Дванаесет лекари и 20 сестри од Воениот центар се вклучуваат во работата на ковид-одделенијата

by Fokus

Од денеска медицинскиот персонал во ковид-одделенијата на интерните клиники во Скопје ќе биде засилен со 12 лекари и 20 медицински сестри од Воено-медицинскиот центар.

Тие засега ќе работат во тријажниот центар на Клиниката за интерни болести каде што ќе вршат прием на пациенти во ковид-одделенијата.

-Оваа бројка на медицински персонал е голема поддршка, земајќи предвид дека сите специјалисти од интерна медицина и инфектолози од почетокот на кризата се посветени на ковид-пациенти, велат од Министерството за здравство.

Оттаму потсетуваат дека ова е само последниот од низата чекори со кои Армијата се вклучи во справувањето со ковид-ситуацијата.

Во петокот Министерството за здравство преку Министерството за одбрана доби 10 000 брзи теста, донација од Кралството Норвешка, а на почетокот од месецов Армијата даде на користење и 5 амбулантни возила.

Исто така, припадници на Армијата, како невооружена сила се вклучија во обезбедувањето на ковид-центрите како поддршка на полицијата. Последните информации од петокот се дека во обезбедувањето се вклучени 195 војници.

 

Поврзани новости