Александар Поповски поднесе оставка од УО на МНТ затоа што надлежните институции мува не ги лази

by fokus

Режисерот Александар Поповски поднесе оставка од позицијата претседател на Управниот Одбор на Македонски народен театар. Како што рече тој на денешната прес конференција, оставката ја поднесува поради затекнатиот хаос во театарот и поради немањето волја на надлежните институции да расчистат неразјаснети прашања по однос на работата на претходното раководство.

Поповски изјави дека по една година од поставувањето на Симона Угриновска за ВД директор  на театарот, нема ниту блага назнака за тоа кога би се распишал конкурс за нов директор.

-Ова не става во ситуација кога почнуваме да спасуваме сезона по сезона без да се воспостави јасна визија што сакаме со оваа куќа која треба да биде огледало, носител и пример на драмската уметност во земјата. Една сезона е зад нас и мислам дека е недозволиво уште една сезона да помине со недефинирана мисла и програма – рече Поповски.

Исто така, посочи тој, во текот на изминатата година било невозможно да се назначи уметнички раководител на МНТ поради нејасниот статус на работното место на претходниот уметнички директор Дејан Пројковски.

Според Поповски, Пројковски по поднесената оставка од местото Директор фигурирал во систематизацијата на установата и како режисер и како уметнички директор.

-Платата која ја прима е за уметнички директор, а според решението кое не е одобрено од управниот одбор фигурира на местото режисер кое не постои –  додаде тој.

Поповски посочи дека работата на новото раководство била отежната и поради нерасчистени ситуациии во однос на финансиските обврски на МНТ кон добавувачи. Како што рече тој, постои основ за сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150.000 евра.

Поврзани новости