Филипче: Рестрикциите ќе попуштат во мај, но ќе остане физичката дистанца за да нема нов пик

by Фокус

Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Дојче Веле повторно најави дека се размислува да се намалуваат рестриктивните мерки, но точно од кога тоа ќе се случи ќе се разгледува од следната недела, кога, како што рече, Комисијата за заразни болести ќе ги сумира бројките на новозаразени и ќе ги види ефектите од двата претходни викенди во карантин.

-На добар пат сме на почетокот на мај да почнат да попуштаат рестриктивните мерки. Рестрикциите ќе се укинуваат постепено, ќе се скрати полицискиот час, засега не е одлучено дали ќе важи и за викенд. Сепак, мора да се има предвид дека животот нема да се врати во нормала со иста динамика и покрај попуштање на мерките – рече Филипче.

Тој рече дека прво ќе се олабават мерките кај економските оператори, фабриките, рестораните, возилата за јавен превоз, но, додаде министерот, прв и клучен услов ќе биде почитување на физичка дистанца во процесот на нормализација на животот.

– Тоа е потребно за да не се соочиме со нов, нагол пик, што не е исклучено да се случи ако не се почитуваат мерките по попуштање на рестрикциите – нагласи Филипче.

На прашањето, дали на своите граѓани тој ќе им препорача годинава да не планираат летен одмор, Филипче рече: „Многу е рано тоа да се каже“.

Поврзани новости