Кога „патриотите“ ќе занемат!

by Фокус 18:31
18:31

Пишува
Јадранка КОСТОВА

Штом ВМРО-ДПМНЕ, на скандал што ќе го обелодени опозицијата, сал онака лефтерно ќе апелира „документите да ги достават до надлежните институции“, тоа е првиот сигнал дека има нешто „неетично“ во случајот. Ваквото џилитање со институциите им стана заштитен знак откако си ги направија свои марионетки. Уште повеќе, втор „фактор икс“ дека зад ваквата „макљажа“ има нешто бајаги крупно, е кога на афера тешка неколку милиони евра, медиумските дворјани ќе се испонашаат со бојкот, та ни троа 5 секунди нема да ѝ дадат публицитет!

- Advertising -

Уште потраорно е што во скандалот се споменува грчка фирма! И, глеј чудо, патриотите од медиумско-експертутската дружина, кои се палат на „јужниот сосед“, сега онемеа на нафрлена топка. Алооо, Грци, нели, подигале кешовина, досега тотал скоро 3,5 милиони евра, а тие „мукла“! Е не се во „Зара“ кеса со грчки шмек, како тие на Љубе Бошкоски, ама, сепак, е тоа „патриотска“ топка за волеј. Хм, изгледа некој вирус ги има нападнато. Не е шап и лигавка во „људска“ форма бидејќи лигавењето кон Пастирот им е веќе природна состојба.

Ова е нешто друго изгледа. Веројатно фактот дека милиончињата во кешарица останувале тука, на нашето античко тло, им ги блокира креативните потенцијали! Или толку уплав од Рада Ш. имаат „дању и ночу“, ѝ ги пребројуваат роднините, па тендерите до 5.000 евра, што немаат енергија за милиониве!? Белки Баба Рада ќе може да им помогне со чајче против уплав.

Или, можеби, не „трзаат“ на суми над 3 милиончиња!? Нели ја удрија ќутенката и за тримилионската изборна дупка вмровска од изборите во 2011 година. Ама најдоа чаре. За да не зјае и на овие избори, како и на ланските локални, медиумските пријатели ги намалија цените за изборно рекламирање за 20 пати! И веќе нема шанси ВМРО-ДПМНЕ борчлија да им биде. Само не ми е јасно што е патриотско во зделката: да се откажеш од повеќе пари од една партија, ама кога треба народни пари од владини реклами да добиваш, тогаш цените да ги фураш пазарно! За партија ситниш, а за државата скапо! Тоа е патриотски!? А дури и ОБСЕ ја регистрираше нашата компаративна предност – постои равенство меѓу партијата и државата! Е во цените за рекламерство – нема! ВМРО-ДПМНЕ е „пута“ 20 за Македонија!

Пред некоја година, екипата на „Инсајдер“ од Б92 објави истражувачки стории наречени „Патриотска пљачка“. Стануваше збор за афера во Србија каде што се откри документирано дека патриотите што „Косово не го даваат“ (како нашите што „името не го даваат“) ќарувале пари под превезот на патриотизмот. И Срби и Албанци здружено. Тие што најгласно го носеа Косово во срцето, полнеле чекмеџиња од помошта наменета за Косово!

И патот на парите во нашиот „патриотски автопат“ ќе се замете во поинакви околности. Во меѓувреме, марионетите ќе глумат истрага. Како што се испонашаа и со парите во шишето. За во финишот да удрат „хепи енд“ согласно законот. Сепак, иако „кулираат“ со соопштенијата, има и мала паника на дворот! Едноставно, се плашат од Македонија во која можат да се истрошат резервите на страв, со кои ја одржуваат својата власт. Осеќаат дека информациите доаѓаат од кртовите, од нивните редови.

Лека-полека, почнуваат да напукнуваат трите главни столбови на оваа власт – патриотизмот, чесноста и непобедливоста. Го нагризува ли случајот „Актор“ митот за патриотизмот сосе чесноста? Како што Шилегов се претвора во синдром со опасни манифестации на душевни болки за удар врз нивната чесност? За непобедливоста, пак, како забиен глогов колец во срцето на преродбата беше победата во Центар.

Сѐ е начнато, ама, се разбира, тоа не оди лесно. Особено кога за изминативе години си ги обликуваа приврзаниците да немаат ни грам сомнеж во она што го прави власта. Потоа ги поставуваа на функции кои никогаш не би ги добиле во отворена пазарна конкуренција. На овој начин, пак, создадоа политички робови, армија на полтрони кои им обезбедуваат долгорочно владеење.

Согласно духот на Рамковниот договор, да сторам троа дума и за Албанците. Оти и во сета „шап и лигавка“ треска, значителен инпут даваат албанските политички фактори. Војводата Мендух Тачи, откако се појави на фотосесија со Сашо Мијалков, е во вознес ала „Пинки го виде Тито“. Така некако се однесуваше и Флора Кадриу во ноќната ТВ сеанса со премиерот. ДУИ, пак, изгледа како изгубена во вселената, се лигави да не речам, со „консензуалниот претседател“. Во дилема сум само која од овие две партии ќе заврши како ПДП од дружбата со Црвенковски. Иако боксерот Груевски покажува талент да постигне со еден аперкат два удари! Да, и морковот и стапот се во неговите раце!

Во секој случај, откако јагнињата ќе стивнат, оние на Пастирот, не оскаровските, секогаш доаѓа ден кога кртовите ќе се разбудат. И затоа сѐ повеќе нивната одбрана, која се состои од напад на лошиот гласник, многумина уште повеќе ќе ја чувствуваат како навреда на интелигенцијата. Да, тие што бараа советник со ај-кју 150, ќе нѐ третираат сѐ повеќе како да сме благо ретардирани. Ама тоа е знак на нивната аздисаност и паника, но и знак за лажниот патриотизам. Во спротивно, не би лиферувале такви идиотски спин-реакции!

Поврзани новости