ДОКТОР СМРТ

by fokus

И во Германија умираат луѓе. Точно. Во ист број како во Македонија, со една мала разлика- има четириесетина пати побројно население. И во Велика Британија за една недела умреа двесте и шеесет луѓе, исто како и во Македонија. Повторно со мала разлика и едно осумдесет милиони население, наспроти нашите едвај два, а прашање е и дали се толку

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Преку сто починати од корона за само три дена и нови три илјади заболени. Вакцини ни на повидок, нови мерки дури денес. Од друга страна, на  Венко и на Заев уво не им чуе. Не обезбедија вакцини, или обезбедија минорни количества, поради што граѓаните беа принудени да се снаоѓаат кој како знае и умее. Обичните смртници во Србија, функционерите во Дубаи.

Но затоа немаа проблем бесрамно да се возат со хеликоптер за „службени“ потреби. Ниту еднаш во година и кусур пандемија, истиот тој хеликоптер не беше искористен за обична раја. А не дека не беше потребен повеќепати и на повеќе локации. Ама кој ви е крив што не сте се родиле функционери.

СО ХЕЛИКОПТЕР СЕ ВОЗЕЛ И ГРУЕВСКИ?!

И кога народецов оправдано жестоко реагираше, се јавија провладините ботови, како во најдобрите курирски времиња да шиканираат. Нѐ потсетија дека замислете и Груевски се возел со истиот хеликоптер во 2013 година. Е па, сполај ви што не заборавивте дека се исти. Ама да не ти биле. Ова биле службени, тоа биле приватни потреби. Иако премиерот има службено цел возен парк, како што има и секој премиер на држава.

Наместо да измисли нешто подобро ПР-от на премиерот, како класични македонски политичари се послужија со „и вмро правеше така“. Точно правеше, затоа сега се каде што се, во политички нокдаун, од кој не можат глава да кренат три години. Затоа премиерот не заборави да ни ја мантра онаа кретенска фраза измислена од неговиот пиар-систем – „молчевте Груевски кога го правеше тоа“. Боже мили!

Во дел до македонските болници нема кислород. Кислород за бога. Но, не грижете се, Венко вели кревети сѐ уште има. Па, само со кревети ли ќе ги лечиме луѓето? И тие што починаа, починаа во истите тие кревети. Треба имунизација и доволно медицински персонал, кој е истоштен од петнаесетмесечната борба. Фразите „секаде е исто“, покрај што се неточни, веќе не ни поминуваат.

ВЕТИЈА БОРБА СО КОРУПЦИЈА, ГО ДОБИВМЕ РАШКОВСКИ

И во Германија умираат луѓе. Точно. Во ист број како во Македонија, со една мала разлика – има четириесетина пати побројно население. И во Велика Британија за една недела умреа двесте и шеесет луѓе, исто како и во Македонија. Повторно со мала разлика и едно осумдесет милиони население, наспроти нашите едвај два, а прашање е и дали се толку.

Власта ЕДВАЈ, под силен притисок на јавноста и огромниот број мртви се откажа од налудничавата идеја да прави попис сред пандемија. Лани направија избори за да имаат функционални институции дерми за полесно да се справеле со кризата. Колку се справија, гледаме. Ветија функционални, добивме партизирани институции. Ветија борба со корупција, го добивме Рашковски. Ветија живот, донесоа смрт!!!

Поврзани новости