Галетановски: Скопје ЗОО стана опасно место, и дете можеле да отрујат!

by Fokus

Откако официјалните обдукциски резултати покажаа дека трите пржевалски коњи во Скопје ЗОО биле отруени со брзоделувачки отров, и активно се трага по сторителот, поранешниот директор Ѓорги Галетановски за „Фокус” вели дека никој не може да го разубеди дека убиецот не е некој од внатре, од институцијата.

Според него, сторителот мора да биде откриен и казнет, и со жалење констатира дека Скопје ЗОО станува опасно место, бидејќи кога веќе биле во игра тешки отрови, еден ден жртва можеле да бидат и некои од вработените, па и посетители и деца.

-Зоолошката стана опасно место, не дај Боже, но и дете, или пак вработен можел да биде отруен! Додека траеше мојот мандат, со цел да имаме максимална сигурност, како за животните, така и за посетителите, целиот простор го покрив со видео надзор.
Од она кое го прочитав во „Фокус” пред некој ден, дека вработени изјавиле како токму камерите каде што се наоѓаат кај сега веќе починатите коњи, во тој период не работеле, бидејќи прегореле поради невремето, јас сум фрапиран!

Како може да прегорат камери и да не се поправат истиот момент, не само камери, туку било што, доколку има дефект или оштетување, тоа веднаш мора да се санира, така се постапува во секоја институција!

Уверен сум дека извршителот на ова злодело е некој од внатре, кој добро ги познавал околностите! И не смее да се дозволи овој случај да падне во заборав за кратко, мора да има темелна истрага и резултати, кои ќе бидат транспарентно соопштени пред јавноста, а убиецот најстрого да биде казнет – вели Галетановски, во чие време како прв човек во Скопје ЗОО, градината беше пример за добро менаџирање, и се најде во голем број на светски медиуми поради многубројните активности и проекти.

Околу тоа со каква казна се соочува сторителот на ова грозоморно дело, со оглед на тоа што се работи за труење на ретки животни кои се загрозен вид во светот, надлежните институции се уште се немаат огласено.

Инаку, расфрлање отров на јавни површини е кривично дело, за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а за мачење на животни и суров третман, предвидена е парична казна или казна затвор до шест месеци.

Во земјава не е познат случај кога некој одговарал за кривичното дело предизвикување општа опасност, со тоа што расфрлил отров на јавни површини, иако е редовна пракса во речиси секој град, годишно да се трујат десетици животни, а со тоа да се загрозува и јавната безбедност.

Токму поради тие искуства, кога трујачите поминуваат неказнето и потоа дури и го повторуваат делото (најчесто труејќи животни на истата локација во повеќе наврати), јавноста апелира случајот со коњите да биде сфатен крајно сериозно и сторителот да биде пронајден и изведен пред лицето на правдата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости