Дојран со цени неколкукратно пониски од Охрид, преполн со туристи и во септември!

by fokus

Иако полека изминува месец септември, во Дојран туристичката сезона не стивнува. Голем број на посетители од целата земја, преполни плажи и ресторани, раздвижено шеталиште – тоа е сликата која е актуелна денес.

Затворените граници, но и ваучерите за туризам придонесоа Дојранско Езеро да заживее како во старите времиња, кога беше привлечна дестинација за летување на голем број на туристи.

Во повеќето хотели, слободни соби нема до крајот на месецот, се е резервирано однапред. На популарните плажи во центарот на Стар Дојран, исто така тешко може да се најде слободна лежалка или пак маса. И покрај тоа што на плажите им е потребно дополнително средување и чистење, тоа очигледно не им смета на посетителите. Се игнорираат трските, тревите и заматената вода, и се ужива во последните сончеви денови оваа сезона.

Во рестораните, се случува да треба да се почека за слободна маса. Цените, во споредба со оние во Охрид, се неколкукратно пониски, а се нудат одлично приготвени специјалитети.
Порција пастрмка од 350 грама со гарнир, на пример, во популарен ресторан во центарот изнесува 250 денари, додека за истата во Охрид, ќе бидете среќни ако ја најдете за 900 денари. Сортните вина од наши познати винарии, кои во Охрид во рестораните се нудат од 1.200 денари, па нагоре, во Дојран изнесуваат само 500 денари.

Богати салати по цена од 150 денари, вкусни десерти за помалку од 100 денари, 350 грама крап со гарнир за 350 денари, црвеноперка за 250 денари, специјалитети од морски плодови за 500 денари, тоа е дел од мени понудите во повеќето дојрански ресторани, поради што и не изненадува што се чека во ред за слободна маса.

На шеталиштето, актуелни се палачинкарите, а две палачинки со Нутела изнесуваат 100 денари. Се продаваат крофни, локумадес, разни видови на сладолед со почетни цени од 10 денари.

Многубројни се тезгите со сувенири, играчки, а годинава на шеталиштето се присутни и фризерките кои прават африкански фризури на самото место. Дојранското вовче, исто така е атракција, привлечна за најмладите, кои уживаат во возењето низ центарот на Дојран.
Угостител од Дојран, со кого разговаравме, вели дека ова е најраздвижениот септември откако знае за себе.

-Придонесоа ваучерите за туризам, но и со реални цени ги привлековме гостите. Некои остануваат и по една недела, некои се овде на еден ден. Сакаме да ја вратиме старата традиција, да се доаѓа во Дојран, а тоа не е можно ако ги кренеме цените до небо. Вака, кој еднаш дошол и видел, сигурно пак ќе ни дојде – вели угостителот и додава дека туризамот не смее да биде бизнис само во рок од два месеци на лето, туку треба да се мисли долгорочно и да се наоѓаат начини да се привлекуваат туристи во тек на цела година.

Наредната недела во Дојран повторно се очекува зголемен број на посетители, бидејќи ќе се одржи првенството во триатлон, односно прв триатлон во земјава од почетокот на пандемијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости