Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи надзорната расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и одговорноста на надлежните институции.
Расправата ќе продолжи со сослушување на останатите поканети сведоци, меѓу кои и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на банката. Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, вчера соопшти дека ниту еден од поканетите дотогаш не го потврдил присуството.
Пратениците на СДСМ и коалицијата вчера поднесоа интерпелација за гувернерот Трајко Славески, барајќи политичка одговорност и одговори за проверките на инвеститорот, потеклото на капиталот и процената на ризиците за депонентите.
На претходната надзорна расправа, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека владата на СДСМ и ДУИ уште во 2023 година дала согласност за продажба на акции во тогашната Стопанска банка Битола.
Гувернерот Славески оцени дека банката има здрава финансиска состојба и висока ликвидност, додека министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска увери дека нема ризик од финансиска нестабилност во државата.
Во меѓувреме, Народната банка започна постапка за продажба на 95,336 отсто од акциите на Алта банка Битола. Првата јавна аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција.