Каде што има сила – нема правдина

На еден мирен протест против скандалите „онкологија“ или „модуларната“ не се обединивме дваесет луѓе да излеземе. За промената на името и Уставот да не потсетувам. Тоа е реалност. На тоа се базира реалполитиката. Не мешајте реализам и дефетизам. Со реалноста се соочуваш и работиш со она што ти го дава на располагање, дури и да не ти се допаѓа.

by Fokus

Пишува: Весна ЌИРАЏИЕВА

Актуелните политички елити, кои претендираат или практикуваат власт, имаат доверба од четири години и во овој кус временски распон мора практично да работат, бидејќи го немаат луксузот на филозофите, професорите и демагозите за да експериментираат со теории за поделба на моќта на половите и нивното влијание врз Македонија за 500-1.000 години од денес.

Актуелни политички елити, кои претендираат или практикуваат власт, немаат луксуз на демагогии за полезноста или штетата од „кусогледоста“ за тоа во која насока ќе се движи светот во следните 200 години, бидејќи нив работата им е денешницата, денешната постава на светскиот систем и поредок, сегашните стратешки позиции, кои се најповолни за денешната Македонија.

Така, на пример, за мултиполарен свет може да си дозволат да филозофираат демагози, филозофи, професори, академици и научници. Тие имаат луксуз да дебатираат дали веќе живееме во мултиполарен свет, или истиот нема да го доживееме во нашиот животен век, бидејќи ќе се развива во следните 500-1.000 години.

Затоа е важно и ние како народ да се едуцираме, посебно кога се работи за гласање на избори меѓу демагози, кои се вешти оратори и си даваат шупливи ветувања без одговорност, но тотална безидејност и практични решенија за прашањата од денешницата, кои го тиштат македонското општество.

Фини се тие демагогии и филозофии за мултиполарниот свет (во кој Македонија, па и ја нема), но не одговараат на прашањата: како ќе се лечиме во „ходниците на хоророт“; пензија ќе дочекаме ли со одлив на мозоци и празен буџет од кој и пензискиот фонд (не) се полни; со кучиња скитници како ќе го решиме проблемот; загадувањево ни одзема сè повеќе блиски со канцер…

Наместо тоа, демагозите – народни избраници, манипулираат со теми како: признавање на Палестина, војната Украина – Русија, Кина, БРИКС, микс, демагогии за прашања, кои никој не очекува од Македонија да ги реши. Затоа на демагозите овие теми им се полесни, за да филозофираат. Нема тежина, празни муабети без ефект дома и надвор. Полесни се тие теми, отколку да се биде дел од конструктивно решавање на опипливите, реални, секојдневни проблеми на народот.

Реалполитиката е насочена кон однесувањето во дипломатијата и политиката, првенствено врз основа на разгледување на актуелните околности и фактори, наместо експлицитни идеолошки концепти или морални и етички премиси. Во тој поглед, се работи за  реализам и прагматизам или едноставно се нарекува прагматизам, „прагматична политика“ или „реалистична политика“.

Па така, јас сакам да ви кажам дека од длабочините на моето срце сум од оние што секогаш ќе викам „Никогаш Северна, само Македонија“, ќе викам „Цела да е“, ќе викам „Името да го вратите“ и „Знамето да го вратите“ и „Солун е наш“. Ова е мојата филозофија. Животна филозофија. За жал, ова не е реалполитика.

Реалполитиката бара прагматичност и дипломатија. Таа дипломатија во денешниот свет вели дека ако јас сум висок државен функционер (премиерка, претседателка на Македонија, министерка во Владата, пратеничка…) и решам да ја применам мојата животна филозофија во пракса, реалполитиката ќе ѝ удри врела шлаканица на Македонија. Како? Прашајте ја Палестина како. Прашајте ја Куба како. Со тоа што, македонскиот народ и менталитет не е со ист ков како палестинскиот или кубанскиот.

На еден мирен протест против скандалите „онкологија“ или „модуларната“ не се обединивме дваесет луѓе да излеземе. За промената на името и Уставот да не потсетувам. Тоа е реалност. На тоа се базира реалполитиката. Не мешајте реализам и дефетизам. Со реалноста се соочуваш и работиш со она што ти го дава на располагање, дури и да не ти се допаѓа.

Не ми се допаѓа ни мене, не треба никогаш ни да ја прифатам (јас уште Букурешки 1913 го немам прифатено, некој за „Северна“ ми зборува) – просто постои и со таква како што е треба вештини да се избоксува најдоброто за Македонија денес и да се остави подобро натапкан пат за Македонија утре. Па така, на убаво натапкан пат и цврсти државни темели, да ја преточиме оваа моја, наша, животна филозофија во реалполитика.

Каде што има сила – нема правдина. Само мудрост пробива. Ако ја има мудроста. Ако ја нема, со глава во ѕид ништо не пробиваме, освен што ќе останеме со расцепени глави.

Поврзани новости