Грчка делегација кај Јанчев: Ќе бидам среќен ако во мојот мандат отвориме нов граничен премин кај Кавадарци!

by Фокус

Задоволен сум од оптимистичката клима која е создадена и ќе бидам среќен доколку се реализира изградбата на граничниот премин Пулевац по повеќе од дваесет години, токму во време на мојот мандат, вели кавадречкиот градоначалник Митко Јанчев, по средбата со грчката парламентарна делегација. Оваа делегација беше предводена од пратеникот од областа Пела, Јанис Сифакис, а повод за средбата беше изградбата на граничниот премин Пулевац.

Откако Владата даде зелено светло за изградба на граничниот премин Пулевац, во Кавадарци заедно со претставниците на соседна Грција со засилено темпо започнаа разговорите и активностите за реализација на овој проект. На средбата со грчката делегација присуствуваа градоначалникот Јанчев, пратениците Панчо Минов и Весна Пемова и претседателот на Советот Ристо Сакалиев.

-Најпрвин ќе се изработи студија, елаборат, целосен проект со еконимски параметри за значењето на премините, начинот на поврзување, изградба на патна инфраструктура, донесување на потребна законска регулатива во нашиот парламент и слично – информираат од општината.

Идејата да се отвори граничниот премин Пулевац на Кожуф планина во Тиквешијата е актуелна повеќе од две децении. Граѓаните коментираат дека со отворање на преминот, наместо како сега, да се патува од Кавадарци до Едеса преку Гевгелија или Битола, цели 200 километри, далечината ќе се намали на стотина километри. Со отворање на преминот веруваат дека населението од двете земји ќе има поголеми можности за соработка, но и размена на туристи.

В.К.

Поврзани новости