Димевски е под лупа на истражните органи, a МОК врти 1,5 милион евра годишно и влече екстра приходи од „Јане Сандански“!

Додека обвинителството го истражува делењето на спортски ваучери, закупот на дел од Кале и давањето на подзакуп на некои од објектите, Даниел Димевски непречено оперира со Македонскиот олимписки комитет, притоа зголемувајќи го буџетот од година во година, така што само лани изнесувал над 1,4 милиони евра. Згора на тоа, остварува дополнителни приходи преку стопанисување со салата „Јане Сандански“, која ја закупил на 26 години за нецели 50.000 евра. Што покажуваат новите податоци и сознанија до кои дојдовме?

by Фокус

Македонскиот олимписки комитет под раководна палка на Даниел Димевски, го зел под закуп спортскиот комплекс „Јане Сандански“ од рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко на период од 26 години за нецели 50 илјади евра, иако стопанисувањето со салата, проценета на 30 милиони евра, за само една година му донел приходи од 325.000 евра на МОК, чиј вкупен буџет лани достигнал речиси 1,5 милион евра, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека надлежните институции постапуваат за начинот на доделувањето на спортските ваучери, закупот на дел од СРЦ „Кале“ и издавање простории на подзакуп, каде под лупа е првиот човек на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, тој успева во период од неколку години драстично да го подобри финансиското работење на Комитетот и да го зголеми приливот на средства.

Но, не само што собира донации, туку прибира средства и по пат на стопанска дејност, што е нетипична практика на едно здружение на граѓани. „Фокус“ од Централниот регистар ги обезбеди финансиските извештаи на ова здружение на граѓани за последните неколку години. Што покажуваат тие?

Во 2018 година, МОК имал обрт од 36.155.579 денари, а во 2019 година, приходите паѓаат на 27.496.048 денари. Во следната 2020 година, повторно се забележува раст, односно стабилизација на нивото на приходи, кои изнесуваат 38.984.279 денари. Тоа е безмалку исто како и во следната 2021 година, кога здружението имало приливи од 39.983.934 денари.

Всушност, тоа се последните години кога на чело на МОК е Васил Тупурковски и првата година откако претседател веќе е Димевски. Тој доаѓа на оваа позиција во 2020 година, но на крајот на годината, па не може нему да му се припише финансиското работење за оваа година. Негова прва целосна година е 2021, кога се бележи пораст на приходите, но тоа е минимален и незначителен раст.

Но, целосно поинаква е сликата веќе во 2022 година, кога МОК бележи приходи од 75.577.696 денари, што претставува двојно повеќе во однос на 2021 година. Кога ќе се навлезе во структурата на приходи, може да се види дека доминираат трансфери од европски олимписки комитети (38,3 отсто), по што следува Европска комисија – Еразмус (19,2 отсто), Комерцијална банка (6,2 отсто), Кигили Турција (3,8 отсто)…

Што се однесува до расходната страна, пак, најмногу средства се потрошени по основ на стипендии за спортисти и уплати кон национални спортски федерации во износ од 27.179.825 денари. Потоа, за договори на дело и ангажирање на хонорарни работници потрошени се 9.240.057 денари, за спортска опрема 7.655.417 денари, за патувања 5.159.389 денари, за спортски настани 4.826.846 денари

Основниот буџет на организацијата уште повеќе се зголемил ланската 2023 година, кога тој изнесувал 88.260.492 денари, што претставува раст од 320 проценти во споредба со 2019 година. Треба да се има предвид дека во 2022 година, МОК остварил дополнителни приходи од 20.261.859 денари преку стопанска дејност поврзана со салата „Јане Сандански“, така што вкупните приходи за таа година достигнале вкупно 95.893.55 денари.

Поточно, Друштвото за спорт и рекреација „Јане Сандански“, во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, на 8.1.2013 година склучило договор за јавно-приватно партнерство со Општина Аеродром, тогаш на чело со градоначалникот Ивица Коневски. Така, приватниот партнер го изградил спортскиот комплекс, со право со него да стопанисува 35 години.

Меѓутоа, Самсоненко го искористил ова право само нецели 10 години, бидејќи на 6.7.2021 година склучува договор за закуп со МОК. Според овој договор, со кој располага „Фокус“, се регулираат правата и обврските над деловите од комплексот дадени под закуп, како што се малата и големата спортска сала, деловен простор, паркинг-простор, како и дел од содржините околу паркингот.

Конкретно, просторот што се изнајмува е опфатен со геодетски елаборат за интерна физичка делба за внатрешен простор, од кој произлегува дека на закупецот ќе му бидат дадени под закуп 20.217 од 23.811 квадратни метри. Како што стои во договорот, закупот се склучува за период од 26,5 години, односно од 2021 до 2048 година, а вкупната закупнина изнесува 3 милиони денари, во што е пресметан и ДДВ.

„Договорните страни се согласни недвижниот имот да се користи за сите компатибилни намени за економско стопанисување со спортските сали, без ограничување и без писмена согласност од закуподавачот“, стои во договорот, каде што уште се наведува дека закупецот може да врши адаптација, реновирање и санација на просторот.

Во отчетот за сработеното за периодот 2020-2024, Димевски го става на листата на успеси и постигнувања и спортскиот комплекс „Јане Сандански“, чија проценета вредност е 30 милиони евра. Значи, МОК на чело со Димевски обезбедил милионски спортски комплекс на период од 26 години за закупнина од нецели 50 илјади евра, што е нецели 2.000 евра годишно.

Патем, овој комплекс му обезбедил на МОК приходи од 20 милиони денари или 325 илјади евра само во една година (2022)?! Тоа е резултат на стопанисување со содржините во комплексот, каде што МОК вложил 180.000 евра за реновирање на двете спортски сали, теретаната и канцеларискиот простор, 40.000 евра за нови спортски содржини за одбојка, кошарка, пинг-понг маси, а изграден е спортски медицински центар за 300.000 евра.

Кога ја презентираше програмата за следниот период, Димевски истакна дека во следните 4 години предвидена е изградба и на нова спортска инфраструктура, која ќе биде лоцирана во „Јане Сандански“ во вкупна вредност од 340.000 долари, т.е. изградба на тренинг-центар за боречки спортови, болдер карпа, голф симулатор, тренинг центар за стреличарство, покриен скијачки тренинг-центар, мини лизгалиште…

Претходно, „Фокус“ го истражуваше спорниот закуп на дел од спортско-рекреативниот центар „Кале“ од страна на Димевски додека тој е советник за спорт на експремиерот Зоран Заев. Во сторијата објавена во неделникот пред 2 седмици пишувавме дека неговата „ТУРД Олимпик“ склучила договор на 30 години за закуп на базенот „Плаја виста“, каде што урбанистичкиот план предвидува изградба на објект со намена спорт и рекреација.

Како фирми поврзани со претседателот на МОК, Даниел Димевски, закупија локација под Кале со маркичка за спортски објект?

Откако ДКСК отвори постапка, ЈП за стопанисување со спортски објекти го раскинува овој и склучува нов договор со „Г3-Фуд“, со тоа што двете страни, заедно со „ТУРД Олимпик“, прават договор со цесија, со цел закупнината да се пребива со судски потврден долг. На тој начин, обврските на новиот закупец „Г3-Фуд“ кон ЈП ги покрива стариот закупец „ТУРД Олимпик“ преку пребивање на судски потврдениот долг што го има јавното претпријатие кон „ТУРД Олимпик“.

Односно, ЈП му издава фактура на закупецот „Г3-Фуд“ од околу 9 милиони денари, колку што чини закупот за договорените 10 години, а „ТУРД Олимпик“ има побарување од ЈП врз основа на судска пресуда за долг од 2003 година. Преку побарувањето на „ТУРД Олимпик“ се плаќа договорениот закуп, бидејќи, од друга страна, „Г3-Фуд“ има побарување од „ТУРД Олимпик“, а долг кон ЈПСОС.

