Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, порача дека очекува „ригорозен став“ на Москва за состојбата во Босна и Херцеговина и Република Српска, објави „Н1“.
Лидерот на СНСД побарал од Путин Русија во Советот за безбедност на ОН да ги оспори одлуките на високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, кого властите на Република Српска не го признаваат и го сметаат за нелегален.
Додик ова го изјави по средбата на делегацијата на Република Српска со Путин во Москва, каде што српските функционери од БиХ беа меѓу малкуте странски делегации кои присуствуваа на воената Парада на победата на Црвениот плоштад – централната руска свеченост со која на 9 мај се одбележува победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
-Средбата потврди дека Руската Федерација во континуитет, без двоумење, во Советот за безбедност ги изнесува своите ставови поврзани со ситуацијата во Република Српска и БиХ – изјави Додик за медиумите од Република Српска.