Георгиевски: Одлично е чувството да ја израдуваш македонската јавност

by fokus

Таеквондистот Дејан Георгиевски ги сподели вечерва со македонската јавност своите први импресии по освојувањето на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио.

– Чувството е одлично да се израдува македонската јавност. Во моментов сум навистина под големи импресии и не можам да кажам ништо повеќе, рече Георгиевски во директното јавување од Токио за дневникот на телевизија Сител.

Георгиевски посочи дека клучен момент на неговиот пат кон олимпискиот медал била првата борба против актуелниот светски првак, Кубанецот Алба Кастиљо.

– Најголем предизвик беше првата борба, бидејќи тука го скршив мразот. Но, како што најавував и претходно, тука се дојдени најдобрите и мојата цел беше да ги победам сите, изјави Георгиевски.

Тој додаде дека атмосферата во македонскиот олимписки тим во Токио е на завидно ниво.

– Сите си даваме меѓусебна поддршка и се мотивираме едни со други, и се надевам дека и другите наши натпреварувачи ќе постигнат голем резултат, додаде Георгиевски.

Тој попладнево му го донесе на македонскиот спорт првиот олимписки медал по 21-годишна пауза, откако настапи во финалето во категоријата над 80 килограми, во кое по голема борба загуби со 15:9 од главниот фаворит на олимпискиот турнир, Русинот Владислав Ларин.

На патот до финалето македонскиот таеквондист ги совлада актуелниот светски првак Алба Кастиљо од Куба, Сејду Гбане од Брегот Слонова коска и Јужнокореецот Ин Дон.

Сребрениот медал на Георгиевски е втор олимписки медал за македонскиот спорт по бронзата на борачот Мохамед Ибрагимов на Игрите во Сиднеј во 2000-та година.

Поврзани новости