Политичките партии ги интензивираат подготовките за претстојните локални избори, кои се очекува да бидат особено атрактивни во албанскиот блок, со оглед дека албанските партии ги издигнуваат изборите на ниво на референдумско изјаснување за потврдување на легитимитетот кај Албанците, односно за потврдување на политичките промени по последните парламентарни избори.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Како што е познато, по ланските избори ДУИ замина во опозиција за првпат по 20 години, иако коалицијата што ја предводеше оваа партија освои повеќе гласови во споредба со конкурентскиот табор ВЛЕН. Сепак, дел од новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски станаа политичките партии што ја сочинуваа коалицијата ВЛЕН, со образложение дека претходната власт и нивната програма биле поразени на изборите во целост.
Затоа, ДУИ на Али Ахмети започна да гради наратив дека новата Влада нема легитимитет кај албанските граѓани, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одлучиле за албански партнер да го одберат губитникот на изборите. Меѓутоа, од ВЛЕН тврдат дека тие го имаат легитимитетот кај Албанците, бидејќи нивните над 100 илјади гласови биле чисто албански, додека Европскиот фронт бил мултиетнички, со оглед дека во него имаше турска, ромска, бошњачка партија.
Како и да е, овие различни интерпретации треба да завршат на локалните избори, кои ќе бидат тест и пресек како стојат албанските субјекти, кои се поделија во два големи спротивставени блока. Притоа, единствена промена во споредба со минатогодишните избори е тоа што политичката страна ја промени Арбен Таравари, кој замина од владејачката коалиција ВЛЕН и од Владата и се пресели во опозиција.
Иако првично Таравари уверуваше дека на локалните избори ќе настапи самостојно, односно со свои советнички листи и кандидати за градоначалници, додека можност за евентуална соработка со другите партии остави само во вториот круг од битката за градоначалници, последните информации одат во насока дека Таравари е во завршни преговори за официјална соработка со ДУИ.
–Наскоро ќе имаме конечна одлука – кусо одговори Таравари на прашањето на „Фокус“ дали врши селекција на кандидати за градоначалници, како и дали е точна информацијата дека има начелен договор со ДУИ за формална соработка на претстојните локални избори, која подразбира да му припаднат неколку значајни општини со доминантно албанско население?
За потсетување, повеќе медиуми на албански јазик неодамна објавија дека постои прелиминарен договор на Таравари со Ахмети, според кој неговото крило на Алијанса за Албанците треба да ги добие Гостивар, Врапчиште и уште неколку општини, при што во таа насока се споменуваа Сарај и Теарце, каде ДУИ нема да исфрли свои кандидати за градоначалници.
Веќе извесно е дека кандидат на Таравари во Гостивар, поддржан од ДУИ и другите партнери, ќе биде актуелниот в.д. градоначалник Валбон Лимани. Партиски извори велат дека постои размислување Таравари и директно да влезе во битка за Гостивар, но тој неодамна за „Фокус“ категорично ја отфрли оваа можност. Што се однесува до Сарај, пак, таму се очекува кандидатура на Блерант Рамадани.
Според истите медиуми, чии информации ниту беа демантирани ниту беа потврдени, Ахмети постигнал договор и со Зијадин Села, кој предвидувал неговото крило од Алијанса за Албанците да ги добие Струга, Дебар и Арачиново, што значи дека ДУИ со свои кандидати ќе води битка за Тетово, Чаир, Кичево и неколку помали општини – Боговиње, Брвеница, Желино, Студеничани, Липковo, Долнени, Чашка.
Доколку овој договор биде заокружен и официјализиран, тоа ќе значи дека Ахмети успеал да ги изменаџира односите меѓу Села и Таравари, кои имаа болна предизборна разделба што резултираше со поделба на Алијанса. Покрај тоа, Села и во последниот период велеше дека предавството на Таравари не е заборавено и дека тој не оди во прилог на концептот за почитување на легитимитетот на албанската етничка заедница.
Иако се обративме и до Села со прашање како течат преговорите со ДУИ и дали е постигнат договор според кој треба да ги добие споменатите општини, не добивме никаков одговор. Инаку, тој е поранешен градоначалник на Струга и, според партиски извори, е најсериозен кандидат повторно да влезе во битка за нов мандат со бизнисменот Менди Ќира, кој веќе се кандидираше како независен кандидат и доби поддршка од ВЛЕН.
Исто така, официјално се обративме и до потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, но и од него не добивме конкретен договор на прашањето како се одвиваат преговорите со други партии за соработка на локалните избори, како и дали има договор со Села и Таравари? Во интервју за „360 Степени“, тој рече дека се формира „еден голем фронт“, од кој дел е Таравари, но во него ќе биле и граѓански организации.
