Државните спортски објекти пропаѓаат, одат под спорен закуп или завршуваат на продажба!

Државниот завод за ревизија констатирал дека Јавното претпријатие за стопанисување со државните спортски објекти не располага со точни податоци за објектите, што создава ризик за незаконско постапување со државниот имот. Притоа, ревизорите извршиле анализа на договорите за дел од објектите кои се дадени на користење на други правни субјекти, при што е утврдено дека објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години, дека договорените закупнини се мали, а закупецот може да ги дава објектите во подзакуп, дека, и покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и понатаму бесправно ги користат, па дури и дека се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки. Што своевремено објави „Фокус“ во врска со спорниот закуп на дел од СРЦ Кале?

by admin 16:46
16:46

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата за 2023 година, при што ревизорите нотирале дека се воздржуваат од „изразување на мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики“.

Имено, ревизијата не била во можност да ги потврди вредностите во билансот на состојба поради тоа што повеќе години наназад не е извршен попис на средствата, побарувањата и обврските и не е вршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката утврдена со попис, додека голем дел од документацијата на јавното претпријатие е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки од надлежни органи.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека јавното претпријатие располага со земјиште, градежни објекти, опрема, транспортни средства со проценета вредност од 1.971.377 илјади денари или 31.951.004 евра, но за евидентираниот недвижен имот претпријатието не располага со податоци со кој имот реално располага, нема одлуки на Влада и имотни листови како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост, ниту пак постојат историски податоци за нивната вредност.

Притоа, ревизорите извршиле анализа на договорите за дел од објектите дадени на користење на други правни субјекти, при што е утврдено дека објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години, дека договорените закупнини се мали, а закупецот може да ги дава објектите во подзакуп, дека нема документација со која ќе се потврдат инвестициските вложувања од страна на закупецот, дека, и покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и понатаму бесправно ги користат, па дури и дека се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки.

Во таа насока, во извештајот стои дека побарувањата од купувачи по основ на склучени договори за закуп на спортски објекти и/или делови од нив, во трговските книги и финансиските извештаи на претпријатието, заклучно со 2023 година, се искажани во износ од 202.240 илјади денари или над 3,5 милиони евра, но тие не се усогласени со состојбите во бруто-билансот, односно се помали во износ од 80 илјади денари. Според ДЗР, постои реална можност 82% од евидентираните побарувања да не се наплатат.

Побарувањата во износ од 87.763 илјади денари или 43% од вкупните побарувања се евидентирани „збирно“ на една сметка, не се разграничени по одделни коминтенти и претставува салдо/состојба од претходни периоди за кои ЈП не располага со финансиска документација и која вредност не може да се потврди.

 

Висок процент од 49% од вкупно евидентираните побарувања или 98.004 илјади денари се побарувања со назив на „комитент“, односно од познати комитенти, кои потекнуваат од минати години и за кои ЈП не располага со документација со која ќе се потврди правниот основ, старосната структура и можноста на нивна наплата. Само 8% од побарувањата искажани на ден 31.12.2023 година во износ од 16.553 илјади денари се по основ на договори или анекс на договорите за закуп склучени во период од 2002-2023 година.

Утврдивме дека издадените фактури во 2023 година согласно овие договори, освен податок за месецот за кој се однесува фактурата/закупот, истите не содржат податоци за број и датум на склучен договор/анекс кон договорот со цел потврда на правниот основ и точноста на висината на закупнината.

 

Со анализа на достапните податоци утврдивме дека наплатата е многу ниска, односно наплатени се само се само 2% од вкупните побарувања, односно во текот на 2023 година наплатени се 4.267 илјади денари“, стои во ревизорскиот извештај, каде уште се наведува дека нема можност да се потврди дека приходите за 2023 година во износ од 6.212 илјади денари се според сите активни договори и во висина на договорениот надомест за закуп.

Воедно, ревизорите констатирале дека ниту со одлуката за основање на јавното претпријатие, ниту со Статутот на ЈП, ниту пак со Законот за спорт од 2002 година е извршено точно определување и специфицирање кои објекти за спорт ќе бидат во делокругот на стопанисување на јавното претпријатие. Според ДЗР, ЈП не располага со точни податоци и информации за спортските објекти во сопственост на државата со кои управува, не е извршено запишување во јавните книги, што, според ревизорите, создава ризик за незаконско постапување со државниот имот.

Во извештајот обелоденуваме состојби што се однесуваат не преземање на мерки и активности за спроведување на законските одредби од страна на Владата и Агенцијата за млади и спорт по укинувањето на јавното претпријатие, поради што ЈП се уште опстојува и работи, има активен статус во Централниот регистер, не е решен статусот на вработените, се генерираат нови обврски и загуби од работењето како и загуби на имотот на државата.

 

Укажавме на Министерството за спорт и основачот од потребата за утврдување на сите објекти кои биле во надлежност на ЈП и нивниот статус, како и преиспитување на законитоста на сите договори за закуп склучени помеѓу ЈП и трети лица со цел преземање на мерки за минимизирање на правните и финансиските ризици и заштита на државниот имот“, стои во извештајот, каде се потенцираат и проблемите со неисплатените плати кон вработените, обврските спрема добавувачи, обврските по основ на даноци итн.

Исто така, ревизорите го нагласуваат и, како што велат, прашањето за исплата на 78.363 илјади денари по судски спор што ЈП треба да ја исплати на закупецот на објектот „Олимписки базен“ во Скопје. Како што утврдиле тие, обврската произлегува од договор од 2004 година и анекс од 2006 година, со кој е продолжен периодот на закуп на објектот до 2035 година, и со компензација однапред е признаена и наплатена закупнина за 373 месеци во износ од 20.682 илјади денари по основ на фактури за вложувања во објектот, кои не и биле приложени на ревизијата, а неизвесно е дали ЈП располага со нив.

Дополнително, во овој извештај се посочуваат и други државни спортски објекти со кои стопанисува органот што е предмет на ревизијата, меѓу кои е и базенот во Чаир, кој моментално се користи како магацин. Потоа, се нотира и дека по основ на извршување за наплата на побарувања спроведена е постапка за продажба на градскиот базен во Делчево, спротивно на Закон за извршување. Понатаму, приложени се и фотографии како некогаш изгледале лизгалиштето и базенот на Кале, кои моментално се руини, и како ракометно игралиште во Градски парк е пренаменето во дискотека.

За потсетување, „Фокус“ лани пишуваше за закупот на дел од Спортско-рекративниот центар „Кале“, што го опфаќа некогашниот базен „Плаја Виста“, соседниот паркинг, како и деловен простор. Поточно, овој имот го закупува претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, во време кога му е советник за спорт на тогашниот премиер Зоран Заев. Односно, Димевски го закупува просторот преку неговата „ТУРД Олимпик“, основана во 2000 година со дејност „објекти за фитнес“, која е избришана на средината на 2023 година поради статус на неактивен субјект.

(АРХИВА) Како фирми поврзани со Даниел Димевски закупија локација под Кале со маркичка за спортски објект?

Врз основа на документацијата што тогаш ја обезбедивме, „ТУРД Олимпик“ на Димевски во 2019 година склучила договор со ЈП за стопанисување со објекти од спортот во сопственост на државата за закуп делови од „Кале“ во период од 30 години (2019-2049), за сума од 600 евра месечно. Во Членот 1 од договорот стои дека се работи за парцелите со број 5514, 5515, 5516, 5517 и 5518, дуќан (деловен простор) во СРЦ Кале од 85 квадратни метри и паркинг-простор што се наоѓа на парцелата 5530/1 (КО Центар 1), а во Членот 2 стои дека на локацијата се наоѓа „запуштен и руиниран отворен базен, со придружни мали базени, скокалница, соблекувални и други помошни простории, сите вон функција и неупотребливи…“

Како фирми поврзани со претседателот на МОК, Даниел Димевски, закупија локација под Кале со маркичка за спортски објект?

Според овој договор, закуподавачот, односно Јавното претпријатие, се обврзало да го предаде во владение предвидениот државен имот, но многу побитно, претпријатието со договорот изразило согласност „сите запуштени и руинирани содржини да се пренаменат во други содржини кои се во согласност во Деталниот урбанистички план“. Во овој контекст, особено важен е и Членот 7, кој предвидува дека закупувачот е согласен да ја користи локацијата за намената определена во ДУП-от, но доколку настанат какви било промени на планот, тогаш овој договор претставува согласност на закуподавачот за пренамена на дејноста.

Патем, договорот му даваше согласност на закупувачот да врши и инвестициони вложувања и да ангажира коинвеститори по сопствен избор и воедно пропишува: Евентуално изградени објекти од траен карактер по истек на овој договор (2049) ќе бидат проценети од страна на овластен проценител и ќе бидат поделени на двете договорни страни во сооднос 25 отсто на ЈПСОС и 75 отсто на ТУРД Олимпик. Во случај на продажба на предметната локација, закуподавачот му признава предимствено право на купување на закупувачот согласно официјален ценовник“.

Оттука, договорот го фаворизирал закупувачот „ТУРД Олимпик“ да го купи имотот во случај на продажба, му давал право врз 3 четвртини од евентуално изградени објекти по истек на договорот и му овозможувал автоматска согласност за пренамена на содржините согласно урбанистичкиот план. Затоа, проверивме што предвидуваше ДУП-от за овој простор? Според официјалните информациите што ги добивме, закупениот простор беше опфатен со два урбанистички плана, така што паркингот со кој Димевски добил право да стопанисува е регулиран со „Кале“ Градска Четврт ЦС 14. 

