Ерѓул ќе добие признание, кажа градоначалникот Колев кој и самиот спаси жена минатата година во Велес

by fokus

Нашиот сограѓанин Ерѓул Усеинов ќе добие благодарница за својата голема човечност која ја покажа во моменти кога била потребна помош за спасување на човечки живот. За време на општинската манифестација по повод празникот на градот, Деветти Ноември, ќе му биде доделено и признание – за ,,Фокус” вели велешкиот градоначалник Марко Колев.
Додава дека гестот на Усеинов е поздрав, бидејќи во такви ситуации секоја секунда е важна.

Усеинов (36) пред два дена случајно забележал давеник во реката Вардар во центарот на Велес, и без двоумење, ставајќи го својот живот на ризик се фрлил во водата и успеал да го извлече давеникот.
На брегот, мажот на возраст од 71 година не давал знаци на живот, но тој му пружил прва помош и успеал да го поврати, по што бил транспортиран во велешката болница.
Сепак, како што за ,,Фокус” потврдија од СВР Велес, мажот починал наредното утро во болница поради копликации на здравствената состојба.

И покрај исходот на настанот, Ерѓул е херој за велешани, кои му искажуваат почит на социјалните мрежи.

Сличен случај, со спасување на жена која сакала да се фрли во Вардар имаше минатата година, кога случајно градоначалникот Колев се нашол на местото на настанот и спречил трагедија.
Тогаш тој за ,,Фокус” раскажа дека враќајќи се од работа случајно ја забележал жената која сакала да скокне од оградата на мостот. Веднаш ја запрел колата, излегол и ја фатил жената.

-Секој на мое место би го сторил истото. Се најдов на вистинското место во вистинско време и реагирав, во тие моменти само сакав да ја спасам – ни изјави Колев лани во август, по настанот во кој ја спаси жената на возраст од околу 60 години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости