Операцијата на фудбалерот на Галатасарај – Ноа Ланг беше успешно извршена, а играчот беше отпуштен од болница по сериозната повреда што ја заработи на крајот од синоќешниот натпревар против Ливерпул.
На почетокот сè изгледаше како безопасна ситуација – Ланг се обиде да забави и да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на оградата до теренот. Сепак, само момент подоцна стана јасно дека станува збор за сериозен проблем. Играчот почна да вреска од болка, а противничките фудбалери, како и неговите соиграчи, веднаш истрчаа да му помогнат.

Глетката беше вознемирувачка за сите присутни, а набрзо беше утврдено дека палецот на Ланг се заглавил меѓу два панела од оградата кои не беа правилно обезбедени. Во првите моменти, дури имаше и страв дека може да го изгуби прстот.
По добивањето на прва помош зад голот, Ланг беше итно префрлен во болница каде што беше опериран. Денеска тој се огласи преку социјалните мрежи, објавувајќи фотографија од болничкиот кревет со кратка порака: „Се случуваат глупости“.

Целиот случај привлече дополнително внимание, па претставници на УЕФА и Ливерпул извршија инспекција веднаш по натпреварот. Ќе биде покрената истрага за да се утврди дали станува збор за нарушување на безбедноста или за несреќен сплет на околности.
Галатасарај веќе презеде конкретни чекори:
„По натпреварот поднесовме жалба до претставниците на УЕФА. Тие самите ги проверија сите детали. УЕФА ќе ги презентира своите проценки“, рече генералниот секретар на клубот, Ерај Јазган.
Тој додаде дека клубот разгледува правни опции: „Разговараме со адвокати. Ќе поднесеме тужба за да бараме надомест од УЕФА. Ќе бараме надомест за повредата“.