Германски медиуми: Можно е само Скопје да добие зелено светло за почеток на преговори

by fokus

Германската влада апелира до Франција и другите скептични влади во ЕУ да се согласат на почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Германскиот државен министер Михаел Рот во интервју за Велт објаснува дека тоа би бил „вистинскиот сигнал“, пренесува „Дојче веле“.

„Ќе биде правилен сигнал доколку на 15 октомври во Луксембург дадеме зелено светло за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, вели Рот.

Тој предупредува дека Европа ќе си го прекрши зборот во однос на Тирана и Скопје.

„Албанија и Северна Македонија си ги завршија домашните задачи. Тоа мора да се награди. Ние дадовме ветувања, сега мора да ги исполниме“, вели Рот.

Во спротивно, предупредува Рот, доколу Тирана и Скопје повторно бидат одбиени, тоа ќе испрати катастрофален сигнал во регионот. Притоа ќе се остави и „политички вакум“ кој „други земји без двоумење“ ќе го искористат, вели дипломатот алудирајќи на Русија, Кина и Турција.

Според информациите од Брисел, состојбата во пресрет на одлуката дополнително се комплицира поради растечкиот скептицизам на неколку ЕУ членки кон Албанија. Франс Прес пишува дека против почеток на преговорите со Тирана, освен Франција, се и Холандија, Шпанија и Данска.

Според германскиот економски магазин Ханделсблат, во Брисел изминатава недела се воделе „жестоки дебати“ на оваа тема. Овој весник прогнозира дека можно решение е да се даде зелено светло само за Скопје, но проценува дека во секоја варијанта клучна фигура е францускиот претседател Емануел Макрон.

Поврзани новости