Абази: Работевме професионално, без надворешни влијанија

by valentina 14:13
14:13

Поранешниот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази,  се враќа на работа во Вишото обвинителство во Гостивар, откако на неговата шефовска позиција дојде обвинителката Искра Хаџи Василева.  Абази оцени дека во текот на неговото раководење обвинителството работело професионално, законски и без надворешни влијанија.

При заминувањето од функцијата, Абази посочи дека зад себе остава обучени јавни обвинители и функционален истражен тим, кои, како што рече, можат да одговорат на предизвиците и надлежностите на ова обвинителство. Тој изрази очекување дека обвинителите и во иднина успешно ќе постапуваат под раководство на новата шефица, Искра Хаџи-Василева.

-Јас сметам дека сме работеле професионално, законски и објективно, непристрасно, без надворешни влијанија. Зад себе оставам добар тим на јавни обвинители, стручни јавни обвинители, обучени јавни обвинители кои можат да одговорат на предизвиците и надлежноста во тоа обвинителство, изјави Абази.

Прашан за пропаднатиот предмет за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“, кој беше затворен од обвинителството со кое шефуваше, но потоа повторно беше  вратен во работа по одлука на Вишото скопско обвинителство, Абази рече:

-Па не е само тој предмет. Во обвинителството се носат одлуки и оштетените имаат право на жалба. Затоа е тука вишото јавно обвинителство.  Доколку утврдат дека нешто е пропуштено се даваат насоки, се задолжуваме да постапуваме по нив. Откако ќе се прибават сите докази и дејствија кои се побарани од повисокото јавно обвинителство, тогаш ќе се донесе јавнообвинителска одлука, рече Абази.

Инаку случајот „Мазутот во ТЕЦ Неготино“ беше за афера тешка 167 милиони евра, а истрагата се затвори по одлука на обвинителката Катерина Коларевиќ. Случајот повторно „оживеа“ откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ. Предметот е вратен во ОЈО ГОКК со налог да се приберат дополнителни податоци од институциите и да се нарачаат нови вештачења за да се утврди евентуална кривична одговорност.

В.В.

 

Слични вести