ВИДЕО Костадинов: Иванов го кочи назначувањето амбасадори и прави штета на државата

by fokus

Претседателот Ѓорге Иванов го кочи професионалниот развој на дипломатската мрежа додека Македонија граби напред кон евро-атланските интеграции со успешна надворешна политика, обвини денеска пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.

-Поради несериозно и неодговорно однесување на Ѓорге Иванов 20 македонски амбасади ширум светот се без амбасадори. Лондон, Брисел, Рим, Прага, Стокхолм, постојаните мисии при ОБСЕ во Њујорк, Женева и Виена се само дел од дипломатско-конзуларните претставништва што немаат амабасадори. Оваа евидентна блокада на назначувањата на амбасадорите е уште една потврда дека Иванов работи спротивно на интересите на граѓаните и нанесува штета на државата, вели Костадинов.

Пратеникот од владејачката партија обвини дека Иванов дејствувал само ако треба да се легализира децениски криминал и да се блокираат реформите кои се во интерес на граѓаните и државата.

-За само една година Македонија успеа да направи квантен скок. Од „заробена држава“ со вистински политики на владата предводена од СДСМ, заедно со граѓаните, успеавме да се вратиме на вистинскиот пат, на евро-атланскиот пат на иднината. Одлуката на ЕУ, Македонија да започне преговори за полноправно членство во 2019 година е потврда за тоа. Оттука, особено е индикативно дека Иванов ја кочи дипломтаската мрежа во клучните моменти, кога се прават вистински чекори за целосно интегрирање на Македонија во НАТО и ЕУ, рече Костадинов кој го повика Иванов да престане со блокадата на назаначувањето амбасадори веднаш.

-Угледот на државата и ефикасноста на македонската дипломатија недозволиво е да трпат штети поради неговото деструктивно однесување, додаде пратеникот на владејачката партија.

Поврзани новости