На официјалната страница на Евросонг деновиве се објавуваат биографиите на учесниците кои ќе ги претстават своите земји од 18-ти до 22-ри мај во Ротердам, Холандија, на 65-то издание на настанот.
Во биографијата на нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев (35) е наведено дека тој е роден во Струмица, Северна Македонија, а деталите дека тој има и бугарско државјанство, кои покренаа низа на реакции во јавноста, се изоставени од биографијата.
Гарванлиев е опишан како баритон кој настапувал на најпрестижните сцени во Америка, и соработувал со музичари од светска класа.
Објавени се детали за неговото детство, кога како 12-годишник со семејството емигрирал во САД, за школувањето кое како 18-годишник го продолжил на приватна академија во Милано, Италија, но и за студирањето на познат универзитет во Торонто.
-Како водечки оперски баритон, Васил имал над 50 перформанси во Италија, Канада, Германија, Швајцарија, Британија, Франција, Америка… Учествувал на многу музички фестивали ширум светот. Во 2018 година неговото музичко патување е заокружено со враќањето дома, каде се концентрирал на својата поп кариера и го промовирал македонското наследство и уметност – пишува во биографијата на струмичанецот.
Тој ќе настапи со песната „Here I Stand”. Музиката и текстот се дело на Гарванлиев, додека аранжманот и продукцијата се на Борче Кузмановски и Давор Јовановски. Вокалот на Гарванлиев е снимен во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали во Чикаго. Тој го режираше и спотот, кој е сниман на повеќе локации, а содржи и кадри од чикашкиот Културен центар, каде што настапувал со детскиот хор од Чикаго.
За сценскиот настап на Васил ќе се погрижат Швеѓанките Тине Матулеси и Мари Рибергер, кои беа задолжени и за сценскиот настап на Тамара Тодевска во 2019, а костимографијата е на Раде Василев.
Вики Клинчарова