Сè повеќе земји ширум Европа нудат значајни финансиски стимулации за оние што се подготвени да го напуштат животот од „девет до пет“ и да започнат од нула во некое мало, запоставено место.
Според Daily Mail, некои од најдарежливите понуди се токму на европскиот континент – дел доаѓаат и од земји кои туристите од Балканот веќе ги обожаваат.
Италија – до 30.000 евра за семејства
Италија, која годишно ја посетуваат над 57 милиони туристи, нуди речиси 30.000 евра на семејства кои ќе се преселат во сè попразните региони. Програмите се насочени кон повторно населување на селата што страдаат поради масовната миграција на младите Италијанци во големите градови.
Една од најатрактивните понуди е во живописната Калабрија, каде новите жители добиваат над 25.000 евра ако се преселат во едно од деветте мали села. Во Песиче-Акуарица, во „петицата“ од италијанската чизмичка, се нудат до 30.000 евра, но со услов: кандидатите да не се постари од 40 години и да се преселат во рок од 90 дена од одобрувањето.
Дополнително, секој што ќе се всели мора или да започне бизнис корисен за заедницата или да пополни недостиг на стручни кадри во селото.
Швајцарија – околу 21.000 евра, но со сериозни обврски
Албинен, село со поглед кон Алпите, веќе неколку години станува вирален хит поради програмата со која им плаќа на новите жители. Но, понудата доаѓа со сериозни услови.
Секој што ќе аплицира мора:
-да вложи околу 200.000 франци во куќа во селото,
-да е помлад од 45 години,
-да се обврзе дека ќе живее таму најмалку 10 години.
Тековната сума изнесува околу 21.135 евра по лице.
Ирска – до 83.000 евра за обновување куќа на остров
Ирската програма „Our Living Islands“ нуди до 83.240 евра за сите што ќе реновираат напуштени или руинирани куќи на 23 мали острови долж западниот брег.
Овие острови имаат само 2.734 жители во последната деценија. Најпознати од нив се Аранските острови – Инишман, Инишер и Инишмор – каде се снимаше дел од филмот „The Banshees of Inisherin“.
Понудата е отворена и за неирски државјани, но со неколку строги правила: куќата мора да е изградена пред 2007, да е празна подолг период и локацијата да е на остров без копнена врска.
Грција – бесплатна куќа и 500 евра месечно
На малото островче Антикитера, Грција нуди поинаква шема: бесплатна куќа, земјиште и месечна стипендија од 500 евра во период од три години. Програмата ја финансира Грчката православна црква и е насочена кон враќање на животот на островот со минимално население.
Целта е да се привлечат млади семејства и професионалци во земјоделството, рибарството, туризмот и работа на далечина.
Шпанија – околу 3.000 евра за преселба во Понга
Понга, мал град во северозападна Шпанија со околу 600 жители, им нуди на новите доселеници околу 3.000 евра по лице. Покрај тоа, општината обезбедува уште околу 2.600 евра за секое новородено дете.
Но, и оваа понуда има услов – новите жители мора да останат во Понга најмалку пет години.
Додека многумина со сон за мирен живот ги гледаат овие програми како идеална можност, секоја од нив има свои правила, обврски и „ситни букви“ кои треба внимателно да се разгледаат. За некого – ова е шанса за нов почеток, за другите – прескапа авантура.