До Нова година, Груевски ќе одговара за своите злодела!

by Фокус

Интервјуто е објавено во неделникот „Фокус“ на 24 јули 2015 година

архиваЛидерот на опозицијата, Зоран Заев, во своето прво интервју по договорот од Пржино изнесува низа детали од договорите. Зборува за очекувањата од наредниот период, за начините на кои, како што вели, ќе се демократизираат институциите. Се чини дека клучната улога во овој процес му ја дава на новиот специјален обвинител.

„Јас сум убеден дека по сите 32 пријави што ги поднесовме има елементи за обвинение. Власта прво велеше било лепено и креирано. Сега не вели тоа, вели индикации само имало. Но, „Космос“ не е индикација. „Космос“ е срушен. Изборните манипулации што се слушнаа во бомбите не се индикација, па нив ги има и во извештаите на ОБСЕ-ОДИХР, „Мост“, „Цивил“. Прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски не е индикација, туку факт“, вели лидерот на опозицијата

Разговараше Младен ЧАДИКОВСКИ

ФОКУС: По договорот од Пржино, кои се гаранциите за неговото спроведување, зашто ЕУ во голема мера си ја заврши својата работа, не очекувам дека во следниот период ќе го следат секој чекор на двете страни. Очекувате ли опструкции од страна на власта?

ЗАЕВ: Повеќе од 9 години ние се научивме да опстојуваме со опструкции. Овојпат домашната јавност треба да биде најсилен гарантор на тоа што е потпишано. А договорот е прилично јасен. Секако, големите пријатели на Македонија, ЕУ и на САД, тие што го помогнаа целиот процес ќе бидат конечни гарантори на спроведување на договорот, да помогнат за разјаснување на евентуално различни толкувања или нејаснотии. Ако има различни мислења, пресекува меѓународната заедница. Таа беше присутна кога го постигнавме договорот и во самиот дух на договорот тие секогаш ќе бидат тука за да бидеме на чисто ако нешто е нејасно.

ФОКУС: Клучна точка е можеби изборот на специјалниот јавен обвинител, имате ли на ум човек кој би можел да застане на оваа функција?

ЗАЕВ: Иницијативата ќе биде од наша страна, но покрај нас тука е извештајот на Прибе, кој треба да помогне до конечно имплементирање на сите препораки што треба да доведат и до независност на правосудните органи. Специјалниот јавен обвинител (СЈО) е тој што ќе управува со сѐ што е поврзано со прислушувањето и со сѐ што произлегува од објавените разговори. СЈО ќе ги има сите докази што ги поседуваме и очекуваме и нови кривични пријави. Јас како лидер на СДСМ нема сам да трагам по таа личност, очекувам да се одважат стручни интелектуалци, кои ќе се наметнат со својот авторитет и врз Заев, Груевски, Ахмети и Тачи, но и врз јавноста. Нема да биде лесно решението, треба да ги охрабриме тие луѓе да се номинираат. Тоа е историска шанса да остават трага, да ја вратат независноста и довербата во судството и во правдата.

ФОКУС: Ќе има ли овој обвинител тим, услови за работа?

ЗАЕВ: Ќе има целосна независност, обезбедени кадровски, просторни и технички услови. Сето она што ќе му обезбеди независност. Имајќи предвид со каков обем на материјал ќе се справува, ќе мора да има свој тим. Затоа се враќаме на 1 септември во собрание, а обвинителот го избираме најдоцна на 15-ти. Во тие 15 дена ќе се подготви и изгласа законското решение за негова целосна автономија. Од успехот на ова решение и домашната и меѓународната заедница ќе може да видат дали чекориме кон независни правосудни институции.

ЌЕ ОДГОВАРААТ И ЗА „КОСМОС“, ЗА ИЗБОРИТЕ, ЗА СЛУЧАЈОТ НЕШКОСКИ…

ФОКУС: Очекувате ли обвинителот во скоро време да излезе со конкретни обвиненија за случаите од бомбите?

ЗАЕВ: Нормално. Еве, да тргнам од „Пуч“, обвинителот, за неполни 30 дена, успеа да поднесе обвинителен акт, во прилично комплексен предмет со 5 луѓе во затвор, со обвинет лидер на опозиција, со обемен доказен материјал, не само од наша страна, имаше и од обвинителството. Ако тој можел за 30 дена да подготви обвинение, еве оставам простор за 3 месеци да има обвиненија и од СЈО. Тоа е сосема доволен простор за поднесување обвинителен акт или за отфрлање обвинение. За да може да се случи тоа, битно е какви ресурси и капацитети ќе има. Улогата на СЈО е да носи одлука или да отфрла пријави. Јас сум убеден дека по сите 32 пријави што ги поднесовме има елементи за обвинение. Знаете, власта прво велеше било лепено и креирано. Сега не вели тоа, вели индикации само имало… но „Космос“ не е индикација. Премиерот поттикнал и организирал рушење на објектот. „Космос“ е срушен. Еве ги парцелите на Водно за кои зборуваше, сакаа да градат, па еве ги, градат. Изборните манипулации што се слушнаа во бомбите, па нив ги има и во извештаите на ОБСЕ-ОДИХР, „Мост“, „Цивил“, сѐ е документирано. Прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски не е индикација. Тоа беше табу-тема што се расветли. За да ги сочуваат своите луѓе и своите позиции, до крај биле спремни да одат Груевски и Јанкулоска, само да се одржат на своите фотелји. Сите индикации во овој случај се јасно, конкретно и прецизно докажливи, треба храбар, решителен човек кој ќе ги постави првите чекори на независното правосудство како темел на демократските општества во секоја земја.

ФОКУС: Оставен е простор за различни толкувања. Дали и „Пуч“ влегува во делокругот на работа на новиот Јавен обвинител?

ЗАЕВ: Сѐ што е поврзано со прислушувањата. И сѐ што произлегува од нив е негова надлежност. Не само “Пуч“ и разговорите, туку и ако новинарите, невладините организации, бизнисмените, како што најавија, покренат тужбени постапки да си ја бараат правдата. Сѐ тоа е надлежност на СЈО. Очекувам и како човек и како политичар независна истрага, и апелирам, ако Заев и луѓето околу него се виновни – да одговараат, но ако Груевски и неговите се виновни – и тие да одговараат! Поштеда не смее да има за никој.

ФОКУС: Со оглед на состојбата во судството, што може обвинителот без судии со кредибилитет? zoran-zaev1

ЗАЕВ: Сите во судството не се без кредибилитет. Еден дел се директни извршители на власта, еден дел се под секојдневен притисок од власта, а има некои што се спротивставуваат на притисоците. Во целиот овој период многу е важно да се постапи по извештајот на Прибе, особено на поглавјата 23-24 со ЕУ. Мора да има имплементација на овие препораки и видливи чекори кон враќање на демократските институции, прво во судството и во медиумите.

ФОКУС: Дали по враќањето во парламентот ќе инсистирате на промени во Судскиот совет или сметате дека самите судии ќе се ослободат од притисокот?

ЗАЕВ: Апсолутно, дел од независноста ќе ја донесат персонални промени, дел процедурални промени во делот на изборот. Но, луѓето што биле извршители на власта во Судскиот совет, во Врховниот суд,  претседатели на судови, тие не може да бидат решение на проблемот со независноста на судството. Тие се потврда за зависноста на судството како главни извршители на власта. Кадровски промени мора да има.

ФОКУС: Ќе ги барате по враќањето во парламентот?

ЗАЕВ: Ние веќе ги бараме во работната група која договара и преговара за имплементација на препораките на Прибе. Од ова ќе имаме трајна придобивка. По изборите во април ќе остане патоказот. Како ќе ги поставиме сега темелите, така ќе функционира Македонија и во иднина. Дали сакаме демократска земја или не?

ФОКУС: Веќе кажавте дека неемитуваните материјали одат кај новиот Јавен обвинител. Можни ли се и други кривични пријави?

ЗАЕВ: Сите одат кај ЈО. Има работна група што треба да ги подготви кривичните пријави согласно необјавениот материјал од „Вистината за Македонија“. Мора да се обезбеди транспарентност, „Монструм“, А1 телевизија, за лустрацијата, пописот, сите овие материјали ќе одат кај обвинителот и тие на тој начин ќе допрат до јавноста и ќе бидат процесуирани од независни јавни институции. Но, треба да знаат граѓаните, нема таков материјал кој е толку прецизен и јасен за со сигурност да кажеме дека на некои луѓе ќе им биде решена судбината од тие материјали. Тоа ќе го оценуваат институциите на чело со обвинителот, особено ако има материјал кој може да имплицира сосема поинаков расплет за одредени ситуации.

НИ ГРУЕВСКИ НЕ САКАШЕ ДА СИ ЗАМИНЕ, ПА СИ ЗАМИНУВА

ФОКУС: Верувате ли во политичката волја за промени? Само ден по договорот во Пржино, Верушевски беше осуден за нелегално чување оружје, новинари тепаат кој каде ќе стигне, палат автомобили на неистомисленици. нели сметате дека политичката волја за ослободување на институциите е на прилично ниско ниво?

ЗАЕВ: Немаше политичка волја ни да си замине Груевски, немаше политичка волја ни за оставки во Владата, па еве ги. Трпението е важно. Верувам во тие универзални вредности. Борбата е правична и треба внимателност од можни намери за изигрувања на договореното и дефокусирања. Верувајте, и на тие поданици што се во власта или што зависат на некој начин од власта, не им е лесно да бидат клиенти на фирерот, никој не сака таков живот. Никој од СДСМ не треба да биде должен, ниту на Заев. Оваа принципиелна битка ќе даде резултат.

ФОКУС: Дури и да попушти притисокот врз МРТВ, гледаноста на таа ТВ е прениска. Како ќе оди СДСМ на избори во Zaev27042014медиумска слика, која продолжува секојдневно да ги меле политичките противници?

ЗАЕВ: Некој ќе рече премногу верувам, но плодовите од таа нормализација мора ги почувствуваме. Верувам дека во соодветните рокови ќе се активираат решенија по препораките на Европа, обврската е на сите нас граѓаните, најмногу на политичарите да го обезбедат тоа. Власта ќе прави опструкции, но механизмите мора да профункционираат. Секој кој поседува национална коцесија има одговорност и има етичка одговорност за професионализам, исполнети стандарди, балансирано известување.

ФОКУС: Како ќе се дојде до тоа?

ЗАЕВ: Има механизми, институциите што досега не си ја вршеле работата, отсега ќе ја вршат. Агенцијата за аудио-визуелни медиумски услуги, МРТВ, Заводот за ревизија, еден куп институции може да бидат коректив. Тие не само што можат да откријат криминал, туку и неетичноста во сегментот на медиумите е казнива со закон. МТВ мора да биде независен медиум. Постојат плејада решенија, ние не бараме МТВ да биде под контрола на СДСМ. Бараме независна куќа со независни вести, со дебати.

ФОКУС: Разговарате ли за МРТВ?

ЗАЕВ: Да. Одредени решенија беа ставени на маса, некои беа прифатени и од наша страна и од власта. Работните групи ќе треба да прецизираат. Тие се потврдени и неколку варијанти потврдивме.

ФОКУС: Каде ќе бидат првите промени?

ЗАЕВ: Во МРТВ и во Агенцијата за медиуми. Таа има импакт врз сите национални концесионери. Не зборуваме само за МРТВ. Одговорноста на МРТВ е дополнителна, сите плаќаме за неа, но и националните медиуми имаат обврска по закон. Има три конкретни забелешки на ОБСЕ-ОДИХР што се однесуваат за еден медиум, а тоа е „Сител“ и никој не постапува. Треба и ќе се постапува и за незаконитост во работењето и за оценка на етичноста во тие медиуми, што натаму ќе влече последици и за медиумот и за поединци во медиумот.

ФОКУС: Социјалните мрежи на некој начин зазедоа дел од просторот на телевизиите, но дури и ИРИ покажа дека една стожерна телевизија која јасно и професионално ќе ги детектира состојбите на теренот е неопходна за да може да се намали влијанието од пропагандата. Сите не се на интернет, особено во помалите средини и особено постарите лица?

ЗАЕВ: Една од улогите на МРТВ е таа. Гледаноста е мала, навистина, ама зашто власта ја узурпираше и ја уништи со својата Гебелсова пропаганда. МРТВ емитува секаде низ Македонија. За разлика од другите телевизии таа треба да биде коректив на општеството и коректив на уредувачките политики на другите медиуми, што не мора да ни се бендисуваат, но мора да бидат елементарно професионални.

ФОКУС: Скептик сум, а веќе претпоставувам што ќе ми одговорите. Можно ли е ова да се направи за 6 месеци?

ЗАЕВ: Јас не очекувам до крајот на оваа година да имаме идеално општество. Овие медиуми, национални концесионери ме масакрираат не само мене туку и моите деца. Тоа го прават и со други, кои не се послушници на власта. Но, oчекувам видливи исчекори од есен. Додека дишам ќе вршам притисок да обезбедам независност на институциите во Македонија.

СТАВАМЕ КРАЈ НА ДЕЛБИТЕ ВО СДСМ

ФОКУС: ИРИ имаше извештај во кој беше искажано големо незадоволство од владата на Груевски. Ако се направи паралела со едно слично истражување од 2011 година, резултатите се прилично блиски, но тоа не беше доволно за победа на опозицијата. Кои се следните точки на кои ќе работи СДСМ?

ЗАЕВ: Програмата и визијата за Македонија. Во април 2016 година, граѓаните ќе бидат пред крупна одлука. Уште 4 години за диктаторот или промена на состојбите. Не е доволно само разобличување на грдото лице на власта, туку и конкретна, прецизна и јасна програма. Ја имаме, а детално ќе ја презентирам со персонални решенија, кои градат доверба кај мнозинството граѓани. Сето она што го направивме со Граѓаните за Македонија, мултиетничноста, борбата за една држава-едно општество се гарант дека СДСМ ќе се одважи и ќе ги надмине своите лични и персонални амбиции. Имаме должност, кредибилни персонални решенија, да негуваме надеж дека тоа што ќе го ветиме, ќе го исполниме. Истовремено, визијата во нашата програма треба да покаже достоинствена иднина за сите и тие што живееме тука и тие што си заминале, да ги вратиме. Понудата е пресудна алатка и моментум кон кој ќе се движиме.

ФОКУС: Ви забележуваат низа слабости во партиското функционирање. Незадоволни општински комитети. Дали средувањето на внатрепартиската инфраструктура е една од тие точки?

ЗАЕВ: Се одвикнавме од внатрепартиските дебати, но тие се квалитет, тие се важни за за партијата, за државата. СДСМ е демократска партија и го негуваме тој дух и во општинските организации. Опозицијата има организациска и структрна поддршка да успееме во она за што се залагаме.

ФОКУС: Но, се има впечаток дека тие носеа повеќе штета отколку корист за СДСМ. Бранковата струја, условно речено, е сѐ уште незадоволна, или барем таков впечаток има јавноста. Имате ли концепт за обединување на заевистите и бранковистите, зашто незадоволството се пресликува на терен?