–Јас би сакал кампањата за локалните избори да биде чисто општинска, комунална кампања, но станува референдум за некои прашања за Албанците и затоа ова станува еден фактор на атракција на сите партии да дојдат на оваа страна на референдумот, да се спречи овој концепт на ВМРО и ВЛЕН. Затоа се формира една национална алијанса за интеграција, каде се доминантните партии на Албанците. Еве тука се Бујар Османи и Арбен Таравари кои на последните избори заедно добија 204 илјади гласа – рече Османи.
Уште во април годинава, објавивме дека Османи е најсериозен кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир, за што сега самиот отворено говори, истакнувајќи дека конечната одлука ќе ја донесе по консултација со граѓаните. Доколку влезе во таква трка, тој ќе се судри со актуелниот градоначалник на Чаир Висар Ганиу, но постои можност ВЛЕН да истрча со еден од фронтмените на коалицијата и актуелен прв вицепремиер Изет Меџити.
–Сега анализираме терен, сакаме да најдеме најдобри решенија и врз основа на тоа ќе дејствуваме. Нема да се договараме за поддршка од прв круг. ДУИ сака за Чаир да го кандидира Османи и јасно му е дека друг кандидат не е во игра, нас ни е битно да го добиеме Чаир. Се прават анализи, не исклучувам опција да се кандидирам за градоначалник на Чаир – рече Меџити на ТВ 24, додавајќи дека очекуваат победа и во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга…
Во однос на прашањето на „Фокус“ кога може да се очекува одлука дали тој ќе се кандидира за градоначалник на Чаир и кога ќе ги промовираат кандидатите во останатите општини, тој вели дека ги чекаат резултатите од анкетите. Досега, ВЛЕН официјално го поддржа независниот кандидат за градоначалник на Струга – Кира, но извесно е и дека во Тетово за уште еден мандат ќе се бори еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами.
Неофицијално, негов противкандидат од ДУИ ќе биде генералниот секретар на партијата Фатон Ахмети или партискиот потпретседател Бајрам Реџепи. Во игра за градоначалничка кандидатура во Тетово беше пратеникот и поранешен министер за здравство Илир Демири, кој му припаѓа на крилото на Села во АА. Сепак, при веќе начелно договорената распределба на општините меѓу партнерите, оваа опција отпаѓа.
Каков и да испадне крајниот пазар, уште отсега може да се издвојат 2 заклучоци. Првиот е дека ДУИ, условно кажано, ќе жртвува многу битни и значајни општини, кои ќе им ги припушти на други партнери, со цел да постигне како коалиција што подобар изборен резултат и на тој начин да го засили притисокот за предвремени парламентарни избори, со цел што поскоро да се врати на власт.
Од друга страна, пак, освен што ќе трча со водачите на блокот, ВЛЕН истовремено ќе применува и стратегија на поддршка на независни кандидати за градоначалници во општини каде стојат релативно послабо. Освен во Струга, таква можност има и за Гостивар, каде ВЛЕН размислува да го поддржи универзитетскиот професор Висар Адеми, кој се споменува како можен независен кандидат.
Ако на ДУИ му оди во прилог фактот што Таравари му зададе удар на ВЛЕН чии ефекти најдобро ќе се измерат на изборите, а сигурно до одредена мера профитира и од наративот дека ВЛЕН се сервилни кон ВМРО-ДПМНЕ, во прилог на ВЛЕН оди фактот што се дел од власта, како и најавената поддршка од ВМРО-ДПМНЕ уште во првиот круг.
–Силно веруваме дека политичката партија која што повеќе од 20 години остави споменици и не направи ништо за цела Македонија, на која примарно и беше да издаваат лиценци за марихуана, да отвораат казина, да купуваат трговски центри, скапи дуќани во центар на град, да формираат инстант фирми коишто добиваат државни тендери, да играат фудбалчиња по канцеларии, плукајќи му така на народот, треба да биде поразена на овие избори и конечно да замине во историјата на македонската политичка сцена – рече Мицкоски, алудирајќи на ДУИ.
Она што е интересно, и опозицискиот СДСМ нема да кандидира кандидати за градоначалници во доминантно албанските општини. Но, од партијата на Венко Филипче засега не откриваат зошто донеле таква одлука и каква стратегија всушност ќе имаат – дали ќе соработуваат со одредена албанска партија или партии, дали ќе одлучуваат локално општина по општина или ќе останат воздржани?
Собранискиот спикер Африм Гаши, во интервју за новиот број на неделникот „Фокус“, изјави дека локалните избори ќе се распишат во рамки на законските рокови, т.е. кон крајот на јули или почетокот на август. Тој очекува предизборниот период да биде фер и достоинствен, без злоупотреби на јавни ресурси, без партиски притисоци и без тензии кои ги навредуваат граѓаните.
ДУИ не се откажува од двојни избори: Османи ќе трча за градоначалник на Чаир?
Ексклузивно: Таравари му предложил на Мицкоски да направат Влада со Ахмети!