Фактор наставници: Наставата да почне со комбиниран модел

by Fokus 10:00
10:00

Свесна сум дека секој наставник, ученик, студент има свои лични желби и размислувања како треба да изгледа оваа учебна година, но врвниот приоритет на Владата е да обезбеди баланс помеѓу заштитата на здравјето на населението и непречено учење

Пишува Мила ЦАРОВСКА, министер за образование

- Advertising -

Почеток е на септември. Во нормални услови сега веќе ќе имавме настава во училиштата. Децата ќе ни тргнеа на школо со широки насмевки и прегратки со детска искреност, но, за жал, пандемијата како и секаде во светот ни ги измести плановите и наметна нови правила, кои сите мора да ги почитуваме.

Сите ние оваа учебна година се наоѓаме пред огромен предизвик – како да го заштитиме јавното здравје, но истовремено и да го започнеме образовниот процес. Исправена пред овој предизвик, изминатиот период многупати ги преиспитав предложените планови и протоколи, размислувајќи дали се најдоброто и вистинското решение во оваа деликатна состојба.

Сметам дека во моментот немаме подобро решение од она што го нудиме како Влада – наставата да почне со комбиниран модел на настава. Секаде каде има услови согласно протоколите и каде епидемиолошката состојба дозволува, училиштата да си започнат со часови со физичко присусуство на децата, а таму каде што е невозможно, наставата да се одвива на далечина преку единствена национална онлајн платформа на која интензивно се работи и наскоро ќе ја презентираме.

Свесна сум дека секој наставник, ученик, студент има свои лични желби и размислувања како треба да изгледа оваа учебна година, но врвниот приоритет на Владата е да обезбеди баланс помеѓу заштитата на здравјето на населението и непречено учење.

Овој голем предизвик бара искрена и посветена соработка со наставниците во периодот што ни престои, бидејќи сметам дека тие се стожерот на нашето општество. Тие се вторите родители на нашите деца, на идните градители на нашата држава.

Она што како мое лично размислување го споделувам со наставниците е дека очекувам секој од нив да го даде максимумот од себе во градењето на современ образовен систем кој ќе ни создаде прогресивни млади граѓани. Да го пренесе знаењето на своите ученици и да ги научи на позитивни вредности кои не секогаш ги има во книгите.

Верувам во еднаквоста и се борам за неа. Затоа сметам дека секое девојче и момче каде и да живее, мора да има еднакво право и пристап до квалитетно образование. За ова ќе се борам во мојот мандат затоа што тое е праведно и тоа е наша обврска.

Мојата заложба како министерка во четиригодишниот мандат ќе биде: суштински реформи во основното образовние, јакнење на средните стручни училишта, подобрување на оценките на меѓународните тестирања коишто ќе станат наша национална гордост и враќање на достоинството на просветните работници и нивна лична мотивација. Со секоја наставничка и наставник  планирам лично да се сретнам, запознаам и разговарам.

Промените нема да се случат преку ноќ. Патот заедничи со наставниците, учениците и родителите ќе го трасираме и изодиме. Нема да биде лесно, но сигурна сум дека со посветена работа, ќе создадеме образование со коешто сите ќе се гордееме.

 

Поврзани новости