ЗАЕВ: Не гледам делби, посебно последнава половина година чувствувам промени кон вистинско единство. И Бранко Црвенковски и многу наши познати социјалдемократи кои не се во раководството се тука, во партијата и даваат придонес во различни работни групи. Ќе бидат дел и од работните групи што допрва ќе се формираат. Една од работите во коишто успеа режимот е да го обедини СДСМ. Денес сме обединети повеќе од кога било. Чувствувам позитивен дух и тоа ќе го унапредуваме. Секој треба да е вграден во системот на СДСМ. Така СДСМ ќе биде посилна и помоќна. Изградивме и мултиетнички пораки на единство, вбризгавме надеж за општеството кое се обедини, направивме коалиција со над 80 граѓански организации, заедно функционираме и си помагаме. Има многу интелектуалци, десничари во фронтот заедно за Македонија.

ЌЕ ГО ПРЕВРТИМЕ БУЏЕТОТ НАОПАКУ

ФОКУС: Узунов си замина од потпретседателската функција. Дознавте ли зошто? Кај него се виде едно разочарување што и по 40 бомби нема помрднување во рејтинзите?

ЗАЕВ: Jaс разговарав со Ванчо Узунов, ми потврди дека оставката што ја поднесе е од лични причини, но тој останува целосно посветен на партиските активности, ќе ги предводи комисиите што се во негова професионална надлежност и ќе биде активно вклучен во сите сегменти во партијата, каде што може да го даде својот придонес.

zaevФОКУС: Многумина во изминатиов период Ве критикуваа поради тоа што СДСМ сѐ уште нема конкретна понуда, што ќе прави ако ја преземе власта. Обично, во сите пресврти на политичката сцена во време на избори е потребна некаква тригер-понуда, Милијардата на Циле, По еден вработен од секое семејство, Преродба со конкретни дела и слично. Размислува ли СДСМ за ваква кампања?

ЗАЕВ: Вие знаете дека имаме Програма за враќање на средната класа, така што воопшто не е точно тоа дека не сме имале програма. Тоа е една од излитените фрази со коишто власта врши пропаганда за свои цели преку медиумите под контрола. Но можам да кажам дека Платформата на новата Програма, којашто ќе содржи дополнувања и нови решенија е при крај, на неа работат многу посветено нашите работни групи. Ја чешламе од збор до збор. Многу се радувам што ја имаме и се надевам дека решенијата што ќе се најдат во неа и што носат подобар живот ќе успееме да ги доближиме до секој граѓанин. Намерата е на крајот на летото или на почетокот на есента да биде разгледана на програмски Конгрес на партијата. И интелектуалци и експерти ќе работат на нејзино подобрување до ниво на една лево ориентирана партија. Сите решенија во Програмата се дијаметрално спротивни од ова што денес го имаме, освен решенијата што ги украде власта од Програмата на СДСМ. Ние веруваме во општество каде што граѓаните се носители на идинината. Ако граѓаните имаат пари, ќе има и државата. Ако се граѓаните финансиски достинствени, тие ќе бидат и борци за слобода и демократија, ако се сиромашни нема слобода, власта ги претвора во човечиња. Ако граѓаните се главни критичари ќе имаме и демократски институции и одговорна власт. Веруваме во ваков концепт на правично општество, на социјална правда, концепт различен од овој на Груевски.

ФОКУС: Многу нешта во економијата зависат од структурата на буџетот…

ЗАЕВ: Буџетот ќе го превртиме наопаку. Буџетот ќе биде редистрибутер на националното богатство, ќе ја вратиме средната класа. Имаме одлична програма, и тоа е една од причините за мојата храброст. Она што останува пред нас е да ја доближиме до граѓаните, за да знаат што е алтернатива на оваа забегана власт.

 ВМРО И СДСМ МОРА ДА СЕ СОГЛАСАТ ЗА ПРОМЕНА НА ИЗБОРНИОТ МОДЕЛ

ФОКУС: Во Хрватска, социјалистите се вратија на власт со коалицијата Кукурику, во Србија ДОС ја обедини сета незадоволна јавност. Што ќе се случува во Македонија?

ЗАЕВ: Нашата отвореност веќе ја демонстриравме, почитувана е од дома, исто така и од меѓународната заедница. Верувам дека ова што досега го направивме со Граѓаните за Македонија е ширење на фронтот. Во движењето има над 80 организации, 16 партии, независни движења, интелектуалци. Македонија е мултиетничка земја и верувам дури и во предизборни меѓуетнички коалиции, ако има заеднички гледишта за клучните прашања за граѓаните и државата. Испраќаме порака и до оние кои се дел од власта, до подржувачите, да се охрабрат и да пристапат, зошто, многумина од нив не се согласуваат со власта.

ФОКУС: Што мислите за можното обединување на партиите на Трајанов, Поповска, Величковски, Кекеновски и Лазаревик. Како тоа ќе влијае врз вашата изборна тактика?

ЗАЕВ: Охрабрувам секакво зајакнување на борба против режимот. Ако тие одлучат да се обединат, спремни сме заедно да соработуваме за нови коалиции, ако имаме иста визија и цел. Кај нас вратите се отворени за соработка. Не гледам никакво загрозување на позициите на СДСМ од какви било прегрупирања ако се со конечна цел режимот да замине.

ФОКУС: Можна ли е промена на изборниот модел? За кој модел се залагате Вие? Шест, три или една изборна единица?

ЗАЕВ: Дебатата во СДСМ е отворена и ние мора да градиме ставови за изборниот модел, изборните единици, за прашања што гарантираат враќање на инститиуиите.  Една од тие е Парламентот. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ мора да се подготвени да го демократизираат амбиентот. Не ни треба нов Груевски. За да се случи тоа, мора да има коректив на извршната власт, таму мора да седат пратеници што ќе бидат коректив на власта кога е потребно и кои власта ќе ги почитува. Ако Парламентот стане коректив на власта, наместо таму да седат послушници, сме направиле голема работа.

За да се случи тоа мора да сме отворени кон можноста за промена на изборните модели и изборните едници. Мојот личен став е промена и на изборниот модел и на изборните единици, во функција на демократизација на институциите и на Парламентот. Ова го отворам и пред моите социјалдемократи, а набрзо ќе се одлучува и на работните групи со ВМРО-ДПМНЕ. Многу брзо, во почетокот на август ќе има одлуки околу изборниот закон. Ќе се разговара и за моделот за единиците и за дијаспората.

ФОКУС: Остануваат ли пратениците од дијаспората?

ЗАЕВ: Сите овие прашања се делумно отворени и треба да се разговараат. Не се дефинирани, но јавноста притиска за промени. Власта на Груевски е клиентелистички-хибридно режимски поставена, но постојат механизми што ќе ја постигнат целта, тој да не може да прави злоупотреби.

Целта на СДСМ е исконска и универзална, да ги вратиме слободата, демократијата, правдата и од тоа се водиме во решенијата за сите отворени прашања.

ФОКУС: Имаше шпекулации дека во текот на преговорите сте му рекле на Груевски, „Јас си заминувам од политиката, замини си и ти“?

ЗАЕВ: Толку е чиста целта за која се борам, што не постои каква било калкулација за постигнување на тие цели. Многу пониско на скалилото е мојата позиција од поголемите цели. Секогаш беше тоа на маса. Имаше и една шега. „Заев организира протест, Груевски организира протест, Заев организира камп, Груевски камп, Заев вели оставка, Груевски вели, не претерувај бе, Заев“.Подготвен сум за битка, дотогаш, додека не се најде некој поголем гарант, кој може повеќе да постигне, но нема да правам ќеиф или атер на некој со моето заминување, без разлика дали е тоа мојот политчки противник или некој друг. Пак ќе речам, за главната цел подготвен сум на големи жртви.

 

Рамка 1

РЕЖИМОТ НЕ ПАДНА ЗА ТРИ ДЕНА, АМА МУ СЕ ГЛЕДА КРАЈОТ

ФОКУС: Пред бомбите велевте дека Груевски ќе даде оставка за 3 дена, а до оставката ќе минат 333 дена, дали сте задоволни?

ЗАЕВ: Тоа што го кажав важи за секоја нормална земја каде што постои етичност и морал. Груевски со непреземањето чекори направи огромни штети врз себе и врз политичката партија што ја води и тоа скапо ќе го чини ВМРО-ДПМНЕ, но се надевам за арно. За да не се повтори повеќе тој дел за отсуство на одговорност. Мора да ја има. Ако првите луѓе не чувствуваат одговорност, како тоа ќе се одрази надолу, по вертикала.

Не даде Груевски оставка за 3 дена, но во ваков хибриден режим сум апсолутно задоволен што за 6 месеци добивме преодна влада, предвемени избори, заминување на Груевски, препораки што треба да се имплементираат и на крајот и Специјален обвинител, кој е главниот демократски исчекор кон градење силни институции. Не е крај, има уште многу работа. Јас ги направив овие чекори, некој ги поддржа, некој не, но сега секој треба да преземе чекор, ако немо молчат и при очи не гледаат, а при уши не слушаат, никој нема да ни ја врати државата во нормала. На потег се граѓаните, согласно вербата во иднината на државата. Ќе мора да одлучат дали ваков хибриден режим и десетгодишно постоење заслужува уште 4 години.

 

Рамка 2

НЕМА ПАЗАР ЗА МРТВ, МОРА ДА СЕ ОСЛОБОДИ ОД СТЕГИТЕ

ФОКУС: Во делот на МРТВ се спомена решение, првиот канал да остане како што е, а да се ослободи нов канал и да ѝ се даде на опозицијата, или на слободоумната јавност, но не ми изгледа логично вакво решение. Нели тоа е повторно поделба?

ЗАЕВ: Не, ние сакаме МРТВ за Македонија да биде како ХТВ за Хрватите. Јас прифаќам критика и кога сум опозиција, а уште повеќе ќе ме радува ако ја имам како власт. Не сакаме пазарење, овој канал за владата, овој за опозицијата. Не, МРТВ треба да биде целосно независен медиум што ќе ја одигра својата клучна улога на коректор. Нема да има пазарење, МРТВ мора да понуди простор, не само за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку за сите, и аналитичари и експерти и помали партии. Мора да биде непристрасен медиум, за сите партиципиенти во опшетството.

 

Рамка 3

ЌЕ ИМА РЕВИЗИЈА НА ЛУСТРАЦИЈАТА

ФОКУС: Согласно препораките на Прибе, владата го укина Законот за лустрација. Сметате ли дека треба да се оди чекор натаму, во ревизија на лустрацијата? Таму имаше луѓе што по никоја основа не треба да бидат лустрирани?

ЗАЕВ: Дел од луѓето што се лустрирани побараа да им доставиме докази од разговорите и им ги доставуваме. Тој материјал е доказ дека лустрацијата беше лов на вештерки, да се расчисти со неистомислениците. Драго ми е што се укинува. Огромен процент на граѓаните се неправично лустрирани, тие треба да се борат до крај, до Стразбур, и ќе го добијат процесот. Но, не само поединечно, туку и системски, сите овие неправди што се направени, поради поделби, реваншизам и одмазда, мора да се рехабилитираат луѓето. Значајни личности од историјата се влезени во лустрацијата, осведочени демократи, интелектуалци, новинари…

ФОКУС: Не треба да остане таков белег…

ЗАЕВ: Така е, не сакам моите деца да мислат дека сум бил кодош, а не сум. Ревизија на процесот на лустрација ќе има.

 

Поврзани новости