Еден ден со царинските мобилни тимови: Цариниците и кучето Бен спречија обид за нелегално пренесување девизи

by Fokus

Пред точно еден месец Рацин.мк направи еден избор од работата и билтенот на царинските службеници, како израз на определбата на Царинската управа да биде заштитник на законите и за стопанството со цел успешно менаџирање со ризици, намалување на сивата економија и сузбивање на корупцијата.

Од прегледот на заплените и спречените обиди за нелегална трговија и за затајување на царински давачки, беше јасно дека еден сериозен дел од нив се резултат на работата на мобилните тимови на Царинската Управа (ЦУ).

Мобилните тимови на ЦУ, всушност, ја сочинуваат Службата за мобилни тимови, која заедно со Службата за мобилни скенери и Службата за царински песови го формираат Одделението на оперативни работи кое е во состав на Секторот за контрола и истраги.

За унапредувањето на работата на овој сектор говореше и директорот на Царинската управа Стефан Богоев во интервју за „Фронтлајн“, со цел Царината да биде поефикасна во борбата со криминалот и корупцијата.

Ова беше доволна мотивација екипа на Рацин.мк да помине еден ден на терен со мобилен тим на Царинската Управа за да се увериме во ефикасноста на работењето на македонските цариници.

Денот на граничниот премин Табановце го поминавме со Горан Ѓоргиевски, главен инспектор во Службата мобилни тимови, кој заедно со своите колеги ни зборуваше и за посебностите на овие тимови, како и за нивните овластувања за брзо дејствување на целата територија на Република Северна Македонија, на сите гранични премини, на сите царински терминали и во самата внатрешност на нашата држава.

– Овие мобилни тимови за главна дејност имаат спречување на криумчарење на дрога, оружје, на пари, злато и друго. Исто така имаме и други овластувања од типот на целосна контрола на целокупната стока што влегува, излегува и транзитира низ Македонија, потоа контрола на магацини, контрола на правни и трговски субјекти, информираше Ѓоргиевски.

Мобилните тимови со одобрен налог за основано сомневање, дополни главниот инспектор на Службата, имаат право на претреси по домови и други простории.

– Предноста на овие мобилни тимови е што откако функционираат во овој облик и на овој начин успесите се многу поголеми и можеме да се пофалиме дека во текот на овие дваесеттина години најголемите и наијинтересните заплени во Царинската Управа доаѓаат токму од мобилните тимови, потенцираше Горан Ѓоргиевски, главен инспектор во Службата мобилни тимови на ЦУ на Северна Македонија.

Цариниците и кучето Бен спречија обид за нелегално пренесување девизи*

На граничниот премин се запознавме со кучето Бен. Бен не е обично куче. Тој е куче во „униформа“ и со „посебни овластувања“.

Царинското куче Бен

Цариниците за него и за другите кучиња од одделението царински песови ни рекоа дека тие се исклучително драгоцени асистенти за поголема ефикасност во нивната работа. Во тоа се уверивме и самите на лице место, додека нашиот соговорник Горан Ѓоргиевски ни опишуваше во што се состои една нивна вообичаена контрола.

– Сакам да разрешам една дилема дека не често работиме по дојава, туку и по случајна селекција, по интуиција на самиот цариник и по неговото искуство, ни рече Ѓоргиевски.

Тој објасни дека за да се биде член на еден мобилен тим потребно е најмалку тригодишно работно царинско искуство коешто е исклучително драгоцено во селектирање на патниците за подетална коннтрола.

– Откако веќе ќе пронајдеме одредени супстанци или недозволени стоки во возилото, во зависност од тоа што е пронајдено, се изготвува и соодветна документација. Ако најдеме скриено дрога, оружје и такви работи, во принцип тоа се кривични дела за кои се изготвуваат записници за кривични дела кои потоа се предаваат во одделението за истраги кое подготвува соодветна кривична пријава, посочи главниот инспектор во Службата мобилни тимови на ЦУ на Северна Македонија.

Во видеото што следува заедно со изјавата е снимена и реконтруирана целата постапка контрола и откривање на цариниците од мобилните тимови, како и асистенцијата на царинскиот пес Бен.

Повеќе читајте на Racin.mk

Поврзани новости