Тука клучна е фактурата меѓу „Г3-Фуд“ и „ТУРД Олимпик“ за овие 9 милиони денари. Едноставно, оваа фактура ја нема во архивата на јавното претпријатие. Единствено, според нашите сознанија, кога таму доаѓа нов директор, закупецот доставил фотокопија од фактурата меѓу претпријатието и компанијата, со која располагаме и ние, но недостига фактурата меѓу двете компании.

На крајот, поради неплаќање на закупнина, ЈП на 10.11.2022 година носи одлука за раскинување и поништување на договорот со „Г3-Фуд“ за закуп на делови од „Кале“, а истиот ден носи одлука за ништовност и на договорот со „ТУРД Олимпик“, иако тој веќе претходно бил спогодбено раскинат?! „Фокус“ поседува обемна документација за претходно изнесените наводи, која е предмет на проверки и од страна на истражни органи.

Во посочените субјекти, контрола била извршена од УЈП, документација прибирала и Финансиската полиција, а Јавното обвинителство води предистражна постапка. Нашите проверени информации говорат дека надлежните влегле во ЈП за спортски објекти и во „Г3-Фуд“, каде што го проверувале финансиското работење и деловните односи. Изготвени се записници и издадени се налози.

Што се однесува до „ТУРД Олимпик“, тоа не го сториле токму од причина дека е згасната, но тоа може да се направи со наредба со обвинителство. Упатените со кои разговаравме велат дека постои законска обврска да се чува документацијата 5 години по згаснувањето.

Меѓу другото, се проверувале договорите за закуп што ги склучувало јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти за време на директорувањето на починатиот Шпенди Хајредин. Отежителна околност е што голем дел од документацијата е уништена.

Исто така, се „чешлале“ и договорите за подзакуп. Во таа насока, се испитува како закупците на блиски луѓе им реиздавале простор за месечна закупнина од 100 денари, додека од друга страна склучувале и реални договор за подзакуп од кои профитирале, како на пример со една позната скопска дискотека на таа локација.

Во однос на закупот на дел од Кале, се обративме и до МОК и до претседателот Димевски, кој за овој случај кусо вели дека „посочениот простор и ден денес не е во функција“ и додаде дека нелогично му било зошто сме му поставиле прашање за Кале во пакет со прашања за случувањата во МОК.

Додека е советник на премиерот, Димевски е креатор и на концептот за т.н. спортски ваучери, па дури и неколку години е претседател на Комисијата што врши селекција. Првично, оваа комисија функционира во рамки на Агенцијата за млади и спорт, а потоа Димевски ја повлекува во Владата, поради лоша кохабитација меѓу него и првите луѓе на АМС.

Вреди да се потсети дека Антикорупциската комисија изрази сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови, што, исто така, е дел од предметот во ЈО. Според анализите на ДКСК, годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари без никаква отчетност.

Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти што не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало – изјави антикорупционерот Владимир Георгиев.

Според Комисијата, постои сомневање дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 2021 и во 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

За време на периодот кога Димевски е на чело на оваа комисија, во неа членува и Сашо Поповски, генерален секретар на МОК, чија основна цел и мисија е развој и ширење на олимпизмот. Покрај другото, нашите потврдени сознанија говорат дека Комисијата тогаш му доделила ваучер и на МОК, кој нема дејност спорт, а плус бил и со блокирана сметка.

Инаку, Димевски деновиве успеа да се избори за втор мандат на чело на МОК, откако спортски федерации и работници побараа негова смена. Сепак, иницијаторите за промени не се откажуваат, со оглед дека најавуваат кривична пријава против Димевски, Поповски и членовите на Верификационата комисија, заради, како што посочуваат, фалсификат и обезбедување противправна корист и владеење на институција од национален интерес и за лажно претставување на овластено лице.

Како и да е, Димевски доби нов четиригодишен мандат и се етаблираше на чело на комитетот, непосредно пред одржувањето на Олимписките игри летово во Париз. Па, може да се каже дека тој ја доби битката, но времето ќе покаже дали ја добил војната, особено со институциите, кои истражуваат повеќе сегменти од неговото работење и делување.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости