Гостиварско „Комуналец“ разграбано од поранешното раководство на ДУИ, возачот на директорот земал „Волво“ а вратил каросерија

by fokus

Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар останало без ножеви за чистење снег. Новото раководство обелодени дека истите ги зела фирма блиска до поранешната власт во Општината предводена од ДУИ. Освен ножеви, бил земен и трактор за чистење на снег и тоа по наредба на поранешниот директор, изјави денеска портпаролот на претпријатието Миртезан Селими.

„Трактор за чистење снег со сe ножот бил земен по наредба на поранешниот директор и сега се наоѓа во работилницата за механизмот во село Здуње. Два месеци пред локалните избори, бил продаден исправен булдожер од марката Тегол Дресер. Една недела пред изборите бил продаден багер на ICB, додека поранешниот возач на директорот зел еден кипер од марка Мерцедес”, информираше Селими.

Во продолжение тој информираше и за земање на автомобил Волво во исправна состојба, кој што го користел една и пол година исто така поранешниот возач на директорот, а ја вратил само школката (каросеријата).

„Фали Мерцедесот со жолта боја како и автомобилот Хонда Акфорд за кои не знаеме каде се наоѓаат. Автомобилот Лада и ден денес се наоѓа кај поранешен  работник во село Речане”, истакна Селими на денешната прес конференција.

Тврдењата за злоупотреби во гостиварското „Комуналец“ се во рамки на кампањата „Вистината за ДУИ“, која ја започна новиот градоначалник Арбен Таравари, и со која треба да се откријат и обелоденат прекршувања за законите во време на претходната власт.

Според Селими, претпријатието останало и без автомобилот за обележување на патиштата, кој наводно го зел поранешниот раководител на Одделението за сообраќај при Општина Гостивар, а кој бил кадар на ДУИ.

„Исто така не знаеме каде се наоѓа фрезата за сечење асфалт, а недостасуваат и други алатки за секојдневна работа. Незаконски, на Полициската станица во Гостивар им се подарени 29 пирамиди за блокирање на патот при изведување на работи”, објасни Селими.

Директорот на претпријатието Исак Лазами ги информираше новинарите дека во моментот не може да се утврди точната вредност на предизвиканата штета, но дека од презентираните податоци самите граѓани можат да утврдат дека се работи за огромна штета, особено кога се има предвид материјално-финансиската состојба на претпријатието.

Лазами, исто така, истакна дека тие како претпријатие имаат обврска да ги детектираат извршените злоупотреби и ги покани надлежните истражни и судски органи да преземат понатамошни постапки во согласност со законот.

 

 

Поврзани новости