Голема сиромаштија или мерак за крадење во Тиквешијата: И киселата зелка на мета на крадците!

by fokus

Праксата да се краде од визбите и од помошните простории, посебно во помалите градови во земјава останува непроменета со години. На мета на дрските крадци, освен тегли со ајвар, лутеница, слатко и останата зимница, забележани се дури и кражби на кисела зелка.

За настанот ни раскажаа жители на Неготино, кои ја чувале зелката во каци, во гаража. Неодамна се шокирале кога забележале дека им исчезнале дури 50 килограми зелка во пресол, а зелените домати во пресол ги оставиле недопрени, оти најверојатно не им биле по вкус на армиите.

,,Не го пријавивме случајот во полиција со соседката, оти дури е и смешно да се пријавува кражба на кисела зелка. Но за разлика од нас, жители на соседната улица поминале многу полошо, оти останале без теглите со ајвар, кој за разлика од зелката многу потешко се приготвува, а и е поскап’’ – ни раскажа една од оштетените неготинчанки.

Граѓани се жалат дека неретко им се краде и нафта од помошните простории, а пред неколку години во градот беше актуелна кражбата на замрзнато месо од повеќе домаќинства, кое го добиле од своите фирми, нешто што со години наназад се практикувало. Пакетите со месо, оштетените ги чувале во замрзнувачи во помошни простории.

Лани, низ градот оперираше крадец, на чија мета биле оревите, и од три семејства успеал да украде дури 19 вреќи со ореви.

Минатата недела во Кавадарци во полициската станица била пријавена кражба на околу 30 тегли ајвар, а често се случувале и кражби на пиперки и грозје, кое лозарите го оставале во вреќи на лозјата, додека да обезбедат транспорт.

Се крадат и метални колци од лозјата, цевки и вентили, но се ограбуваат и станови и куќи.

,, Пријавив во полиција кражба на металните филтри и вентили од моето лозје, штетата беше околу 500 евра, а од полиција дојдоа на увид на лозјето. Но веќе поминаа две години, а крадецот не се најде. Дури ни од полиција не ми се јавија да ми дадат било каква информација за случајот, да ме известат до каде е истрагата, а јавна тајна е дека кога се крадат метални предмети, тие се носат кај откупувачите на старо железо и лесно може да им се влезе во траг’’ – вели неготинчанка која што има лозје во областа Градиште, на неколку километри од градот.

Од СВР Велес потврдуваат дека е зголемен бројот на кривични дела во регионот, но на прашањето на колку од оштетените им се вратени назад украдените пари и стока, нема одговор. Според нив, кривичните дела најчесто се извршени во продавници, помошни објекти, куќи, станови и викенд куќи. Предмети на одземање најчесто се пари, злато, метал, техничка стока, како лап – топ,  компјутер, и нафта, цигари, акумулатори, мобилни телефони, и работни машини. Мал е бројот на граѓаните кои се решаваат да пријават во станица кражба на зимница, иако е голем бројот на оние кои што останале без неа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости