Француските земјоделци со најмасовен протест досега: Блокада на сите главни патишта, распоредени 15.000 полицајци

by Fokus

Француските фармери денеска ќе го блокираат пристапот до големите градови, а навестија дека планираат „опсада“ на Париз, објавија локалните медиуми.

Денеска властите ќе распоредат околу 15.000 полицајци, додека министерот за внатрешни работи Џералд Дарманен побара од полицијата и жандармеријата да покажат умереност и да интервенираат само како последна мерка, доколку е загрозен интегритетот на луѓето или во случај на сериозни оштетувања на зградите.

Возила на жандармеријата синоќа веќе беа забележани на некои локации, особено околу меѓународниот аеродром Роаси Шарл де Гол, во близина на Париз.

Водечкиот синдикат на земјоделци FNSEA објави дека земјоделците со трактори немаат намера да влезат во Париз, туку да блокираат неколку стратешки патишта. Земјоделците порачаа дека не знаат до кога ќе трае блокадата и дека тоа ќе зависи од одлуките на новиот премиер Габриел Атал.

Блокади се најавени и низ други градови, како Лион, Бордо и Марсеј, каде ќе се организираат таканаречени „операции полжав“, односно бавно возење до местото на блокадата.

Покрај земјоделците во Бордо, протест ќе имаат и таксистите, кои најавија и блокирање на некои патишта.

Земјоделците се незадоволни од најавените мерки на Владата.

Во петокот, Атал откри итни мерки, вклучително и укинување на зголемувањето на данокот на дизел гориво (GNR), големи компензации за фармерите чии добиток бил заразен со хеморагична болест и тешки санкции против тројца производители на земјоделска храна кои не ги почитувале француските закони за цените.

Земјоделците особено го осудуваат падот на приходите, ниските пензии, инфлацијата и странската конкуренција.

Незадоволството на француските земјоделци доаѓа додека нивните колеги во Германија се мобилизираат од крајот на декември против реформата на оданочувањето на дизелот во земјоделството од страна на владата на канцеларот Олаф Шолц.

Поврзани новости