Грковска не е надлежна за незаконската донација на владиниот партнер ДУИ

by fokus

„Фокус“ пред три недели објави за незаконската донација на владејачката ДУИ во 2022 година, при што партијата добила донација три пати поголема од дозволениот лимит. Донаторот Ељмедин Адеми воедно е и сопственик на компанијата која минатиот месец го доби тендерот за изградба на полициската станица во Аеродром во вредност од два милиони евра.

Од Кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска пак, ни одговорија дека тие не се надлежни за ова прашање.

Ве информираме дека Кабинетот за политики за добро владеење е одговорен за спроведување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други функционери избрани и именувани од страна на Владата, како и за креирање и координирање на политики за добро владеење. Во таа насока Кабинетот нема надлежност во делот на финансирање на политичките партии во рамките на предизборните процеси. За ова прашање се надлежни Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, гласи одговорот од Кабинетот на Грковска.

Од објавувањето на незаконската донација до денес, единствено ДКСК оформи предмет и работи на испитување на случајот.

„Фокус“ до сознанието дојде кога почна да го истражува тендерот за изградба на полициска станица во Аеродром вреден околу два милиони евра, кој го доби фирмата за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер Абдулаќим Адеми.

Истражувањето на овој тендер објавено во неделникот „Фокус“ не само што не доведе до најголемиот донатор на ДУИ за 2022 година, туку откри уште еден скандал.

Имено, фирмата „Еуровиа“ која ќе ја гради полициската станица во Аеродром, чија изградба треба да стартува оваа година, и нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година.

Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.

Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари.

Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е речиси три пати над законскиот износ.

Од Државната комисија за спречување корупција тогаш само кусо ни потврдија дека донацијата на Ељмедин Адеми „го надминува износот кој физичко лице може да го донира согласно со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии“.

К.С.Б.

Поврзани новости