Впрочем, дотука нема ништо специфично, од причина што овој план предвидува паркинг, идентично каква што е фактичка состојба на терен. Меѓутоа, закупениот дел околу запуштениот базен е регулиран со „Француски гробишта“ ЦС 01. Овој план, на таа локација предвидува(ше) изградба на објект во висина од 16,5 метри во еден дел и 6 метри во друг дел, со намена Д3 – спорт и рекреација, каде спаѓаат сите видови активности за спорт, рекреација или забава на отворено или затворено како спортско рекреативни сали и базени за пливање без трибини, рекреативни езера, забавни паркови, тематски паркови…

Меѓутоа, од Општина Центар тогаш не информираа дека вo крајна фаза на носење е нов ДУП, според кој, на истата локација се предвидуваше објект со висина од 16,5 метри во целост, но со намален габарит, бидејќи, според објаснувањето што го добивме, претходно не било почитувано доволно растојание од цевка за фекална канализација што минува на таа линија. Покрај тоа, имаше уште една разлика, а тоа е дека овој објект е со намена Б6 – простори за собири, каде влегуваат стадиони, повеќенаменски сали, саеми…

Па, освен што му дозволувал на „ТУРД Олимпик“ да стопанисува со паркинг, договорот за закуп му овозможил да полага право и врз катастарски парцели што влегуваат во една градежна парцела, со намена спорт и рекреација. Но, во меѓувреме, односно во април 2020 година, Антикорупциската комисија одлучи да оформи предмет во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на Димевски, кој во својство на надворешен соработник на Заев и управител на „ТУРД Олимпик“ стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале, со што, според ДКСК, остварил приватни интереси и го оштетил Буџетот.

Во такви околности, кога антикорупционерите постапуваа, а истовремено одговорност бараше и тогашната опозиција, ценејќи дека Димевски го оштетил буџетот, Јавното претпријатие управувано од Хајредин и приватната компанија управувана од Димевски го раскинуваат договорот за закуп преку спогодба склучена 2020 година. Сепак, само неколку дена подоцна јавното претпријатие склучува договор за закуп за истиот имот, плус дополнителни парцели, ама со друга компанија. Тоа е друштвото „Г3-Фуд“ на Мартин Глишиќ.

За разлика од претходниот договор, кој беше склучен на период од 30 години за месечна закупнина од 600 евра, овој договор беше склучен на период од 10 години, а месечната закупнина изнесуваше 1.100 евра. Згора на тоа, со овој договор, покрај базенот и придружните објекти и паркингот, опфатен е и деловен простор во рамки на околните објекти. Врз основа на овој договор, „Г3-Фуд“ закупи деловен простор од 483, 23 и 57 квадрати во објект на КП 5520 – соседната парцела каде имаше угостителски објекти, а денес под закуп работат разни работилници. Плус, „Г3-Фуд“ закупила уште 2 деловни простории.

Арно ама, „Г3-Фуд“ никогаш не платил закупнина, бидејќи во игра пак влегла судската пресуда спомената во претходниот договор. Се работи за пресуда со која „ТУРД Олимпик“ судски го добива Јавното претпријатие поради стопанисување со простор во Олимписки базен. Врз основа на оваа пресуда, „ТУРД Олимпик“ има потврдено побарување кон ЈП во износ од 123 илјади евра, плус казнена камата. Така, кога ЈП склучува нов договор со „Г3-Фуд“, трите страни склучуваат т.н. договор за цесија.

На тој начин, повторно се заобиколила обврската за реална исплата, бидејќи обврските на новиот закупец „Г3-Фуд“ кон ЈП ги покрива стариот закупец „ТУРД Олимпик“ преку пребивање на судски потврдениот долг што го има јавното претпријатие кон „ТУРД Олимпик“. Односно, ЈП му издава фактура на закупецот „Г3-Фуд“ од околу 9 милиони денари, колку што чини закупот за договорените 10 години. А, „ТУРД Олимпик“ има побарување од ЈП врз основа на судска пресуда за долг од 2003 година. Преку побарувањето на „ТУРД Олимпик“ се плаќа договорениот закуп, бидејќи „Г3-Фуд“, од друга страна, има побарување од „ТУРД Олимпик“, а долг кон ЈПСОС.

Тука клучна е фактурата меѓу „Г3-Фуд“ и „ТУРД Олимпик“ за овие 9 милиони денари. Кога нов директор на Јавното претпријатие по починатиот Хајредин станува Зоран Исајловски, оваа фактура ја немало во архива. На крајот, поради неплаќање на закупнина, ЈП на 10.11.2022 година носи одлука за раскинување и поништување на договорот со „Г3-Фуд“ за закуп на делови од „Кале“, а истиот ден носи одлука и за ништовност на договорот со „ТУРД Олимпик“, иако тој веќе бил спогодбено раскинат.

Димевски е под лупа на истражните органи, a МОК врти 1,5 милион евра годишно и влече екстра приходи од „Јане Сандански“!

Инаку, во врска со овој случај контрола изврши Управата за јавни приходи, а документација прибирала и Финансиската полиција, која потоа иницирала постапка и во Јавното обвинителство. Всушност, овие елементи се испитуваа во рамки на поголема истрага, која на крај резултираше со обвинение пред суд за Димевски и други лица само поради начинот на распределба на т.н. спортски ваучери. Судскиот процес е во тек.

(АРХИВА) Манипулации со спортски ваучери: Дали федерации и клубови враќале дел од донираните пари на фирмите ослободени од данок?!

Слични вести