ја дадат. За жал, ситуацијата прогресира, па има не само заобиколување на законските одредби, туку и исмевање на демократските правила и обичаи како што е појавата на тематски прес –конференции, на кои ние, за жал, веќе навикнавме – велат од ССНМ.

НОВИНАРИТЕ НЕ ОЧЕКУВААТ ДЕКА ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ БАРАНАТА ИНФОРМАЦИЈА

Анкетата спроведена од Центарот за граѓански истражувања меѓу 60 новинари од 30 медиуми во земјава покажа фрапантни резултати околу примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ниту еден новинар не одговорил дека пристапот до информациите од јавен карактер е лесен, а дури 90 отсто од новинарите се изјасниле дека имале потреба од информација од јавен карактер. Во последниве две години, новинарите доставиле 205 барања за добивање информации од јавните институции, а 87 отсто од новинарите се изјасниле дека одговорите што ги добиле биле нецелосни.

Според истражувањето на Центарот за граѓански испитувања, новинарите не го користат ова право на добивање информации поради долгиот рок од 30 дена за добивање одговор, но и поради тоа што не очекуваат дека ќе ја добијат бараната информација!

МАКЕДОНИЈА СО НАЈДОЛГ РОК ЗА ДОБИВАЊЕ ИНФОРМАЦИЈА

Рокот за добивање одговор на барање за слободен пристап до информации во република Македонија е 30-40 дена и е еден од најдолгите во Европа. Временската рамка во Бугарија и во Полска е 14 календарски дена, а во Романија и во Словачка 10 календарски дена. Во Унгарија, Србија и Босна и Херцеговина законскиот рок изнесува 15 дена, а крајниот рок на институциите на Европската унија да одговорат на одредено барање е 15 дена.

Поврзани новости